Македонија
Василевска: СДСМ со половина милион за НВО врши поткуп на медиуми, граѓани и фирми
СДСМ врши поткуп на медиуми, граѓани и фирми со државни пари преку таканаречените невладините организации. Половина милион евра се трошат за поткуп на медиуми, граѓани и фирми во услови кога илјадници остануваат без работа, изјави Иванка Василевска, член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ.
Таа рече СДСМ со денови молчи и не дава одговори: дали во буџетот на Република Македонија има вишок од половина милион евра, па тие, наместо за помош на граѓаните и компаниите, се користат за поткуп на одредена група на невладините на Заев? Доколку Социјалдемократскиот сојуз навистина се грижи за благосостојбата на ранливите категории граѓани и за работата на невладините организации, прашуваме тогаш зошто овие средства, кога се одложија изборите закажани за 12 април, беа скратени, а сега во предизборието тие ќе се доделуваат во скратени рокови и скратени процедури? И ако навистина целта е квалитетни и реални проекти за справување со пандемијата, дали е демократски, транспарентно и отчетно да објавите оглас за финансирање невладини организации, а рокот за поднесување на соодветната документација да е неполни 6 дена?
„Молчењето на СДСМ, само ја потврдува нашата теза дека целата оваа операција не претставува ништо друго, освен обичен обид за предизборен поткуп. Воедно, нè зачудува и молкот од страна на Државната комисија за спречување на корупцијата, чија основна функција е препознавање обиди за корупција од страна на политичари или државни институции. Ја потсетуваме дека Република Македонија се наоѓа во предизборен период и јавно ги повикуваме да отворат соодветни постапки при секој еклатантен обид за поткупување гласачи, како што е впрочем и овој“, изјави Василевска.
Таа истакна дека невладиниот сектор, како што вели, треба и мора секогаш да ја зачува својата неутралност и да биде силен критичар на коруптивните појави во општеството и коректор на власта. Во таа насока ВМРО-ДПМНЕ ги повикува невладините организации да го покажат својот интегритет и авторитет и јавно да се спротивстават на, како што вели, ваквите еклатантни обиди за злоупотреба, односно предизборен поткуп.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
30 домови во скопската општина Сарај се под вода по обилните дождови
Повеќе од 30 домови во скопската општина Сарај се поплавени, теренските екипи интензивно интервенираат
Градоначалникот Мухамед Елмази објави дека во кризниот штаб се ангажирани Дирекцијата за заштита и спасување, Центарот за управување со кризи, противпожарните единици од Тетово, Противпожарната бригада на Градот Скопје, екипи од Општина Ѓорче Петров, НПК Сарај, како и полициската единица Сарај.
„Искрено им се заблагодаруваме на сите институции и тимови за нивниот професионален, посветен и солиден ангажман во справувањето со оваа ситуација.
За време на состанокот беа дискутирани понатамошните чекори што треба да се преземат за целосно санирање на последиците, поддршка на погодените семејства и превентивни мерки за избегнување слични ситуации во иднина.
Надлежните институции и служби остануваат во целосна готовност и ќе продолжиме да ги информираме граѓаните за сите нови случувања“, објави Елмази.
Македонија
Во изминатите девет часа најмногу дожд во Гевгелија, Штип и Попова Шапка
Во изминатите девет часа, до 16 часот денеска најмногу дожд наврнал во Гевгелија – 23 литри на метар квадратен, потоа Штип – 16, Попова Шапка – 14 и Берово – 12 л/м2, информираат од Управата за хидрометеоролошки работи – Скопје.
По 10 л/м2 наврнале во Крива Паланка и Виница, 8 во Ѓуриште, 6 во Маврови Анови и Лазарополе, 5 во Крушево, 4 во Скопје-Зајчев Рид, Тетово, Струмица и Пожаране, 3 во Битола, по 2 во Охрид, Велес, Кавадарци и Демир Капија и 1 л/м2 во Прилеп.
Од УХМР информираат дека на повеќе места низ земјава има интеракција на подземните и површинските води и појави на заезерувања од самите врнежи. До крајот на денот се очекува висок водостој на река Вардар, река Црна и на река Треска. На останатите помали реки се очекува постепена стагнација и намалување на водостојот во вечерните часови.
Времето до крајот на денот ќе биде променливо облачно со повремени локални врнежи од дожд. Кон крајот на денот и во текот на ноќта на планините во северозападните делови врнежите од дожд ќе преминуваа во врнежи од снег. Долж Повардарието ќе дува умерен до засилен ветер од северен правец.
Управа за хидрометеоролошки работи, претходно околу 14:00 часот информира дека на хидролошката станица на река Вардар во Балин Дол е регистрирано намалување на водостојот на реката, но тој сеуште останува висок и постои опасност од излевање на реката во гостиварскиот регион, додека во наредните часови водниот бран ќе се движи низводно кон Полошката Котлина и Скопје, каде што се можни локални излевања и заезерувања во Полошката Котлина.
И во Скопје ce очекува висок водостој на реката Вардар, при што е зголемен и водостојот на реката Лепенец.
Поради зголемениот водостој на реките Кадина и Маркова, како и поради водите што не пристигнат од Горен Вардар, од УХМР информираат дека можни се локални заезерувања низводно од Скопје, на потегот околу селата Зелениково, Орешани и Таор.
Водостојот на реката Треска е во пораст и можни се излевања кај селата Пласница и Лисичани. Водостојот на реката Зајашка останува висок, со тенденција за благо намалуване во наредните часови.
Во сливот на реката Црна можни се заезерувања во Демирхисарскиот регион и Пелагониската Котлина.
Македонија
УХМР: Претпазливо движење покрај реките и суводолиците низ земјава
Според податоците од хидролошките станици низ земјава, останува висок водостојот на река Вардар во горниот дел од сливот со можност за заезерувања и локални излевања во Полошката Котлина, а регистриран е прилично висок водостој и на река Кумановска и река Треска, во чии сливови се можни локални излевања, информираат од Управата за хидрометеоролошки работи.
Од УХМР, исти така, предупредуваат на претпазливо движење покрај реките и сууводолиците низ земјава.
-Регистриран е прилично висок водостој на река Кумановска и во нејзиниот слив се можни локални излевања на реките и суводолиците. Исто така, на река Треска останува исклучително висок водостојот и во нејзиниот слив се можни локални излевања, а надојдената вода е можно да претставува опасност и по столбовите на дел од Мостовските конструкции – информираат од УХМР.
На останатите водотеци на западот од земјата остануваат високи водостоите но се со тенденција на намалување. На истокот засега има помали зголемувања на водостоите на реките, иако беа забележани локални и изолирани појави на интензивни поројни врнежи во поедини делови.
-До крајот на денот се очекува да остане висок водостојот на река Вардар во горниот дел, а во текот на вечерта и за време на ноќта да има зголемување на водостојот низводно од Скопје (Јурумлери, Орешани, Зелениково, Таор) како и во Велес. Исто така и на река Треска се очекува да остане исклучително висок водостојот до крајот на денот и вечерта – информираат од УХМР.

