Македонија
Василевска: Јавноста е најисправниот суд, кој ќе донесе одлука дали расправата за интерпелациите за судиите од Судскиот совет е издржана
Почитувана македонска јавност, вие сте најисправниот суд кој ќе донесете одлука дали денеска ова што го правиме во македонското Собрание е издржано, дали е во интерес на сите македонски граѓани, дали е во интерес на иднината на Македонија или само е еднодневна политичка фарса, рече пратеничката од ВМРО-ДПМНЕ, Иванка Василевска, на денешната собраниска седница, на која се дискутира за интерпелациите на членовите на Судскиот совет, обраќајќи се до македонската јавност.
Бидејќи, додаде Василевска, ако погледнете од мојата лева страна, ќе ја видите заинтересираноста на нашите колеги од опозицијата, но и нивната загриженост во однос на нивните штитеници во правосудниот систем.
„Но, дека денеска денот е посветен на нешто многу посериозно, би рекла, денеска, конечно, се отвора Пандорината кутија за една метастаза, која е длабоко вкоренета во севкупниот општествено-политички систем и влијае на животите и на текот на живеењето на многу невини македонски граѓани, кои се под влијание на секакви заткулисни договори, коруптивни решенија на поединци, секако во правосудниот систем. Јас исто не сметам дека сите треба да ги ставиме на едно купче, но оние моќниците со дебел врат знаат како да допрат и да ве убедат дека треба така да се донесе одлуката. Бидејќи ова не е правосуден систем, почитувани, ова е едноставно еден обичен трансакциски систем, во кој одредени корумпирани политички елити, моќници од бизнис-фелата, имаат задача да нѐ држат длабоко закопани во калта, безредието, неверието“, рече Василевска.
Таа посочи дека сите овие од нас, едноставно, сакаат да предизвикаат да останеме само обични поданици во еден систем во кој ќе глумиме граѓани, ќе плаќаме даноци, ќе се обидуваме да бидеме правични, ќе се обидуваме да се надградуваме, но тука овие големци си имаат друга математика.
„И, верувајте, тие одлучуваат кој ќе живее, а кој ќе биде маргинализиран. Бидејќи нивните интереси треба да бидат задоволени, а не оние на македонскиот граѓанин“, посочи пратеничката Василевска.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Потпишан Меморандум со највисоко рангираните универзитети во Македонија за соработка во рамки на проектот „Европска престолнина на културата – Скопје 2028“, објави Ѓорѓиевски
Градоначалникот на Град Скопје, заедно со највисоко рангираните универзитети во Македонија потпишаа Меморандум за соработка во рамки на проектот „Европска престолнина на културата – Скопје 2028“, со што академската заедница официјално се вклучува како активен и рамноправен партнер во овој значаен европски културен процес, информираат од Град Скопје.
Со Меморандумот се потврдува јасната европска ориентација на универзитетите и нивната улога како двигатели на знаење, креативност и иновации, како и нивната општествена одговорност во развојот на заедницата. Вклучувањето во „Скопје 2028“ отвора можности за интеграција на културата во наставните и истражувачките програми, поттикнување на студентската креативност и младинскиот ангажман, развој на интердисциплинарни и меѓународни партнерства и зголемување на академската видливост на европско ниво.
Академската заедница останува посветена на активна, професионална и визионерска улога во реализацијата на „Скопје 2028“, со цел зајакнување на европските вредности, продлабочување на интеркултурниот дијалог и создавање одржлива, солидарна и креативна иднина за Скопје и Македонија.
Македонија
Сиљановска-Давкова: „Извозот на мозоци“ остава длабоки лузни, најдобрите си заминуваат поради недостиг на правдата при вработувањето и напредувањето
Претседателката на државата, Гордана Сиљановска -Давкова денеска присуствуваше на презентацијата на проектот „Партнерства за вештини за одржливи и праведни модели на миграција“ (Skills4Justice), спроведен во рамките на програмата на ЕУ за истражување и иновации Хоризонт Европа (HORIZON Europe). Настанот се одржа на Економскиот факултет при УКИМ, како национален координатор на истиот.
Во своето воведно излагање, таа истакна дека одливот на младите високообразовани и компетитивни македонски кадри е една од најголемите закани за македонскиот општествен развој, со сериозни демографски, економски, политички, научни и културни последици.
Според неа, со сè помалубројна и послаба епистемолошка заедница (професори, истражувачи, новинари-аналитичари, културни дејци), тешко е да се креираат добри политики во различни области.
Најдобрите си заминуваат во потрага по подобар живот, но и заради недостиг на меритократија (потценето знаење, талент, вештина и креативност), како и отсуството на владеење на правото и правдата при вработувањето и напредувањето, смета таа.
За неа, напливот на високообразовни институции со сомнителен квалитет, како и партизацијата и непотизмот, продуцираат некритична и послушна ,,интелигенција”.
Таа истакна дека борбата со егзодусот на најдобрите треба да почне со реформи во основното и средно образование, преиспитување на високообразовната мрежа и заострени критериуми при избор и кариера.
На крајот, претседателката укажа на потребата од воведување дуално образование во сите степени, преиспитување на преоптоварената високообразовна мрежа, организирање заеднички студии и проекти со други универзитети, ангажирање на македонските умови од дијаспората со помош на вештачката интелигенција и дигитализација.
Македонија
СДСМ: Македонија сака во ЕУ а ВМРО изолација
Македонските граѓани во големо мнозинство, над 70% сакаат членство во ЕУ. Додека Мицкоски и ВМРО намерно ја туркаат земјата кон изолација, далеку од ЕУ, истакнуваат од СДСМ.
„Известувачот за Македонија, Томас Вајс денеска изјави дека мора да се исполнат реформи и условот со уставни измени за да продолжи европскиот пат на земјата, при презентирањето на нацрт-извештајот за 2025 година.
Евроамбасадороот Михалис Рокас вчера беше дециден дека нема членство во ЕУ без право на глас и без право на вето.
Со ова, приказните на Мицкоски се разобличени целосно.
Исто како и празната националистичка реторика која веќе не поминува“.
Граѓаните, додаваат од СДСМ, го гледаат Мицкоски седнат во авион како се лукзуора на нивна сметка, со скапи часовници од 60.000 евра, со тендери како томбола за бизнис.
Тоа, како што оценуваат, е личен финаниски патриотизам.
„Зборува за меко ткиво а не знае дека и мозокот е меко ткиво.
Мицкоски, граѓаните имаат мозок“.

