Македонија
Весна Петрушевска со сведоштва: Има многу гнев меѓу децата, ги фаќаат за задници, им вадат ножеви, ги тепаат
Фаќање за задник, скубење, удирање, навреди – вака изгледа детството на многумина тинејџери, сведочи актерката Весна Бејби Петрушевска, која секојдневно работи со деца во нејзината актерска школа. Јавна тајна е дека деца шетаат со ножеви по училишта, врсничкото насилство стана секојдневие. Петрушевска во интервју за „Макфакс“ сведочи за секојдневието на децата во Македонија, кои се мета на булинг, што подоцна носи тригери за себеповредување.
„Немаше дете кое не ми раскажа приказна за врсничко насилство. Дете немаше. Сите имаа нешто да ми раскажат, ‘чекај и јас да ти кажам ова имав’, ‘јас да ти кажам она имав’“, посочува Петрушевска за „Макфакс“.
Коментирајќи го масакрот во училиште во Белград, а прашана дали може во Македонија да се повтори нешто слично, таа вели: „Многу брзо, моето чувство е многу страшно и никогаш не ме излажало. Многу има гневни деца“.
Посочи и примери од нејзината актерска школа, каде деца кои се суперѕвезди меѓу младите се малтретирани на улица, па во дел од интервјуто вели: „Оди надвор од зграда на школско игралиште му се собираат поголеми деца му викаат ваков си таков си, па ќе го удрат, го малтретираат, па ќе купи пица, ќе му ја истурат пицата.
„Јас сум видела врсничко насилство и мои деца коишто се удирале со глава затоа што надвор имале деца кои ги претепале оти биле главни во ‘Дајте музика’“, рече Петрушевска, по што раскажа детали.
Децата меѓусебно се нарекуваат со „педер“, „курва“, „лезбејка“ – а тоа носи трауми. Петрушевска раскажа и за родителскиот пристап кон овие проблеми, како и суров пристап на родител чија ќерка имала психолошки проблем и било на лекување на Психијатриската клиника во Скопје.
„…И доаѓа некој да ја посети, јас таму и сега мене сите ме препознаваат… Ми вика ‘Вие тука?’, ‘да јас тука’. Продолжува: ‘ за кого?’, викам ‘за дедо ми, за кого’. Нели гледате дека има проблем… а вие викам што сте, „а татко сум јас“,…. па додава: ‘инaку нејзе ништо не и е“. Викам: ‘господине вие имате тука врвни доктори, штом имала таков напад, штом имала таков тригер, сигурно е за тука и ќе и помогнат, тоа не е ништо страшно’“, раскажува актерката.
Во Македонија жртвите не пријавуваат булинг и насилство. Петрушевска раскажа за претепано девојче во Дебар маало, малтретирани деца од „Дајте музика“. Говореше и за администрациските лавиринти кои треба да се поминат за да се дојде до санкција за децата кои малтретираат врсници.
Ама сега ајде да зборуваме реално, дали е тоа подобро за детето за да се соочи со траумата или треба да крие цел живот и после на 45 година да се фрли од некоја зграда, да има проблеми, да се фрустрира, просто ментално да оболи, затоа што тој тригер ќе се случи, како што и се случи на Мина. Значи се случува тој тригер, не може тоа така да помине“, вели таа.
Целото интервју на „Макфакс“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Угинат балкански рис најден на патот Ресен – Охрид, постојат само 50-тина единки од овој вид
Угинат рис денеска е пронајден на патот Ресен – Охрид. Од Македонското еколошко друштво (МЕД) велат дека ваквиот случај не треба да нè остави рамнодушни, особено ако се земе предвид дека постојат уште само 50-ина единки на балканскиот рис.
„По дојава од Здружението на ловци „Преспа-Ресен“, денеска на терен констатиравме дека е угинат рис на патот Ресен-Охрид. Во тек е координирана акција со Министерството за животна средина и просторно планирање, Државниот инспекторат за животна средина, Агенцијата за храна и ветеринарство и Македонското еколошко друштво со цел земање примероци за анализа и транспортирање на угинатото животно на Факултетот за ветеринарна медицина при УКИМ – Скопје заради обдукција“, велат од МЕД.
Од таму велат дека за зачувување на загрозените видови потребно е да се изградат зелени мостови.
„Ваквите случаи не нè оставаат рамнодушни, особено ако се земе предвид дека постојат уште само 50-на единки на балканскиот рис. Истовремено, се јасен показател дека ако сакаме да ги зачуваме загрозените видови, мора да се планираат и градат зелени мостови преку кои животните ќе можат безбедно да се движат и да ги надминуваат пречките создадени од човекот“, велат од МЕД.
фото/Facebook/Македонско еколошко друштво
Македонија
Ѓорѓиевски на ифтарска вечера: Ваквите моменти нè потсетуваат дека различностите се наше богатство
Градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски, на покана на поглаварот на Исламската верска заедница, присуствуваше на ифтарска вечера.

„Таму каде што почитта нè обединува! Вечерва, на покана на поглаварот на Исламската верска заедница, Реис ул-Улема, присуствував на традиционалната ифтарска вечера со нашите браќа и сестри од исламска вероисповед. Во духот на меѓусебната почит, разбирање и искрена човечка блискост, вечерта помина во пријатна и топла атмосфера, испраќајќи силна порака за соживот, толеранција и заедништво. Токму ваквите моменти нè потсетуваат дека различностите се наше богатство, а почитта, наш заеднички темел“, напиша Ѓорѓиевски.

Додаде дека рамазанските денови се денови на духовна сила, добрина, солидарност и обединување, денови кога се отвораат срцата, кога се помага на ближниот и кога уште повеќе се зацврстуваат врските меѓу луѓето.
„Да продолжиме да се почитуваме, да се поддржуваме и да останеме сплотени, за заедно да ја оствариме нашата мисија – силно и модерно Скопје и просперитетна Македонија“, напиша градоначалникот.
Македонија
Предлогот за минимална плата од 600 евра не помина на Комисија во Собрание
Предлогот минималната плата да се зголеми на 36.960 денари (600 евра) од март, денеска не помина на седницата на собраниската Комисија за економски прашања, труд и енергетска политика, откако официјално беше поднесен од пратеничката група на СДСМ.
Од опозицијата обвинија дека власта освен предлогот за јавна расправа го одбила и разговорот меѓу синдикатите, работодавачите и Владата.
„Предлогот за изменување и дополнување на Законот за минималната плата, поднесен од пратениците на СДСМ денеска не беше прифатен на собраниската Комисија за економски прашања. За законот дебатираа само пратениците од опозицијата. Власта го одби и предлогот за јавна расправа, одби разговор меѓу синдикатите, работодавачите и Владата. Одбија решение за работниците. Одбија 600 евра минимална плата“, велат од СДСМ.
Според нив, власта има пари за луксузирање, за мебел, чанти, авион ама нема за поголеми плати за раотниците.
„Парите за авионот не е исфрлени, нема реабаланс на Буџетот, затоа што немаат намера да се откажат. Гледаме координирана кампања на 40% од медиумите кои ги држат во сопственост преку Орбан, со наратив дека „потребен е авион“. Не запираат. Има за авион. Има за мебел. Нема за плати. Дефокус не го полни фрижидерот. Со дефокус не можете да ја оттурнете главната тема и да ги оставите работниците без леб. Мислите дека со дефокус ќе се избрише сеќавањето на авионот, часовниците од 65.000 евра, чантите од 30.000 долари?“, прашуваат од СДСМ.

