Македонија
Ванковска пред граѓаните на Македонска Каменица и Делчево: Нема да инвестираме пари во воени, туку во социјални и развојни цели за Македонија
Кандидатот за претседател од партијата Левица, Билјана Ванковска денеска ја претстави својата програма пред граѓаните на Македонска Каменица и Делчево. Ванковска поразговара „очи в очи” со граѓаните за актуелните проблеми и претстави делови од програмата која таа ја нуди како претседателски кандидат.
„Прв пат бев овде кога ја отворавме локалната канцеларија на Левица. Денеска имаме пазарен ден и малку повеќе луѓе, продолжуваме со разговор „очи в очи” со граѓаните, од кои за жал ја слушам онаа приказна, колку граѓани утрово се качиле во автобуси и заминале од градот. Значи постојано во овој дел од Македонија, но и во останатите се соочуваме со иселување на она што е најдоброто и она што е најсакано, младите“, истакна таа.
Ккао што посочи, целата програма, како претседателска но и парламентарната програма на Левица, е насочена токму кон решавање на проблемите на граѓаните.
Имаме решенија и визија, нема да инвестираме пари во воени цели, рече таа, туку во социјални и развојни цели за Македонија, рече Ванковска.
Во Делчево Ванковска истакна дека вест на денот е дека нема да има дебати, заради што, како што рече, граѓаните нема да бидат во можност да ги слушнат аргументите на Левица.
„За жал веста на денот е дека Претседателот, актуелен и врховен командант, се исплаши од ТВ дебата, така што драги и почитувани граѓани на Македонија, нема да имате можност да видите како тој нема одговор на моите аргументи кои се научни, фактички и здраворазумски. Излегувајте да се гледаме, да се дружиме да ви објаснам што всушност нуди Левица, односно Билјана Ванковска“, додаде кандидатот за претседател од Левица.
На средбите со граѓаните е и носителот во ИЕ3 од Левица, Борислав Крмов.
„Мене и луѓето ми кажаа дека каменичани во суштина имаат традиција да бидат независни и дека тука не трпат предизвици. И затоа тука очигледно поддршката е толку голема. Сакам да кажам дека во професорката ќе имаат баш таков кандидат, независен, кој ќе се грижи за македонските интереси, а не за туѓи интереси. Тоа е кандидат кој нема да оди по амбасадите, туку македонскиот идентитет ќе му биде најголемиот интерес“, истакна Крмов во Македонска Каменица.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Поради јазични бариери одложено продолжението на конститутивната седница на работната група за реформи во изборното законодавство, кажа Филков
Поради технички причини денешната конститутивна седница на работната група за реформи во изборното законодавство беше одложена за следната недела. Министерот за правда Игор Филков изјави дека членовите на работната група не се впуштиле во материјална расправа затоа што прво треба да се утврди дневниот ред.
,,Иако денес требаше да биде одржана првата конститутивна седница на работната група за реформи во изборно законодавство на која требаше да се избере претседател, како и да се донесе предлог-деловник за утврдување на методологијата и динамиката на работење, сепак тоа не се случи поради одредени јазични бариери. Од дел од присутните претставници на политичките партии беше побарано материјалите да бидат преведени за полесно да можат да се разберат’’, рече Филков.
Филков се надева дека следната недела членовите ќе се усогласат за термин , ќе се избере претседател на работната група и ќе се отпочне со работа каде што сите ќе имаат можност да ги дадат своите предлози и сугестии за реформите во изборното законодавство.
Македонија
Сиљановска-Давкова-Грлиќ Радман: потврдена подготвеноста на Хрватска да придонесе кон забрзување на македонскиот евроинтеграциски процес
Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова денеска го прими Гордан Грлиќ Радман, министер за надворешни и европски работи на Република Хрватска, кој престојува во официјална посета на земјава.
Обајцата го потврдија цврстото македонско-хрватско пријателство коешто двете земји го негуваат повеќе од 3 децении, втемелено на взаемна почит и разбирање и реализирано низ политички дијалог и конструктивна соработка.
Претседателката искажа искрена благодарност за хрватското отворено и континуирано разбирање и поддршка на македонската интеграција, како и на принципиелниот став на Хрватска дека проширувањето на Унијата со Западен Балкан треба да се темели на реални заслуги, без билатерализација и вето.
Министерот Радман ја потврди подготвеноста на неговата држава да придонесе кон забрзување на македонскиот евроинтеграциски процес во рамките на Копенхашките критериуми, потенцирајќи дека македонската држава доби статус на кандидат за членство во ЕУ во март 2005 година, односно неколку месеци пред Хрватска.
Соговорниците очекуваат дека партнерството дополнително ќе се зајакне со Договорот за стратешка соработка со Владата на Република Хрватска, како и со претстојната официјална посета на Претседателката Сиљановска-Давкова на пријателска Хрватска, кон крајот на март.
Македонија
Уапсен тетовец: осомничен за лажни дојави за поставени бомби во образовни институции
Утрово во 09:10 часот во с.Палатица, тетовско, полициски службеници од одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал при Министерството за внатрешни работи во координација со полициски службеници од СВР Тетово го лишиле од слобода М.Р.(18) од село Палатица.
Тој се сомничи дека во повеќе наврати испраќал електронски пораки на повеќе образовни институции во Тетово дека во институциите има поставено експлозивни направи.
Полицијата соопшти дека по преземени мерки и извршени проверки е констатирано дека сите дојави за поставени бомби биле лажни.
Денеска, со сдуска наредба, бил извршен и претрес во неговиот дом во селото, при што биле одземени повеќе електронски уреди.
Лицето било приведено во полициска станица и по целосно расчистување и документирање на случаите, во координација со јавен обвинител против него ќе биде поднесена соодветна пријава.

