Македонија
Василев: Притворот за Мијалков е донесен врз база на претпоставки
Целото решение за одредување мерка притвор е донесено врз база на претпоставки, господинот Мијалков нема никаква поврзаност со трансакцијата за „Диамед“ ниту, пак, со износот од 11 милони евра што се споменува. Само поради такви претпоставки во услови на почитување на сите досега изречени мерки, одбраната смета дека нема никаков основ за определување на мерката притвор, изјави Петар Василев, еден од адвокатите на поранешниот директор на УБК, Сашо Мијалков.
Адвокатскиот тим на Мијалков исто така смета дека одлуката за притвор е донесена спротивно на законот поради уште една причина, а тоа е дека решението е донесено во постапка без да може обвинетиот да се прозинесе по таквиот предлог.
„Притворот е определен спротивно на законот, пред с поради тоа што решението е донесено во постапка без да може истиот да се произнесе по таквиот предлог, односно спротивно на начелото на контрадикторност во кривичната постапка, за што впрочем имаме и судска пракса од Европскиот суд за човекови права. Секогаш кога се преиначува построга мерка, судот е должен да го покани обвинетиот да се произнесе по предлогот за определување мерки“, рече Василев.
Во однос на јавната седница на Апелацискиот суд, каде треба да биде образложено барањето за укинување на притворот за Мијалков, адвокатите на поранешниот директор на УБК велат дека е чудно тоа што седницата сè уште не е закажана, со оглед на тоа дека поминале 8 дена од кога е поднесено барањето, а законскиот рок за закажување на седницата е 3 дена.
„Чекаме покана од Апелацискиот суд за одржување јавна седница, се надеваме дека ќе биде што поскоро бидејќи поминаа веќе 7-8 дена, а законскиот рок за закажување јавна седница по жалбата на одбраната е во рок од 3 дена. Малку е и чудно што досега се одолговлекува“, рече Василев.
Во вторникот минатата недела поранешниот директор на УБК, Сашо Мијалков, по барање на специјалното јавно обвинителство, а по одлука на Основниот суд Скопје 1 Скопје беше приведен во хотелот „Мериот“ и спроведен во истражниот затвор „Скопје“ во Шуто Оризари. Мерката притвор е определена за случајот „Таргет-Тврдина“ со образложение дека Мијалков планирал бегство надвор од државата.
Виктор Јованов
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Од денеска побезбедни онлајн купувања со платежни картички
Од денеска стапува во сила законската обврска за засилена автентикација при онлајн-плаќања со платежни картички. Наместо досегашната потврда со СМС-код, корисниците на платежни картички ќе добиваат известување преку мобилната банкарска апликација и ќе треба да ја одобрат трансакцијата. Потврдата се врши со ПИН за апликацијата, отпечаток од прст или препознавање лице. Без оваа потврда плаќањето нема да може да се изврши, дури и ако некој ги има податоците од картичката.
Целта е да се обезбеди заштита на паричните средства на граѓаните и на компаниите преку дополнителни сигурносни проверки на идентитетот на лицето при плаќањата без физичко присуство.
Засилената автентикација како законска обврска за давателите на платежни услуги произлегува од Законот за платежните услуги и платните системи. Таа се воведува постепено во земјата и веќе е во примена при извршување онлајн-увид во платежните сметки од страна на клиентите, како и при извршување плаќања со платежни картички на физичките продажни места или со платни налози преку електронското или мобилното банкарство.
Македонија
Од денеска до 5 март пријавување за правото на субвенциониран студентски оброк
Министерството за образование и наука ги информира студентите дека рокот за пријавување за правото на субвенциониран студентски оброк за академската 2025/2026 година трае од денеска до 5 март 2026.
Правото на субвенциониран студентски оброк може да го користат сите редовни студенти на додипломски студии кои имаат месечен приход помал од минималната нето плата, како и студентите запишани на постдипломски студии и на интегрирани студии на државните и на приватните универзитети во државата.
-Студентите што ги исполнуваат условите, а не аплицирале досега, може да поднесат апликација електронски преку порталот: https://e-uslugi.mon.gov.mk, се наведува во објавата на МОН каде што се наведени и условите за остварување на правото на субвенциониран студентски оброк и контакти за поддршка при аплицирањето.
Студентите на кои им било прекинато правото на субвенциониран оброк, а сметаат дека ги исполнуваат условите, може повторно да аплицираат. Овој рок е, исто така, отворен за студентите кои не аплицирале во претходните активни рокови.
Македонија
Пролетен неделен ден во зима со температури до 16 степени
Претпладне по одделни котлини ќе има услови за појава на утринска магла. Во текот на денот ќе преовладува сончево време со мала до умерена облачност. Ќе дува слаб ветер претежно од јужен правец.
Минималната температура ќе биде во интервал од -4 до 5, а максималната ќе достигне од 12 до 16 Целзиусови степени, информираат од Управата за хидрометеоролошки работи.
Во Скопје, исто така се очекува сончево време со мала до умерена облачност и со слаб југоисточен ветер. Во делови од котлината ќе има услови за појава на утринска магла. Минималната температура се очекува да се спушти до 0, а максималната да достигне до 15 Целзиусови степени.
Според синоптичарите, до среда ќе се задржи стабилно и релативно топло време. Утрата ќе бидат постудени со појава на слаба магла по одделни котлини. Во четврток и петок ќе има услови за слаби локални врнежи од дожд.

