Македонија
Валентина Пурдеска, единствена карате – судијка со сите лиценци: Ми префрлаа дека е спорт за мажите, но потоа ги запишуваа децата на карате
Единствената жена, карате-судијка во земјава, која ги има сите европски и светски лиценци, е прилепчанката Валентина Пурдеска. Повеќе од четириесет години Пурдеска е посветена на борбата каратето да биде препознато и признато како спорт со кој жените можат да се занимаваат подеднакво со мажите. Патот не бил лесен, но вели дека успеала да ја постигне целта, па денес бројот на каратистките е речиси ист со оној на каратистите.
„Многу од луѓето кои не се доволно информирани за овој спорт мислат дека е груб спорт, машки спорт, насилен… Тоа не е така. Каратето не е само спорт, тоа е вештина, начин на живеење, со него се стекнува почитување, дисциплина, самодоверба, самоконтрола, координација, социјализација, а се учи и самоодбрана. Имало многу ситуации во кои ми префрлале дека ова е спорт за мажи и дека жените не можат да го достигнат тоа ниво, но тоа не е така. Откако ќе им објаснам за што се работи, многумина го менуваат мислењето и или тие или нивните деца почнуваат да вежбаат карате“, вели Пурдеска.

Се опишува себе си како спортистка во душата. Од мала се занимавала со различни спортови и вели дека сите добро ѝ оделе, но најмногу се пронашла во каратето.
„Во каратето нема топка или некој друг реквизит туку со рацете и нозете правиш прекрасни техники за кои не си бил свесен дека се возможни. Со нив сопственото тело го подготвуваш за одбрана, кога тоа е потребно. Каратето е вежба за одбрана во непредвидени ситуации, но не е за напад. Карате почнав да вежба на осумгодишна возраст. Потоа имав пауза, но повторно интензивно почнав со тренинзи. Од мала имав интерес за боречките вештини. Тогаш беа актуелни филмовите со Брус Ли и така се роди желба кај мене да се занимавам со ваков спорт“, вели Пурдеска за „Мкафакс“.
Таа е репрезентативец на Југославија со две освоени трети места во борби, а истовремено работела и кати. Се натпреварувала и во кати и во борби, како поединечно така и екипно, но најдрага победа вели дека ѝ е онаа од 1992 година кога првпат победиле под македонско знаме.

Ако си доволно квалитетен како судија, нема разлика дали жена-судија го суди мечот или судијата е маж, вели Пурдеска
„Во 1992 година на Светското првенство во карате во Гранада, Шпанија првата победа под македонско знаме ја донесов јас. Во борби ја победивме екипата на Америка. Таа година бевме прогласени за најдобра женска екипа заедно со ракометарките од Кометал. Има уште цела низа медали и признанија во мојата натпреварувачка, тренерска и судиска кариера“, скромно раскажува Пурдеска.
Во 1995 година го формирала нејзиниот карате-клуб „Бонсаи Прилеп“ кој функционира и денес со многу челнови и големи резултати во сите категории. Таа истовремено е тренер и судијка. Во клубот е главна инструкторка, а заедно со неа работат и нејзините внуци Дамјан и Филип Ристески кои се мајстори-инструктори, а истовремено и судии. Дамјан е балкански судија, а Филип државен судија. Исто така и многумина ученици на клубот се судии и инструктори.
Токму отворањето на клубот ја навело да направи чекор повеќе во каратето и да полага за судијка.
„Оттаму почнува и мојата судиска кариера. Полагав прво за државен судија во кати и во борби ( 3 лиценци во кати, 5 лиценци во борби). Ментор за меѓународните полагања ми беше Словенецот Примож Дебенак. Тој ме забележа и ме насочи кон меѓународните полагања. Континуирано ги полагав и европските лиценци, две во кати и четири во борби, а паралелно со европските почнав да ги полагам и светските лиценци, исто така две во кати и четири во борби. Последната лиценца ја положив во октомври оваа година на Светското првенство во Валенсија со што станав првата жена карате – судија која ги има завршено сите европски и светски лиценци со кои можам да судам се од елиминации и финалиња на европско и светско ниво “, рече карате – судијката Пурдеска.
Патот на обуката и полагањето за судија од овој ранг Пурдеска го опишува како многу тежок, макотрпен, финансиски чини многу, а бара и многу одрекувања за да се стигне до целта. Силната желба ѝ помогнала да се издржи сѐ што ѐ се испречило на патот.
„Мојата цел е постигната. Сакав да го постигнам судискиот врв и да привлечам што е можно повеќе млади и женски судии да го следат мојот пат. Потребни сме ѐ на Македонија, на нашите натпреварувачи и најмногу на Карате федерацијата на Македонија. Ако си доволно квалитетен како судија, нема разлика дали жена-судија го суди мечот или судијата е маж. Повеќе сме ценети и почитувани во светот отколку дома. Македонските судии кои котираат на светско ниво се многу повеќе ценети во светот како квалитет и професионалци отколку дома, за жал“, вели Пурдеска.
Таа работи во Казнено поправниот дом Прилеп и кажува дека каратето и помогнало во изборот на професијата со која ќе се занимава, а речиси секојдневните тренинзи ѝ се од голема помош во работата.
Во нејзиниот клуб редовно доаѓаат многу деца. Соодносот машки – женски е околу 50 отсто. За многумина вели дека доаѓаат, пред сѐ, да научат самоодбрана, па вовеле посебни часови за самоодбрана, а наскоро ќе почнат и со курсеви за самоодбрана.

