Македонија
Вељаноски: Собранието не направило преседан, изборите треба да се одложат
Експретседателот на Собранието, Трајко Вељаноски, вели дека распуштањето на Собранието во 2016 година не било противуставно ниту, пак, бил направен преседан. Според него, преседанот е направен од Уставниот суд, кој ја поништил одлуката за распуштање на Собранието, а за мотивот вели дека ќе коментира во наредна пригода.
Вељаноски смета дека треба да се одложат изборите и да се презакажат за период кога ќе биде извесно дека нема да влијаат на загрозување на здравјето на граѓаните.
„Решив да го напишам ова бидејќи деновиве слушам дека веќе имало правен преседан кога Собранието било распуштено, па се вратило во заседание, но вистината е сосема поинаква. Прво, на 87. седница одржана на 18 јануари 2016 година се донесе одлука за распуштање на Собранието, која имаше одложено дејство, односно со примена од 24 февруари 2016 година. Второ, бидејќи тогашната опозиција не се согласуваше да има избори (иако беа договорени во Пржино) и имаше најава од опозицијата дека нема да учествува на избори, поради тоа, пред да стапи примената на одлуката за распуштање на Собранието на 95. седница одржана на 23 февруари 2016 година Собранието донесе одлука за измена на одлуката за распуштање, со тоа што примената, наместо на 24 февруари, да биде на 7 април 2016 година. Трето, Собранието во согласност со изменетата одлука на 7 април 2016 година се распушти и се донесе решение за одржување избори на 5 јуни 2016 година. Четврто, кога се распушти Собранието и се донесе решение за избори, Уставниот суд со одлука У.бр.104/2016 во мај 2016 година ја поништи одлуката за распуштање на Собранието и врз основа на таа одлука на Уставниот суд, Собранието продолжи да работи сè до 17 октомври 2016 година“, вели Вељаноски.
Во ноември минатата година претседателот на Собранието, Талат Џафери, отфрлаше можност за повторно свикување на парламентот кога тој ќе се распушти во согласност со роковите за предвремените избори, кои се закажани за 12 април.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Општина Бутел започна изградба на 40 пешачки и пристапни патеки во Скопје Север
Општина Бутел денеска (23 февруари 2026) започна активности за изградба на 40 пешачки и пристапни патеки до станбените згради во населбата Скопје Север.
Градежните работи опфаќаат реконструкција на пристапните влезови до станбените објекти на улиците „Боро Менков“, „Лазо Москов“, „Гоце Стојчевски“ и „Костурска“.
Од општината информираат дека новите пешачки патеки ќе го олеснат движењето на граѓаните и ќе придонесат за спречување на поплавување на влезовите на зградите.
Реализацијата на проектот, како што наведуваат, претставува исполнување на предизборните ветувања на градоначалникот за еднаков и рамномерен развој на сите населени места во општината.
Македонија
Ангелов на работен состанок во Министерството за правда за измени на Законот за здруженија и фондации
На барање на директорот Стојанче Ангелов на Дирекција за заштита и спасување (ДЗС), денеска беше одржан работен состанок во Министерство за правда, посветен на најавените измени на Законот за здруженија и фондации, што директно ги засегаат доброволните противпожарни друштва во Македонија.
На состанокот беа разгледани можните правни импликации од предложените измени, со посебен акцент на правниот статус и функционирањето на доброволните противпожарни друштва (ДПД), нивната улога во системот за заштита и спасување и на потребата од усогласување на законската рамка со реалните теренски потреби и со европските практики.
Притоа, Ангелов, заедно со тим од ДЗС и од претставници на ДПД, ја истакна важноста од заштита, унапредување и институционално препознавање на доброволниот сектор, како клучен партнер во справувањето со кризи, пожари и природни непогоди. Соработката помеѓу институциите и доброволниот сектор е еден од темелите за ефикасен и функционален систем за заштита и спасување во Македонија.
Македонија
Лажни дојави за бомби во училишта во Скопје и Тетово
Во неколку училишта во Скопје и во Тетово денеска биле примени дојави за поставени експлозивни направи, но по извршените проверки било утврдено дека станува збор за лажни пријави.
Од Министерството за внатрешни работи информираат дека веднаш по добивањето на пријавите биле преземени соодветни мерки и активности од страна на полициски службеници.
„Веднаш по добиените пријави преземени се соодветни мерки и активности од страна на полициски службеници и утврдено е дека станува збор за лажни пријави“, соопштија од МВР.
Во Тетово дојавите ги опфатиле средните училишта СОУ „Никола Штејн“, СОУ Гимназија „7 Март“, СОУ Гимназија „Кирил Пејчиновиќ“ и СОУ „8 Септември“.
Кај основните училишта биле опфатени ООУ „Истикбал“, ООУ „Кирил и Методиј“, ООУ „Братство-Мигени“, ООУ „Гоце Делчев“, ООУ „Беса“ и ООУ „Прпарими“.
Надлежните институции продолжуваат со преземање мерки за расчистување на случајот.

