Македонија
Вакцинацијата оваа недела ќе се одвива со намалено темпо
Вакцинацијата оваа недела ќе се одвива со намалено темпо, изјави министерот за здравство, Венко Филипче.
Тој кажа дека во државата има само 5.000 останати вакцини за прва доза, но уверува дека вакцинацијата нема да сопре оти синоќа стигнале 11.720 дози од вакцината на „Фајзер“.
Филипче рече дека нема точен датум кога ќе стигнат руската вакцина „спутник В“ и кинеската на „Синовак“.
„За ’спутник’ и ’синовак’ сè уште немаме точни датуми кога ќе стигнат. За ’спутник’ беше најавено дека ќе стигне на крајот на мај. Јас вчера разговарав со амбасадорот на Русија, зеде обврска во текот на денот да искомуницира со Институтот во Москва и да ни даде повратни информации. Најавата за пристигнување на вакцините од ’Синовак’ е за почетокот на јуни. Кажаа првата недела, првите десетина дена дека треба да ги очекуваме. Имунизацијата нема да запре, вчера стигнаа Фајзеровите вакцини и тие ќе бидат дистрибуирани во пунктовите. Во текот на неделава очекуваме и други вакцини да стигнат пред сè од Бугарија, а понатаму и од Грција“, рече министерот Филипче.
Додаде дека очекува веќе од следната недела повторно да се достигнува бројката од 12 илјади вакцинирани дневно.
Во текот на неделава министерот Филипче очекува да стигнат 50.000 дози од вакцината на „Астразенека“ од Бугарија и уште 20.000 дози од Грција. Со оваа вакцина кај нас се вакцинираат само лица над 60 години. Забраната за вакцинирање лица помлади од 60 години со „Астразенека“ останува сè додека не се утврди дека е безбедна.
Исто така, во првите десет дена од овој месец се очекуваат 500.000 дози од кинеската „синовак“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Граѓаните да ги ажурираат своите податоци за „Безбеден град“ на посебниот шалтер во МТВ или во станиците за технички преглед
Министерството за внатрешни работи ги потсетува граѓаните дека на посебниот шалтер во Одделот за граѓански работи, во зградата на МТВ (приземје) во Скопје, кој работи секој работен ден во периодот од 08:00 до 17:00 часот можат да поднесат барање за промена на контакт-податоците кои ги доставиле при регистрација на возилата, доколку има настаната промена или во случај да имаат добиено известување со неточни податоци.
Истото, може да се изврши и низ станиците за технички преглед на возила во државата каде што е распореден деташиран референт на МВР.
Македонија
Делови од Кисела Вода и Чаир денеска без струја
Од ЕВН Македонија информираат дека денеска без електрична енегија ќе останат:
– во периодот од 09.00 до 11.00 часот, дел од корисниците од улиците Кујунџиска и Битпазарска, објектите лоцирани околу националната галерија Чифте Амам, како и дел од корисниците од старата чаршија. (општина Чаир)
– во периодот од 10.00 до 14.00 часот, корисниците од ул. Јустинијан Први лоцирани околу ДИМ Маркет, како и дел од корисниците од улицата Речиште. (општина Кисела Вода)
Македонија
Поради протест блокирани повеќе гранични премини за влез и излез од државата на товарни возила
Поради протест блокирани се повеќе гранични премини за влез и излез од државата на товарни моторни возила.
Како што известуваат од Макам-Транс, превозниците од Македонија, Србија, Босна и Херцеговина и Црна Гора на 26.01.2026 година започнаа протест со блокада на граничните премини за влез и излез на товарни моторни возила од државите кој ќе трае до надминување на проблемот за евиденција на престој на возачите во Шенген зоната.
Граничните премини кои се блокирани се: Деве Баир, Делчево, Ново Село, Дојран, Богородица, Меџитлија, Ќафасан, Блаце, Блато и Стење.
Затворени се граничните терминали за влез на товарни моторни возила на територија на нашата држава и на коловозните ленти на самите гранични премини за излез од државата, но само на делот за товарен сообраќај.
Патничкиот сообраќај за патници несметано ќе се врши на секој граничен премин, велат од Макам-Транс.
Како што информира АМСМ, сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по претежно влажни коловози.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.

