Македонија
Вељаноски: Комисијата за европски прашања да ја води пратеник од опозицијата, така нема да се протнуваат решенија што не се европски
„Во мандатот 1998/2002 се викаше Комисија за европски и евро-атлантски интеграции. Подоцна, во следните мандати, поточно од 2003 година до денеска се вика Комисија за европски прашања. Комисијата за европски прашања е основана со одлуката за изменување и дополнување на одлуката за основање постојани работни тела на Собранието на Република Македонија („Службен весник“ број 30/2003 година), што ја донесе Собранието на Република Македонија на седницата одржана на 18 април 2003 година“, вели поранешниот претседател на Собранието, Трајко Вељаноски.
„Со одлуката за изменување на одлуката за основање постојани работни тела на Собранието на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ број 86/2005), што ја донесе Собранието на Република Македонија на седницата одржана на 6 октомври 2005 година извршена е измена на надлежностите на Комисијата.
Во согласност со член 60 став 1 алинеја 4 од Деловникот на Собранието на Република Македонија, претседателот на Собранието определува работно тело надлежно за разгледување одделни прашања поднесени до Собранието (матично работно тело). Во долгогодишната собраниска пракса сите предлог-закони со европско знаменце СЕКОГАШ биле разгледувани на Комисијата за европски прашања како заинтересирано работно тело, а не како матично работно тело, НО, СЕКОГАШ, БЕЗ ИСКЛУЧОК, тие предлози содржеле коресподентни табели (неизбежно составен дел од предлог-закон со кој се врши усогласување со европското законодавство) и НИКОГАШ, НИТУ ЕДНАШ, не било злоупотребено европското знаменце“, додава Трајко Вељаноски.
„За матично тело се определува работното тело во чиј делокруг, во целост или во поголем дел, спаѓаат прашањата што се уредуваат со предложениот закон.
Собранието на Република Македонија на седницата одржана на 12 февруари 2013 година донесе Деловник за изменување и дополнување на Деловникот на Собранието на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ број 23/2013). Овие измени и дополнувања се однесуваат на разгледувањето на предлог-законите од надлежност на матичното работно тело за финансиите и буџетот од надлежност на матичното работно тело за економските прашања и на предлог-законите со кои се врши усогласување со правото на Европската Унија. Исто така, допрецизирана е постапката за донесување на буџетот на Републиката и на постапката за измена на Уставот на Република Македонија.
Користејќи, односно злоупотребувајќи ги измените на Деловникот во изминатиот период, од 2017 година до 2023 година, во Собранието се донесоа над 100-ина закони со европско знаменце, па би издвоил некои:
Законот за употреба на јазиците; ратификацијата на договорот за пријателство и соработка со Бугарија; ратификацијата на преспанскиот договор; ратификацијата на договорот со ‘Бехтел и Енка’; измена на Кривичниот законик.
Во изминатите 6 години во секој извештај на Европската комисија за напредок на Република Македонија стои дека е злоупотребено европското знаменце за да се скрати, односно избегне дебатата во Собранието за поважни закони.
За надминување на ваквата ситуација со злоупотреба на европското знаменце и бламирање на процесот на усогласување на нашето законодавство со европското законодавство, потребно е итна постапка и со кратка измена на Деловникот, каде што ќе се напише дека Комисијата за европски прашања ќе ја води пратеник од опозицијата, на тој начин сите партии ќе учествуваат во усогласувањето со европското законодавство и нема да се протнуваат решенија што не се европски.
Во таков случај ниедна влада нема да се осмелува да предлага закони без кореспондентна табела и на шверцерски начин ќе внесува решенија што се неприфатливи кај граѓаните и нема да се бламира процесот на усогласување на нашето законодавство со европско законодавство.
Врз основа на истакнатото можеме да заклучиме дека е крајно време да се најде начин да се прекине со оваа пракса на злоупотреба на надлежностите на Комисијата за европски прашања бидејќи на тој начин системски се поткопува воспоставената рамнотежа на помеѓу законодавната и извршната власт. Истовремено, пак, во рамките на самиот парламент се девалвира и законодавната и контролната функција на оваа гранка од државната власт. Оттаму, одговорно политичко мнозинство треба да размислува во насока да изнајде начин да ги издигне демократските стандарди во земјата антиципирајќи ги оправданите критики на јавноста. Еден од тие начини можеби е секогаш кога постојат сомнежи дека ваквата надлежност на ова работно тело се злоупотребува, задолжително да се отвори процес на разговори со опозицијата за да се неутрализираат критиките и да се постигне консензус. Доколку ваков чекор направи актуелното политичко мнозинство во Собранието во однос на актуелната опозиција, веќе утре, кога улогите ќе бидат сменети, овој неформален механизам или, пак, формалниот механизам кога пратеник од опозицијата ќе ја води Комисијата за европски прашања, ќе ѝ биде од голема полза и на таа опозиција. На тој начин демократски ќе созреваме, а ползата ќе биде само за Македонија“, пишува експретседателот на македонското Собрание, Трајко Вељаноски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Филипче: Единствениот булинг на македонскиот народ му го прават ВМРО-ОКГ и Мицкоски
Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, реагираше на изјавите на премиерот Христијан Мицкоски.
