Македонија
Велковски: 150 лица престојуваат во Домот за стари лица Сју Рајдер Битола, а има само 7 медицински лица
Министерот за труд и социјална политика, Ѓоко Велковски денеска ги посети Центарот за социјална работа Битола каде се разговараше за актуелните проблеми и системски пропусти при доделување на социјалната помош. Велковски го посети и Домот за згрижување на стари лица Сју Рајдер од Битола во кој во моментов престојуваат 150 лица за кои се грижат само 7 медицински лица.
„Алармантна е состојбата во сите градови низ Македонија исто како и во Битола. И покрај барањата на домот Сју Рајдер, во овој дом не дошол министер да ги посети 7 години. Центарот кубури со кадар, а луѓето се оставени да се грижат сами за себе бидејќи има само 7 медицински лица на 150 луѓе. Овие луѓе сместени овде се стари лица, пензионери кои никој не најде за сходно да ги слушне нивните барања, изјави Велковски.
На средбата со директорите и вработените на центрите во Битола тема на разговор беа и утврдените системски аномалии и недостатоци коишто ги покажа системот за социјална заштита. Во постапка е инспекциски увид по што точно ќе се утврдат неправилностите, и да се спречат идни вакви појави.
„За жал некој не се грижел месеци и години наназад за тие системски неправилности и аномалии да бидат надминати. Таму каде што ќе има одговорност ќе си се утврди и тука треба сите да бидеме еднакви пред законот, но не е само одговорноста, туку системот да функционира и да нема повторно вакви појави во иднина“, дополни тој.
Министерот Велковски како што и претходно најави, до крајот на мандатот како технички министер ќе ги посети сите центри за социјална работа и ќе се сретне со пензионерите од сите градови во Македонија како најважен столб на нашето општество. Големиот број на пензионери од Битола коишто дојдоа на денешната средба со Велковски и барањата коишто тие ги повторуваат уште од август 2023 година, само ја потврдува алармантноста и потребата итно да се излезе во пресрет на нивните барања.
„Пензионерите го истакнуваат проблемот којшто за жал од август 2023 година само се провлекува, тие протестираат, излегоа во голем број и бараат да се исполнат нивните права, но жално е што никој не ги прими долг период. Ги знаеме нивните барања и сигурен сум дека ќе има решение за истите. Дури 220.000 пензионери се со под 20.000 денари пензија. Така да тоа е две третини од вкупниот број на пензионери во државата кои што за жал примаат под 20 илјади пензија. Алармантна е навистина состојбата и ќе излеземе во пресрет на нивните барања коишто ги доставуваат до нас“, порача Велковски
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Одронот е исчистен, сообраќајот на автопатот Скопје – Велес се одвива нормално
Во 20:38 часот на патниот правец Скопје-Велес, тунел Бадар, одронот е исчистен и сообраќајот се одвива нормално, информира АМСМ.
Претходно, од таму информираа дека сообраќајот се одвива по една лента поради одрон во тунелот.
Македонија
ВМРО-ДПМНЕ: Одлуката за домашен притвор на Груби е на обвинителството со 2 отсто доверба
Правда мора да има и таа мора да биде неселективна и конечна. Одлуката за домашен притвор е на обвинителството. Истото она со 2 посто доверба и за кое СДС се бореше да биде несменето до последниот здив. Сите забелешки може да ги испратат до таа адреса, и до омилените на Венко обвинители, велат од ВМРО-ДПМНЕ, по одлуката на скопското обвинителството да побара замена на мерката притвор со куќен притвор за Артан Груби.
„СДС треба да се договори со себе бидејќи се исклучително недоследни. Изутрина тврдат дека ДУИ одработува за ВМРО-ДПМНЕ, а сега дека е обратно. А всушност СДС се вистински во паника затоа што нивниот криминоген другар Артан Груби може да проговори за сите ортачки криминали на владите на Зоран и Вице, на Венко и Ковачевски, за бизнисите на Зечевиќ. Зошто врхушката на СДС денес заседаваше и “вртеше” телефони интересирајќи се за исказот на Артан Груби во обвинителство. Ова е и причината зошто СДС во случајот со Груби се однесува по логиката иста на онаа: “лопов вели држете го лоповот”. Црната кутија за криминалите на СДС и ДУИ падна. Прашање на време е кога “исплашените” од СДС ќе му прават на судските клупи друштво на Артан Груби“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Македонија
Куќниот притвор за Груби е потврда дека сè е договорено, велат од СДСМ
Одредувањето куќен притвор за Груби е потврда дека сè е договорено, сметаат од СДСМ. Според партијата, затоа судството и обвинителството се ставени под директна контрола на Мицкоски и ВМРО-ОКГ.
„Дилот ВМРО–ДУИ се спроведува пред очите на јавноста. Прво со договореното враќање и режираното снимање на граничниот премин. Не работеа камерите кога Груби си замина преку граница, слободно, со пасош, иако бил на стоп-листата. Но, за договореното враќање на Груби камери има на секој чекор – од граница, пречек, па сè до Обвинителството и Судот. Потоа следуваше веќе подготвената кампања по медиумите под контрола на Орбан, а сега и одлуките за куќен притвор. Ако некој еднаш избегал од државата, зошто му се одредува куќен притвор?“, прашуваат од СДСМ.
Од таму велат дека ништо не е случајно и останува само да видиме која е цената.
„Пеш преминал преку граница и побегнал. А бил на стоп-листа. Сега, после 14 месеци бегство – се враќа и му се одредува куќен притвор. На кого уште не му е јасно ова сценарио? Ништо не е случајно. Ова е дел од договорот меѓу ДУИ и ВМРО-ОКГ. Останува само да видиме која е цената“, велат од СДСМ.

