Македонија
Вархеји: Вакцина за Западен Балкан кога ќе почне дистрибуцијата во ЕУ
Вицепремимерот задолжен за европски прашања, Никола Димитров, утрово учествуваше на состанокот со еврокомесарот за проширување, Оливер Вархеји, на кој со колегите од регионот разменија информации за состојбата и подготвеноста за набавка на вакцините против Ковид-19, како и за плановите за реализација на вакцинација на приоритетните групи.
Еврокомесарот Вархеји информираше дека Европската комисија прави напори вакцините против Ковид-19 да пристигнат во земјите од Западниот Балкан паралелно со нивната дистрибуција во земјите членки на ЕУ. Тој укажа дека за специфичните потреби на секоја од земјите во регионот ќе биде обезбедена и соодветна финансиска поддршка од страна на Унијата.
„Во период кога набавувањето на вакцината претставува врвен приоритет, ваквата иницијатива на Европската Унија е од исклучителна важност. Фактот што овие вакцини ќе бидат првите кои Северна Македонија ќе ги има на располагање е јасен сигнал дека Западниот Балкан е неизоставен дел од политиките на солидарност на Унијата, во моментите кога тоа е најпотребно“, истакна Димитров.
Тој кажа дека активно се работи на Планот за вакцинација базиран на препораките на ЕУ којшто врз основа на повеќе критериуми ќе ги дефинира приоритетните групи.
„Се финализира анализата на приоритетните групи и се проценува бројот на пациенти кои ќе бидат првично вакцинирани. Овој план ќе биде споделен и со еврокомесарот Вархеји во наредните денови“, рече Димитров.
Вархеји на „Твитер“ објави дека се работи на тоа да се осигура дека вакцините против Ковид-19 ќе бидат достапни за Западен Балкан на време, кога ќе започне дистрибуцијата во ЕУ.
Good coordination call with #WesternBalkans foreign&Europe ministers on latest in #COVID19 crisis. We are working to ensure that #COVID19 vaccines will be made available to the #WesternBalkans in a timely way, as they start to be deployed in the #EU. 1/2 pic.twitter.com/jpoVxLk3WE
— Oliver Varhelyi (@OliverVarhelyi) December 18, 2020
Тој вели дека за таа цел се издвојуваат средства и се координираат активностите.
„Во пандемијата ние стоиме покрај Западен Балкан, чија иднина е во ЕУ“, рече Вархеји.
Тој додава дека ЕУ ќе им помогне на своите соседи, но и пошироко, заедно да ја победат пандемијата.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Утре променливо облачно со сончеви периоди и студено, на планините снег
Времето утре, променливо облачно со сончеви периоди. Попладне во западните делови ќе има слаб локален дожд, а на планините снег. Ќе дува слаб до умерен ветер од југозападен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од -14 до -6, а максималната ќе биде од интервал од -4 до 6 степени.
Во Скопје, ќе биде променливо облачно со сончеви периоди и студено со умерен ветер од јужен правец.
Минималната температура ќе се спушти до -11, а максималната ќе достигне до 3 степени.
Под влијание на циклонска активност од сабота ќе биде претежно облачно со повремени локални врнежи од дожд, а на планините и некои од повисоките населени места од снег. Ќе дува умерен до засилен ветер претежно од јужен правец, а температурата ќе биде во пораст.
Македонија
Сиљановска-Давкова и генералот Лафчиски традиционално на првиот ден од Новата година во посета на припадниците на Армијата
Претседателката и врховен командант на Вооружените сили Гордана Сиљановска-Давкова, и началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-мајор Сашко Лафчиски, денеска ги посетија припадниците на Армијата во касарната „Алексо Демниевски Бауман“ во Велес.
Во рамки на посетата, претседателката Сиљановска-Давкова од страна на командантот на Командата за обука и доктрини (КОД), бригаден генерал Лулзим Нуредини, беше информирана за мисијата и задачите на командата, а потоа и непосредно се запозна со дел од нејзините капацитети, вклучително Центарот за обука и дресура на кучиња, Центарот за симулации и Центарот за изработка на доктрини, правила, упатства и научени лекции.
Во оваа прилика претседателката Сиљановска-Давкова ги посети и новопримените професионални војници кои ја реализираат основната воена обука во оваа касарна. Честитајќи им ги новогодишните празници, Сиљановска-Давкова истакна дека е среќна што новата година и започнува помеѓу припадниците на Армијата, потенцирајќи дека, според прикажаното, големата љубов и интересот за оваа професија е она што ги натерало војниците толку брзо да се адаптираат на новата средина.
Претседателката Давкова го изрази и своето задоволство од презентираното во текот на посетата наведувајќи: „Армијата е една импресивна институција, која што има визија, која има добро определена мисија, знае што прави во сите центри, која знае каде сака да стигне и со овие млади луѓе има загарантирана иднина“, при тоа нагласи дека денешната посета е уште една потврда зошто Армијата е една од институциите кои уживаат највисок углед.
Претседателката Сиљановска-Давкова, во рамките на посетата, на Командата за обука и доктрини ѝ врачи едиција на книги од различни области, кои, како што истакна „ќе го потенцира критичкиот поглед кон она што се случува во светот и со тоа војниците ќе станат посилни, учени и толерантни луѓе.“ Оваа едиција на книги се наменети за збогатување и унапредување на книжевниот фонд на Централната воена библиотека во Скопје, која е составен дел од оваа команда.
Посетата традиционално заврши со заеднички ручек на претседателката Сиљановска-Давкова и генералот Лафчиски со војниците и старешините во касарната „Алексо Демниевски Бауман“.
Македонија
Мицкоски: Задоволни сме од тоа што се постигна со „Сејф Сити“, на ниво на државата повнимателно се вози и жртвите на годишно ниво се намалени
„Декември е месец кога може да се сумираат резултатите и да се направи една анализа за тоа што значеше имплементацијата на проектот „Сејф Сити“. Ако се спореди декември месец 2025, со декември 2024 година ќе дојдеме до еден многу значаен параметар, кој нас не прави задоволни и среќни со почетокот на функционирање на „Безбедниот град“, бидејќи во Скопје во декември месец 2024 година поради сообраќајни незгоди животот го загубиле 5 лица, а оваа година ниту едно. Примената на оваа апликација си го дава резултатот“, одговори премиерот Мицкоски на новинарско прашање за тоа дали е задоволен од аплицирањето на системот „Сејф Сити“.
Мицкоски дополни дека и вкупниот број на лица кои го загубиле животот во сообраќајни несреќи во 2024 година бил 142 лица, а изминатата година е 131 лице. Тоа според него значи и во градовите кај што нема инсталирано систем „Сејф Сити“ и на автопатите се вози повнимателно.
„Ние продолжуваме и понатаму да го подготвуваме системот. Не очекувам дека од 1 февруари брилијантно секаде ќе функционира и не се можни некаде некакви грешки и отстапувања, но тоа во процесот како ќе расте така и ние ќе растеме со него, ќе го нивелираме. Но бројките за намалување за 11 жртви помалку во 2025 и во Скопје во декември 0 наспроти пет во декември 2024, ни дава за право да бидеме задоволни“, рече Мицкоски и дополни дека Владата ќе опстои на ова и покрај антикампањата и критиките кои беа упатувани на нејзина сметка.

