Македонија
Ваучер од 300 евра добија 1.777 работници со ниски примања, може да одат на одмор до декември
Првите десетмина работници со примања во семејството што не надминуваат 50.000 денари, денес, од министерот за економија и труд, Бесар Дурмиши, добија ваучери во вредност од 18.000 денари за одмор во домашни угостителски капацитети. Ваучери им се одобрени на вкупно 1.777 работници, а имињата се објавени на веб-страницата на Министерството за економија и труд. Одобрениот износ од 300 евра работниците ќе може да го искористат најдоцна до 1 декември во угостителски објекти за кои Министерството ќе објави список на 15 септември.
Мерката ја најави претходниот министер за економија, Крешник Бектеши, во февруари годинава, со цел да им се помогне на угостителите да имаат гости и по завршувањето на туристичката сезона, но и да им се овозможи одмор на семејствата со ниски примања.
Сегашниот министер Дурмиши извести дека интересот за оваа мерка бил голем.
„Интересот за оваа мерка беше многу голем и од страна на угостителите и од страна на пријавените. Со ова активност им помагаме на угостителите да може да остваруваат дополнителен приход надвор од туристичката сезона, а на работниците со ниски примања им овозможува да користат угостителски услуги во нашите туристички центри“, рече министерот Дурмиши.
Потврдите треба да се подигнат лично во Министерството за економија и труд со приложување документ за идентификација.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Забранет сообраќајот на регионалниот пат Гостивар – село Чегране поради излевање на реката Вардар и обилниот дожд
Во 20.40 часот е воведена забрана за сообраќај на регионалниот пат Р2-233 Гостивар – село Чегране поточно во село Форино, поради излевање на реката Вардар и обилни врнежи од дожд, извести АМСМ.
Сообраќајот се пренасочува од село Чајле кон село Старо Чајле према село Форино.
Воведена е забрана за сообраќај и на локалниот пат од „Тумчевишка Петла“ кон село Тумчевиште и село Чегране, додаваат од АМСМ.
Македонија
Меѓународните односи, реформите и борбата против корупција во фокусот на разговорите меѓу Сиљановска-Давкова и Варнс
Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова ја прими Никол Варнс, вршителка на должноста шеф на мисијата во Амбасадата на САД.
Таа изрази подготвеност за понатамошна соработката со истата динамика и посветеност како со претходната амбасадорка.
Разговорот започна со осврт на меѓународните односи, состојбите во НАТО, ЕУ и регионот.
Потоа соговорничките се фокусираа на македонските работи: реформските процеси во судството, дигитализацијата, борбата против корупцијата и организираниот криминал и реализацијата на инфраструктурните проекти.
За нив, инклузивниот модел на одлучување и меритократијата во сите сфери на општествениот живот, а особено во образовниот систем и во регрутирањето на државната и јавна администрација на највисоко ниво се клучни не само за нашата евроинтеграција, туку и за просперитетот на државата.
Во време на безбедносни предизвици и ризици, за обете, американско-македонското стратешко партнерство, како и сојузништвото во НАТО се важни за стабилноста.
Амбасадорката ја потврди американската подготвеност за унапредување на пријателските односи, поздравувајќи ја неодамна усогласената заедничка изјава за рамката за идниот Договор за реципрочна, фер и балансирана трговија, како значаен чекор во зајакнувањето на економската соработка.
Сиљановска-Давкова и Варнс очекуваат со Акцискиот план да се конкретизираат низа проекти во интерес на граѓаните.
Македонија
Укината забраната за сообраќај на камиони на патот Гостивар-Стража-Кичево
Од 17:20 часот укината е забраната за ТМВ на патниот правец Гостивар-Стража и обратно.
Сообраќајот на државните патишта се одвива во зимски услови, по влажни коловози. Врнежи од снег има на Пониква и на патниот правец Штип-Неготино кај с.Лесковица, кој во моментов не претставува пречка за одвивање на сообракајот, јави АМСМ.