Македонските судии кои котираат на светско ниво се многу повеќе ценети во светот како квалитет и професионалци отколку дома, за жал, вели Пурдеска.
Во Карате федерацијата на Македонија Пурдеска е претседателка на комисијата за жените во спортот, па од тука каратистките редовно ги следат сите предавања, семинари и обуки за родова еднаквост и ги применуваат препораките и заклучоците.
Дејан Чалески, претседател на Карате федерацијата на Македонија потврди дека низ годините женското карате е во постојан подем па сега педесет отсто и од натпреварувачите и од судиите се жени и тоа во сите категории, а на ист начин 50:50 се делат и финансиите за овој спорт кога се во прашање мажи и жени каратисти.
За оние кои ги изложуваат на јавен линч каратистките оти се занимаваат со машки спорт Чалески, на шега вели „таквите подобро да внимаваат и да не им го вртат грбот“.
Колку и на каков се начин спортиските се изложени на дискриминација, потсмев и јавна осуда покажа анализата „Родовите дезинформации препрека за жените во спортот“. Ја изработи Институтот за комуникациски студии (ИКС) за време на годинашните Летни олимписки игри во Париз. Анализата откри низа сексистички коментари на социјалните платформи на медиумите кои известуваа за постигнувањата на спортистките, утврди ширење родови дезинформации, говор на омраза, родово стереотипизирање и прикажување на жените исклучиво прекижу нивниот надворешен изглед наспроти успесите што ги постигнаа на Летните олимписки игри.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Дел од Чаир денеска без вода
Од ЈП Водовод и Канализација известуваат дека денеска поради два улични дефекти ф-200 и ф -250 мм на Македонско Косовска Бригада бб (во близина на касарна Илинден), прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците на дел од улицата Македонско Косовска Бригада и објектот на касарна Илинден, општина Чаир.
Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 09:00 часот до завршување санација на дефектите.
Македонија
Одрон во должина од 80 метри на патот Скопје-Велес: сообраќајот кај Сопот се одвива по една лента
Сообраќајот на патниот правец А1 Скопје – Велес, околу два километри пред Сопот, од 21 часот се одвива по една коловозна лента (десната) поради поголем одрон.
Како што информираат oд АМСМ, одронот е во должина од 80 метри.
Фото: илустрација (depositphotos)
Македонија
СДСМ-Кисела Вода бара итна исплата на надоместоците за избирачките одбори
Општинската организација на СДСМ-Кисела Вода од градоначалничката на оваа општина бара итно постапување по одлуката на Советот на Општина Кисела Вода од 7-та пленарна седница одржана на 29 јануари 2026 година, со која е предвидена исплата на надоместоците на членовите на избирачките одбори од последните локални избори.
Во писмото се наведува дека одлуката е донесена, средствата се обезбедени, но дека изостанува извршната постапка.
„Одлуката е донесена. Обврската е јасна. Средствата се обезбедени. Она што недостасува е – Ваша извршна постапка“.
Од СДСМ – Кисела Вода порачуваат дека станува збор за средства обезбедени од државата за реализација на изборниот процес и оценуваат дека секое понатамошно одлагање претставува поткопување на институционалниот интегритет.
Тие бараат најдоцна до утре да се пристапи кон исплата на средствата согласно одлуката на Советот.
Во спротивно, советничката група на СДСМ најавува испраќање официјален допис до Државната изборна комисија, известување до Министерството за локална самоуправа и информирање на претставници на меѓународната заедница.

