Македонија
Васев: Кариерата на Милошоски е завршена, местото не му е во Собранието
Пратеникот од опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Антонијо Милошоски, е срам за Собранието и демократијата и дејствува штетно за угледот на државата, изјави Стефан Васев од СДСМ.
Тој рече дека последните докази за скандалот „Кражба“ потврдуваат оти Милошоски извршил криминални дејства кражба и фалсификување кога студирал и живеел во Германија. Истовремено, вели Васев, пред македонските судови против Милошоски се водат процеси за основано сомневање за криминал со имот, користење на лустрацијата за уништување луѓе заради лична одмазда.
„На Милошоски местото не му е ниту во Собранието, ниту во политиката ниту во белиот дворец зад мене, туку пред надлежните судови, каде што треба да ја дочека разрешницата на предметите што се водат против него. Неговата кариера во политиката е завршена“, изјави Васев.
Според СДСМ, Милошоски дејствува штетно за демократијата, за угледот на Собранието и за државата и треба да се тргне од каков било допир со државните ресурси.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Ако сѐ било по пропис, зошто Владата не ги објавува листите со патници во авионот, прашува СДСМ
Доколку користењето на владиниот авион од било целосно согласно законите и прописите, тогаш зошто Владата упорно одбива да ги објави листите со патници, прашуваат од СДСМ.
„Што се крие од јавноста? Според Мицкоски, на Јадранско море прво отишол со комерицијален лет со семејството, па го продолжил одморот, па бил на вечера, поради што го прпошутил комерцијалниот лет за враќање па затоа морал да се враќа со владиниот авион од Сплит. Генералната декларација (General Declaration) е задолжителен документ во меѓународната авијација што се доставува за да се идентификува воздухопловот, неговиот екипаж и патниците и мора да се приложи за секој меѓународен лет. Еве, Владата нека ги објави документите, за да видат граѓаните кој се патувал со владиниот авион и колку тоа ги чинело“, велат од СДСМ.
Од партијата додаваат дека граѓаните го плаќаат авионот, летовите, трошоците за екипаж, одржување и гориво.
„Затоа граѓаните имаат право да знаат: Кој сѐ летал со владиниот авион? Колку точно чинел секој лет?Особено што нема пари за плати, нема пари за 600 евра минимална плата, се кратат 3 милиони евра од пациентите со ретки болести, се кратат 40 милиони евра од земјоделците. Ако сѐ било законски – објавете ги списоците. Ако нема што да се крие – покажете ги документите.Јавноста заслужува одговор“, велат од СДСМ.
Македонија
Наместо празните ветувања од СДС, работниците добија реално повисоки плати, приоритет на Владата е стабилна економија и раст на платите, велат од ВМРО-ДПМНЕ
ВМРО-ДПМНЕ останува цврсто посветена на заштитата на работниците и унапредувањето на животниот стандард на сите граѓани, истакнуваат од ВМРО-ДПМНЕ.
„Приоритет на Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ е обезбедување стабилна економија во која трудот се вреднува, платите растат, а институциите функционираат одговорно и транспарентно. Со политики насочени кон реален економски раст, создавање нови работни места и почитување на колективните договори, се поставуваат темелите за долгорочна финансиска сигурност.
Со ВМРО-ДПМНЕ на чело на државата, платите бележат реален пораст, а мерките што се спроведуваат се насочени кон подобрување на куповната моќ и стабилизирање на економските текови. Наместо празни ветувања, се реализираат конкретни политики што носат резултати.
Додека ВМРО-ДПМНЕ беше во опозиција, застанавме на страната на работниците затоа што постоеја сериозни проблеми како доцнење на платите, непочитување на колективните договори и обиди минималната плата да се отстрани од формулата за пресметка“.
Таквата промена, како што додаваат, ќе го прекинеше линеарниот раст и ќе ја ослабеше заштитата на илјадници вработени.
„Заедно со синдикатите поднесовме повеќе од 40 амандмани и го спречивме тој процес. Со тоа обезбедивме минималната плата да остане дел од системот, што овозможува со нејзиниот раст да растат и останатите примања“.
Денес, велат, разликата е очигледна. Според оваа партија, по две години управување со државата, не се зборува за барања, туку за реализирани обврски.
„Отворени сме за разговор за минималната плата, но одлуките мора да се носат институционално, преку Економско-социјалниот совет и со пристап што обезбедува економска стабилност.
Работниците заслужуваат стабилност, сигурни договори и политики што даваат конкретни резултати“.
Македонија
Забрана за камиони на патните правци Маврово – Дебар и Гостивар – Стража – Кичево
Од 06:50 ч., воведена e забрана за тешки товарни возила на патните правци Маврово – Дебар и Гостивар – Стража – Кичево поради обилни врнежи од снег, информира АМСМ.
Сообраќајот на останатите државни патишта се одвива непречено, по претежно суви коловози.
Слаб снег провејува на П.Шапка кој во мометов не се задржува на коловозот.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.

