Македонија
Бугарските медиуми: Фондација од Бугарија купи две-третини од куќата на писателот Димитар Талев во Прилеп

Две третини од родната куќа на писателот Димитар Талев во Прилеп купила приватна бугарска фондација „Манол Пејков и пријателите“. Ова е направено за речиси 84.000 евра собрани од донаторите. Преостанатата една третина е во сопственост на лице кое нема желба да ја продаде. Ова го соопштија бугарските медиуми БГНЕС и Нова ТВ.
Претходно, на 26 мај беше објавено дека се урнал дел од покривот на куќата на Талев.
Бугарската фондација информира дека сега треба да се изврши итна поправка на покривот, подготовка на план и тим за реконструкција и реставрација со експерти и градежници од Бугарија и Македонија, назначување на лице со трајна посветеност на одржување и стопанисување со куќата, пречекување луѓе и организирање настани во родното место на Димитар Талев во Прилеп, пишува БНР.бг.
Како што се пишуваше, одлука за стекнување на имотот од страна на бугарската држава била почната уште во јуни 2023 година, но само сопственичката на двете-третини од имотот се изјаснила дека сака да го продаде нејзиниот дел, а во 2023 година цената што таа ја побарала е 100.000 евра. Останатата една-третина е на друг сопственик, кој одбива да го продаде својот дел.
Во Бугарија, Талев се смета за еден од класичните бугарски автори од XX век.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Сиљановска-Давкова: Да продолжиме да градиме силна и кредибилна Армија

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова денеска се обрати на централната свеченост по повод 18 Август, Денот на Армијата, што се одржа во касарната „Јане Сандански“ во Штип.
Таа нагласи дека филозофијата на самоодржливост, наследена од Илиденците и партизаните, претставува темел на македонската воена доктрина.
Сиљановска-Давкова потсети дека Армијата повеќе од три децении ја гради својата приказна како вистински чувар на татковината: од учество во мировни мисии до помош на граѓаните во кризни состојби и затоа ужива највисока доверба меѓу граѓаните.
Според неа, иако безбедносните предизвици наметнуваат потреба од поголеми вложувања во одбраната, тие мора да бидат насочени не само во вооружување, туку и во јакнење на институциите, инфраструктурата, науката, образованието и здравството.
Како можни долгорочни проекти, таа ги посочи изградбата на НАТО клинички центар, Центар за обука на обучувачи на полигонот „Криволак“ и Развој на локалната одбранбена индустрија.
Во обраќањето, претседателката укажа на значењето на Воената академија „Генерал Михаило Апостолски“ како водечка високообразовна и научно-истражувачка институција, како и на потребата од родова еднаквост и спроведување на родовиот акциски план 2025-2028.
Претседателката порача дека Армијата, иако бројно мала, е голема по дух, знаење и љубов кон татковината. Таа е способна да го штити територијалниот интегритет и независноста на Републиката и да продолжи да биде кредибилен НАТО сојузник.
Во рамките на централната свеченост Сиљановска-Давкова со Орден за воени заслуги го одликуваше Центарот за обука на питомци и офицери.
Одликувањето беше доделено за извонредните успеси во организацијата и реализацијата на обуката на питомците и кандидатите за офицери, како и за стратешкиот и долготраен придонес во јакнењето на одбранбената способност преку вложување во образованието и едукацијата. со што се изградени генерации посветени и професионални воени лидери.
На свеченото одбележување на Денот на Армијата, признанија им беа врачени и на прворангираните потпоручници и водници. Со ова, тие се стекнаа со правото да ги носат првите офицерски и подофицерски чинови.
Македонија
Меџити: За 1 година инвестиравме 164 милиони денари во Арачиново

Првиот вицепремиер и министер за животна средина, Изет Меџити, денеска изврши увид на терен во завршната фаза од изградбата на секундарната фекална канализација во Арачиново – проект составен од 9 краци, со вкупна вредност од околу 20 милиони денари.
Меџити при работната посета изјави дека моментално се работи на последниот крак, во должина од 860 метри, каде што се реализирани 50% од активностите, а проектот се очекува да заврши во текот на наредниот месец.
„Во изминатите 13 месеци, во Арачиново донесовме инвестиции во вредност од над 164 милиони денари – реални, конкретни проекти, а не само празни ветувања. Она што за некои беше недостижно повеќе од три децении – ние го реализиравме. Го изградивме ободниот канал, започнавме со изградба на нови фекални, атмосферски и водоводни мрежи, и овозможивме урбано уредување преку изградба на пешачки патеки и шеталишта, како што е случајот покрај Мојанска Река“, изјави Меџити.
Овие инвестиции, појасни тој, се резултат на соработката на Министерството за животна средина со Владата, при што се инвестирани 164 милиони денари преку Првиот повик, Вториот повик и Програмата за капитални инвестиции – од кои 64 милиони денари се само за изградбата на каналот, а 100 милиони денари за други инфраструктурни проекти.
Првиот заменик претседател на Владата и министер за животна средина Меџити најави дека работата нема да застане тука.
„Ќе продолжиме да инвестираме – не по партиска или етничка линија, туку секаде каде што има реална потреба. Веруваме во одговорна политика која носи конкретни резултати, а нашата цел е секој граѓанин да ја почувствува разликата“, заклучи Меџити.
Македонија
Меџити: За една година инвестиравме 164 милиони денари во Арачиново

Вицепремиерот и министер за животна средина, Изет Меџити, денеска изврши увид на терен во завршната фаза од изградбата на секундарната фекална канализација во Арачиново – проект составен од 9 краци, со вкупна вредност од околу 20 милиони денари.
Меџити при работната посета изјави дека моментално се работи на последниот крак, во должина од 860 метри, каде што се реализирани 50% од активностите, а проектот се очекува да заврши во текот на наредниот месец.
„Во изминатите 13 месеци, во Арачиново донесовме инвестиции во вредност од над 164 милиони денари – реални, конкретни проекти, а не само празни ветувања. Она што за некои беше недостижно повеќе од три децении – ние го реализиравме. Го изградивме ободниот канал, започнавме со изградба на нови фекални, атмосферски и водоводни мрежи, и овозможивме урбано уредување преку изградба на пешачки патеки и шеталишта, како што е случајот покрај Мојанска Река“, изјави Меџити.
Овие инвестиции, појасни тој, се резултат на соработката на Министерството за животна средина со Владата, при што се инвестирани 164 милиони денари преку Првиот повик, Вториот повик и Програмата за капитални инвестиции – од кои 64 милиони денари се само за изградбата на каналот, а 100 милиони денари за други инфраструктурни проекти.
Меџити најави дека работата нема да застане тука.