Македонија
(Видео) Митева: Груби да каже дали 9 пратеници не сакаат да гласаат уставни измени и дали еден пратеник од ДУИ барал пари за да гласа
Марија Митева, портпарол на ВМРО-ДПМНЕ, на новинарско прашање каков е ставот на ВМРО-ДПМНЕ во однос на коментарот на Груби дека имаат план како да ја придобијат опозицијата да гласа за уставните измени, без притоа да се користат уцени и притисоци, потенцира дека Груби не треба да работи на ВМРО-ДПМНЕ, туку да поработи на тоа дали сите пратеници од неговата втора партија СДС се спремни да гласаат за уставни измени.
„Груби рече дека работел на тоа цело време да се гласало за уставните измени. Порачуваме да не се мачи од ВМРО-ДПМНЕ. Груби да поработи на тоа дали сите пратеници од неговата втора партија СДС се спремни да гласаат за уставни измени. И, еве, поставуваме отворени прашања дали тројца пратеници од Првата и Втората изборна единица кажале дека ако е на маса ова, тие нема да гласаат, дали пак шестемина пратеници од внатрешноста на СДС им рекле дека уставните измени, цитирам: се најлошото нешто што може оваа Влада да го направи. Дали еден пратеник од ДУИ побарал пари за да гласа? Груби не треба да работи на ВМРО-ДПМНЕ, Груби треба да си поработи во својот двор“, рече Митева.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
(Фото) На повеќе локации низ Скопје паднаа дрвја, Ѓорѓиевски: Екипите се на терен, реагираме навремено
Поради засилениот ветер и неповолните временски услови, на повеќе локации низ градот беа регистрирани паднати и оштетени дрвја.
Градоначалникот Орце Ѓорѓиевски извести дека градските служби веднаш излегле на терен и постапуваат со целосна мобилизација, со цел отстранување на опасностите и обезбедување безбедно движење за граѓаните.
„Се сечат и расчистуваат паднатите дрвја, се отстрануваат скршените гранки и се нормализира сообраќајот таму каде што имаше застој. Приоритет ни е безбедноста на граѓаните и непреченото функционирање на градот“, рече Ѓорѓиевски.
Тој апелираше до сите на зголемена внимателност додека траат активностите на терен.
Македонија
(Фото) Силниот ветер откорна покрив во училиште во Гевгелија
Преку Единствениот број за итни повици 112 е примена пријава дека поради силен ветер летнала лимената конструкција од покривот на основното училиште „Јосиф Јосифовски“ во Гевгелија, соопшти Центарот за управување со кризи.

Според информациите, нема повредени лица. Побарана е интервенција од службени лица од МВР, како и од надлежните институции.

Силниот ветер направи проблеми и во Скопје. На шест локации се пријавени паднати дрвја и искинати кабли, при што е причинета материјална штета на повеќе автомобили.
За состојбата се известени СВР Скопје и ЈП „Паркови и зеленило“, кои преземаат мерки во рамки на своите надлежности.
Македонија
Сè помалубројни, постари и понеисправни автобуси во кои се возат сè помалку патници, покажува истражувањето на Центарот за граѓански комуникации
Центарот за граѓански комуникации ги објави истражувањето и базата на податоци за капацитетите на Јавното сообраќајно претпријатие Скопје.
Нивното истражување покажува дека:
– Само за десет години, бројот на превезени патници со автобусите на ЈСП Скопје е намален за 30 милиони годишно – во 2015 година се возеле по 52 милиони патници годишно, а сега бројот на превезени патници е сведен само на 22 милиони годишно.
– ЈСП располага со вкупно 341 автобус, од кои дневно се исправни 185 автобуси, а во работа се пуштаат само по 157 автобуси дневно.
– Бројот на автобуси на ЈСП Скопје континуирано се намалува во последните десет години. Пред десет години претпријатието имало 316 исправни автобуси, а денеска само 185.
– Со опаѓањето на бројот на автобуси, расте нивната просечна старост која сега изнесува 13,3 години, највисока во последните десет години.
– Доминантен дел од автобусите, односно повеќе од 80 % се од кинеските „Јутонг“ и од украинските „ЛАЗ“. ЈСП има и десет автобуси од марката Санос, стари по 33 години.
– Само 10 % од автобусите на ЈСП имаат највисок еколошки стандард Еуро 6, додека другите се со еколошки стандард Еуро 4 и Еуро 5.