„Наместо да ги спроведе реформите што Европа ги бара две години, Мицкоски нуди само изолација и анти-ЕУ кампања. Преку 70% од граѓаните сакаат ЕУ – а тој зборува за „булинг“ и „прва и втора лига“. Тоа не е булинг, тоа е последица од неисполнување на обврските: правда, слобода на медиуми, борба против корупција. ВМРО секојдневно создава конфликти со соседите а на критиките од Брисел одговара со напади врз ЕУ. Затоа нема напредок, затоа 5 тони дрога излегуваат преку македонската граница неказнето, затоа судството и обвинителството се под контрола, а медиумите се задушени преку моделот на Орбан. Европа ни даде јасна шанса до 2027, заедно со регионот! Црна Гора и Албанија напредуваат. Ние? Само ако престанеме со оваа политика на изолација што намерно ја турка Мицкоски. Мицкоски ВМРО не сакаат ЕУ – сакаат да крадат на тендери без надзор. Тоа не е европска вредност. Тоа е криминална вредност. Единствениот булинг на македонскиот народ му го прават ВМРО-ОКГ и Мицкоски“ стои во реацијата на претседателот Филипче.
Македонија
(Видео) Не гледам потреба за одржување на предвремени парламентарни избори, вели премиерот Мицкоски
Премиерот Христијан Мицкоски не гледа потреба за одржување на предвремени парламентарни избори. Тој нагласи дека во разговорите со меѓународната заедница и со граѓаните како главен приоритет се посочуваат реформите и нивната реализација.
„Тоа е она што е главен фокус и приоритет на оваа Влада. Реформи и испорака. Се разбира дека ВМРО-ДПМНЕ како најголема политичка партија во државата мора да се однесува одговорно кон граѓаните, иако после локалните избори и оној апсолутен триумф, политички гледано нас ни одговара да има предвремени парламентарни избори, но и покрај сето тоа нашиот приоритет и фокус е испорака и реформи за подобар живот и стандард на граѓаните“, истакна Мицкоски.
Македонија
(Видео) Манасиевски: Партиските притисоци предводени од СДС и ДУИ разрешувале судии за еден ден, морало се да оди по насока на Заев
Партиските притисоци предводени од СДС и ДУИ разрешувале судии за еден ден, кажа денеска на прес-конференција, Валентин Манасиевски, член на ЦК на ВМРО-ДПМНЕ.
„Ристо Катевеновски, поранешен судија на Врховниот суд тврди дека бил разрешен поради тоа што не дал позитивно мислење за судски случај по барање на тогашните власти СДС и ДУИ. На судско рочиште судијата Катевеновски истакнал дека нема да даде позитивно мислење во случајот поврзан со поранешната министерка за внатрешни работи, Гордана Јанкуловска, и дека ќе биде потребно да се разговара со неговите колеги за понатамошно дејствие. Но, по само еден ден од оваа дадена изјава на Катевеновски, кој вели дека била дадена зад затворени врати, Судскиот совет свикал итна седница на која тој бил разрешен. Сведоштвото на Катевеновски води кон тогашните власти, а како што вели тој – неговото разрешување дошло од СДС и ДУИ, или во превод од Зоран Заев и Али Ахмети“, рече Манасиевски.
Тој истакна дека „правдата и вистината која Заев ја ветуваше кога дојде на власт се покажа како селективна“.
„Но, она што е клучно е тоа дека повторно добиваме сведоштва за притисокот на СДС и ДУИ, кон правосудните органи. Она кое ние го говориме во јавноста со години, сега веќе и се потврдува. Тие биле оние кои одлучувале кој ќе се апси, а кој ќе се апстрахира од одреден случај. СДС и ДУИ си ја партизираа државата и нејзините институции. ВМРО-ДПМНЕ тоа повеќе нема да го дозволи повеќе. Потребна е одговорност!“, заклучи Манасиевски.

