Македонија
(Видео)Митева: Над 900.000 евра тендери за агенцијата Рејтинг на Спасов, сега за стара цена СДС добиваат нови услуги
Наместо грижа за сопствената катастрофа, СДС со наталожени лаги и измислици сакаат да ги манипулираат граѓаните преку скапо платениот ПР, обвини денес портпаролката и пратеничка од ВМРО-ДПМНЕ, Марија Митевва
„Додека ја уништуваа државата, на агенцијата Рејтинг, во сопственост на Никола Спасов во периодот додека СДС беше власт оваа агенција има добиено тендери во вкупна вредност од над 900.000 евра. Имено, Во 2020-та, година од Град Скопје, Рејтинг на Спасов добила над 16.000 евра, но исто така и 4.500 евра од Општина Карпош. Во 2021-ва од Општина Охрид, добил 15.000 евра, сите тендери во период кога градоначалници се од редовите на СДС. Истата година, Рејтинг на Спасов добила 60.000 евра од Министерството за здравство, предводено од неговиот сегашен шеф, Венко Филипче. Понатаму, во истата година, во месец август Спасов, од Владата добил тендер вреден цели 300 илјади евра. Во 2022-рата година пак исто од Владата добил над 420.000 евра, за промоција на македонското вино во Белград. Истата година во декември, Спасов добил тендер од 50 илјади евра од Министерството за финансии и уште еден од 100.000 од Министерството за надворешни работи“, рече Митева.
Во 2023-та година, нагласи Митева, Спасов, пак, стана сопственик на нова компанија за производство на електрична енергија „Гама Солар“. Таа потсети дека за само три дена Регулаторната комисија за енергетика, со одлука одобри и лиценца за изградба на фотоцентрала, под име „Гама Солар1“.
„Заради ваквото бесрамно трошење на народните средства, немаше пари за граѓаните, немаше пари за земјоделците, немаше пари за стопанството. Додека агенцијата Рејтинг си измислуваше фестивали за дебели хонорари, народот тонеше во сиромаштија. Па сосема логично е денес истата оваа агенција Рејтинг, која беше добро исплатена преку милионски тендери од власта, да мисли дека ќе и се оддолжи на СДС преку опозиција. Но, залудни се обидите преку низок ПР СДС да се надева дека ќе успее да го поткрене сопственото реноме“, вели Митева.
Таа порача дека одгворност мора да има иако, како што рече, Филипче мисли дека со креирани лаги ќе избега од одговори за сите катастрофи изминативе 7 години.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Сиљановска-Давкова: Европа не може да биде целосно безбедна се додека Западен Балкан е надвор од Европската Унија
Без поцврста и поодлучна ЕУ, Балканот останува простор каде што надворешните сили ќе продолжат да ја тестираат својата моќ, порача претседателката Гордана Сиљановска-Давкова на свеченото отворањето на Меѓународната конференција на Паневропската унија на Македонија, што се одржа во претседателскиот Кабинет во присуство на бројни дипломатски претставници и странски гости.
Говорејќи меѓу раскошните мозаици на Глигор Чемерски коишто сведочат за историски вкоренетиот македонски удел во европската култура и цивилизација, Сиљановска-Давкова истакна дека како што секое камче е неопходно за стабилноста на мозаикот, така и Западниот Балкан е неопходен дел од европската целина, без кој ЕУ останува ранлива во услови на геополитички предизвици, војни и хибридни закани.

Во обраќањето таа потсети на визијата на Рихард Куденхоф-Калерги за обединета Европа изградена врз вредности, како и на заложбите на Ото фон Хабсбург за надминување на поделбите и интеграција на народите од Централна, Источна и Југоисточна Европа.
Претседателката укажа дека денес постојат нови, политички бариери што ја држат земјата во состојба на продолжена неизвесност и покрај децениските реформи и направените тешки компромиси.

Според неа, македонските граѓани одамна ја покажале својата цврста определба за европската иднина и не им се потребни сожалувања и post-festum извинувања, туку навремени, ex-ante решенија за деблокада на евроинтеграцијата.
Таа повика на обновена политичка волја и лидерство што ќе го заокружи процесот на проширување.
На свеченото отворање на конференцијата се обратија: претседателот на Паневропската унија на Македонија, Андреј Лепавцов, претседателот на Меѓународната паневропска унија, Паво Баришиќ, австрискиот амбасадор, Мартин Памер и Штефан Хабек претставник од Паневропската унија на Австрија и Институтот на регионите на Европа.

Паневропската унија на Македонија е формирана 1993 година и се залага за промоција на европските вредности и меѓународно лобирање за интеграција на државата во Европската Унија.
Македонија
Перински: Македонија и Унгарија ги зајакнуваат врските во делот на регионалниот развој и ЕУ политиките
Министерот за локална самоуправа, Златко Перински, на покана на министерот за регионален развој и јавна администрација, Tibor Navracsics, оствари еднодневна работна посета на Унгарија, насочена кон продлабочување на билатералната соработка и зајакнување на партнерството меѓу двете држави.
Во фокусот на разговорите беше размената на искуства за поефикасно и целосно искористување на програмите на Европската Унија, како и поддршка на вклучувањето на Македонија во нови европски програми. За Министерството за локална самоуправа, оваа соработка има особено значење во насока на унапредување на регионалниот развој, пренесување на знаење со цел зајакнување на институционалните капацитети и пристапот до европски фондови.

Во рамки на посетата, министерот присуствуваше и на отворање на изложба во Центарот за дигитални искуства (CODE), каде што свое обраќање имаше министерот за култура и иновации на Унгарија. Центарот е формиран во рамки на програмата „Веспрем–Балатон 2023 – Европска престолнина на културата“ и има за цел да отвора нови можности за културна размена преку дигитални и интерактивни содржини.
Останатиот дел од агендата беше посветен на посети на неколку значајни локации во округот Веспрем, при што беа разменети мислења и искуства за локалниот и регионалниот развој, како и за актуелните општествени процеси. Во тој контекст беа допрени и теми поврзани за начините за зголемување на атрактивноста на регионите, како и мерките за поттикнување на општините кон поголема самоодржливост и ефикасно користење на сопствените развојни потенцијали.

Посетата претставува уште еден чекор кон продлабочување на меѓусебната соработка и размена на добри практики во области од заеднички интерес.
Македонија
Утре променливо облачно со сончеви периоди, наместа со услови за провејување на слаб снег
Утре променливо облачно со сончеви периоди. Наместа ќе има услови за провејување на слаб снег.Ќе дува умерен, a долж Повардарието повремено засилен ветер од северен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од -1 до 6, а максималната ќе достигне од 4 до 12 степени.
Во Скопје, променливо облачно со сончеви периоди. Ќе дува умерен ветер од северен правец. Минималната температура ќе се спушти до 4, а максималната ќе достигне до 10 степени.
За време на викендот ќе дува засилен ветер од северен правец, а утре ќе има услови за провејување на слаб снег.
Од недела следува период на стабилно време со високи дневни температури.

