Македонија
Бугарија не ја трга блокадата за Македонија, но го пофали прогресот на Албанија
Бугарија го потврди својот став за европската перспектива на Република Северна Македонија на денешниот редовен состанок на Советот за општи работи во Луксембург, притоа останувајќи отворена за конструктивен дијалог со претстојното словенечко претседателство со Советот на ЕУ, за изнаоѓање заемно прифатливи решенија, соопшти попладнево Министерството за надворешни работи во Софија.
Бугарија на состанокот беше претставена од заменик министерот за надворешни работи, Румен Александров.
Александров посочил дека Бугарија продолжува со консултациите со Северна Македонија за спроведување на Договорот за пријателство и добрососедство.
„Ова вклучува експлицитно откажување на Република Северна Македонија од територијални, малцински и историски претензии кон Бугарија, промена на натписи/споменици кои влеваат омраза кон Бугарија во Република Северна Македонија, активирање на процес на рехабилитација на жртвите на југословенскиот комунизам, репресирани заради бугарската самосвест. Без оглед на нашиот билатерален дијалог со Република Северна Македонија, Бугарија инсистира на тоа дека спроведувањето на Договорот за соседство од страна на Република Северна Македонија да биде вклучено меѓу условите во идната рамка за преговори за пристапување на Скопје во ЕУ“, рекол заменик министерот Александров.
Истовремено, тој ги пофалил достигнувањата на Албанија во реформскиот процес и ја потврдил поддршката за усвојување на рамката за преговори на Тирана со ЕУ.
Сепак, и Албанија останува заглавена како еден вид колатерална штета на бугарската блокада, бидејќи иако сите 27 земји-членки се согласни дека Тирана ги исполнува сите услови за одржување на првата меѓувладина конференција, тие се држат до принципот дека двете земји не треба во овој дел од процесот да се одвојуваат.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
(Видео) На улиците на Техеран, Иран, се слави убиството на Али Хамнеи
Со музика и танцување вечерва жителите на многу ирански градови слават за убиството на лидерот на Исламската Република, ајатолахот Али Хамнеи, објави на социјалните мрежи „Иран интернешнл“.
Видео од Техеран покажува насмеани луѓе излезени на улица откога ја добиле веста дека Али Хамнеи е убиен.
Во Караџ голем број граѓани танцуваат на улица, а жителите пак на Бандар Абас се излезени на улиците со автомобили и слават со сирените.
86-годишниот Али Хамнеи беше на власт речиси четири децении, од 1989 година. Имаше врховна власт, владееше со владата, со војската и со судството во шиитската Исламска Република.
Македонија
Родителите на децата загинати во Пулс порачаа дека правда мора да има
Родителите на загинатите во трагичниот пожар во „Пулс“ поладнево на „Марш за ангелите“ порачаа дека нема да дозволат одговорните за трагедијата на нивните деца да ја избегнат правдата, иако, велат на обвинителната купа седат само дел од лицата поврзани со трагедијата.
-Суштината е одговорноста. Факт е дека денес на обвинителна клупа седат дел од лицата поврзани со трагедијата. Но, исто така факт е – болен, непобитен факт – дека постојат луѓе со многу поголема моќ, обврски и надлежности, кои воопшто не се ни опфатени. Луѓе кои имале должност да спречат, а не спречиле, рече Александар Наунов, претседател на Здружението на граѓани „16 Март 2025 Кочани“.
Тој, во изјавата за медиумите, истакна дека се најавува свикување колегиум на обвинителите за повторно разгледување и евентуално ослободување на дел од обвинетите.
-Колегиумот (на обвинители) може да прегледува документи, но не може да брише факти, не може да брише пропусти, не може да брише нечии должности што биле игнорирани. Не може да избрише нечие непостапување кога тоа било прашање на живот и смрт, смета претседателот на ЗГ „16 март 2025 Кочани“.
Според Наунов, суштината не е во тоа кој трчал, кој се плашел, а кој спасувал, туку кој имал должност, а не ја извршил.
-Ние не сме овде за одмазда. Ние сме овде за правда. За ред. За систем што ќе ги штити децата – не систем што ќе ги остави да загинат. Родителите никогаш не се откажуваат. Можеби ќе нè уморите, но нема да нè скршите. Можеби ќе не одолговлекувате, но нема да не замолчите. Вистината ќе излезе на виделина, рече Наунов.
Протестниот марш денеска започна од „Паркот на Револуцијата“, а заврши пред Основниот суд и обвинителство во Кочани.
Македонија
Претседателката за утре го свика Советот за безбедност
По извршените консултации претседателката Гордана Сиљановска – Давкова за утре – 1 март 2026 година, закажа седница на Советот за безбедност.
Како што соопштија од Кабинетот на претседателката Сиљановска – Давкова, седницата ќе започне во 18 часот во Вилата Водно, а на дневен ред ќе биде безбедносната состојба во земјава по најновите случувања на Блискиот Исток.

