Македонија
Бугарскиот премиер денеска во Битола ќе отвори библиотека со бугарски историски книги и архивски материјали
Викендов во Македонија ќе бидат отворени две бугарски културни институции. Здружението „Балкански хоризонти“ отвора центар на заедницата во градот Охрид, а новиот клуб на бугарскиот културен центар „Ванчо Михаилов“ ќе биде отворен во градот Битола.
„Наша цел е да им го претставиме бугарскиот начин на живеење и култура на граѓаните на Охрид и на цела Македонија. За таа цел, ќе имаме бугарски списанија, книги, и белетристика и историска литература“, изјави претседателот на здружението, Љупчо Куртелов, за „Бгнес“. Тој прецизира дека „Балкански хоризонти“ ќе организира концерти со учество на бугарски фолклорни ансамбли.
Клуб со библиотека од над 2.000 учебници, историски книги и дел архивски материјали се очекува денеска да отвори бугарскиот премиер Кирил Петков во центарот на Битола. Петков доаѓа заедно со потпретседателката на Бугарија, Илијана Јотова.
На отворањето ќе присуствува и поранешната вицепремиерка и министерка за надворешни работи, Екатерина Захариева.
„Отворањето на реновираниот центар беше планирано одамна, но беше одложено поради почетокот на војната во Украина. Ова реновирање беше можно благодарение на програмата создадена од владата на Бојко Борисов за помош на бугарските заедници и особено на организациите што работат на зачувување на бугарскиот дух“, изјави Захариева за „Бгнес“.
Екатерина Захариева рече дека имаат многу сериозни и сигурни информации оти премиерот се обврзал во мај или најдоцна во јуни да ја одобри преговарачката рамка од Бугарија.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Денес локални врнежи од дожд и снег на планините
Времето денеска ќе биде променливо облачно. Во западните делови се очекуваат повремени локални врнежи од дожд, а на повисоките планини од снег. Ќе дува умерен, наместа повремено засилен ветер од јужен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од -8 до 1 степен, а максималната ќе достигне од 6 до 12 степени.
Во Скопје времето ќе биде променливо облачно, со повремен слаб дожд во делови од котлината. Ќе дува умерен ветер од јужен правец. Минималната температура ќе се спушти до -4, а максималната ќе достигне до 8 степени.
Од УХМР информираат дека под влијание на циклонска активност, во следните денови времето ќе биде променливо облачно со повремени локални врнежи од дожд. Ќе дува умерен до засилен ветер од јужен правец, а температурата ќе биде во пораст.
Македонија
Ледени зрна на одделни патни правци: ЦУК апелира на зголемена внимателност поради заледување на патиштата
Центарот за управување со кризи известува дека денес, во попладневните часови, на одделни патни правци е евидентирана појава на врнежи од ледени зрна, кои предизвикуваат брзо и ненадејно заледување на коловозите, особено во повисоките и планинските предели.
Се апелира до сите учесници во сообраќајот да покажат зголемена внимателност, да ја прилагодат брзината според условите на патот, да одржуваат поголемо безбедно растојание и задолжително да користат соодветна зимска опрема.
Македонија
Градоначалникот на Битола им се придружи на младите бадникари во изработката на бадниковите ѕвезди
Пред дестина дена започнаа подготовките за годинашната Бадникова поворкa која ќе се одржи годинава и во Битола, како и во многу други градови и населени места во Македонија.
На младите бадникари-деца од различни возрасти во подготовката, односно изработката на бадниковите ѕвезди, вечерва им се приклучи и градоначалникот на Битола, Тони Коњановски.
Организаторите на поворката велат дека вредните детски раце неуморно и со љубов и верба во традицијата ги изработуваат овие ѕвезди, подготвувајќи се за Бадник.
На 6 јануари на големиот верски празник Бадник, собирно место ќе биде плоштадот „Магнолија“ од каде ќе се упатат кон Соборниот храм „Св. Великомаченик Димитриј“, а потоа и низ Широк Сокак до Офицерскиот дом каде ќе биде завршниот дел на поворката, велат од Општина Битола.
Организаторите упатуваат повик до сите оние кои што сакаат да бидат дел од Бадниковата поворка на големиот празник да им се приклучат.

