Македонија
(Видео) Мицкоски – Фон дер Лаен: Ѝ покажав фотографии од убиствата во Ваташа, да прифатиме ли дека се администратори?
Раководството на ВМРО-ДПМНЕ оствари средба во канцеларијата на ЕУ со претседателката на ЕК, Урсула Фон дер Лаен.
На средбата, како што информираат од опозициската партија, биле презентирани три позиции на ВМРО-ДПМНЕ.
„Бидејќи одговорот на претседателката на ЕК, Урсула Фон Дер Лаен, во македонскиот парламент е дека практично ако помине ова што го промовира Владата на СДСМ и ДУИ, ќе имаме одржување меѓувладина конференција, дилемата што ја имаат ВМРО-ДПМНЕ, македонската јавност и граѓаните е следна: во членот 11 од документот наречен EU Common Position или заеднички став на ЕУ јасно стои дека Македонија нема да ги почне преговорите сè додека, повторувам, сè додека не биде променет Уставот, дали е тоа точно или не е точно, оставам јавноста експертска и луѓето што се занимаваат со оваа проблематика да дадат одговор. Повторувам, првата дилема и првиот став што ВМРО-ДПМНЕ го изнесе на таа средба е дали според документот EU Common Position, односно европски став на ЕУ, член 11, ги почнуваме преговорите сега веднаш или кога ќе дојде до промена на Уставот. Бидејќи ние, според овој документ, читаме дека почетокот на преговорите ќе биде кога ќе биде променет Уставот или, да бидам попрецизен, мал дел од бугарскиот народ, 750 семејства според последниот каков таков попис, биде дел од преамбулата и нормативниот дел на македонскиот Устав“, истакна лидерот на партијата, Христијан Мицкоски.
„Втората дилема што ја имаме, бидејќи се спомена во говорот дека нема да зборуваме за историјата, но членот 14 од истиот документ тоа не го говори. Членот 14 вели сосема спротивно, а тоа е дека деновиве ќе биде потпишан документ што се нарекува протокол, а во тој документ ќе се зборува за сè, само нема да се зборува за владеење на правото, борбата против криминалот и корупцијата, подобра економија, поквалитетно здравство, покомпетитивно образование. Туку ќе се зборуваме за средниот век, за 18 или 19 век, чиј бил Гоце, чиј бил Даме, чие било Илинденското востание. Што значи дека според членот 14 и протоколот, кој, за волја на вистината, никој во македонската јавност не го видел, ниту ја прочитал неговата содржина. Ние ќе зборуваме за сè, само нема да зборуваме за иднината. Ќе зборуваме за проблеми од минатото. Односно ќе зборуваме како во 21 век да се асимилира македонскиот народ и да се уништи македонскиот идентитет“, посочи Мицкоски пред новинарите.
Овој член 14, од документот наречен заеднички став на ЕУ, како што оценува Мицкоски, е поврзан со генералните позиции на ЕУ, членот 5. каде што покрај Копенхагеншките критериуми и критериумите дефинирани со Договорот за стабилизација и асоцијација, само за Македонија, за ниту една земја членка од овие 27 ниту, пак, за Албанија, не се поставуваат билатералните прашања како критериум.
„Ние ќе зборуваме за сè, само нема да зборуваме за она што е важно за граѓаните, а тоа е поквалитетен живот. Да бидам попрецизен, ќе бидеме фокусирани само на историја. И третото прашање за кое имам исто така дилема, а и позициите на ВМРО-ДПМНЕ се такви и имаат дилема, е воведната изјава, членот 3, каде што јасно стои дека акито или преговарачката рамка ќе биде преведена на македонски јазик, но бугарската страна ќе даде еднострана изјава со тоа како таа го гледа македонскиот јазик. Така што дека ние имаме чист македонски јазик, односно дека имаме јазик чист, кој буквално ќе биде дел од преговарачката рамка и од документите на Европската Унија, е голема лага“, потенцира лидерот на ВМРО-ДПМНЕ.
„Зошто е ова важно? Ова пред мене, почитувани претставници на медиумите и почитувани граѓани, е документ од третата конференција на Обединетите нации од 1977 година и се однесува на стандардизација на светските јазици, одржана во Атина пред точно 45 години, каде што јасно стои разликата помеѓу бугарскиот јазик и македонскиот јазик со македонското кирилско писмо. И ова го покажав на средбата. Ова се документи од гробовите на децата од Ваташа, на младинците од Ваташа, ова ли го прават администраторите? Ова се тие луѓе, ова ли е дело на администраторите? Ова ли е дело на луѓето што велат дека ја администрирале Македонија?
Ете тоа се дилемите што јас и ВМРО-ДПМНЕ ги имаме, а за жал, овие корумпирани политичари во Владата, потпомогнати од други корумпирани политичари, ги немаат и го распродаваат она што со крв и со живот некој го плаќал“, изјави лидерот на ВМРО-ДПМНЕ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Родителите на децата загинати во Пулс порачаа дека правда мора да има
Родителите на загинатите во трагичниот пожар во „Пулс“ поладнево на „Марш за ангелите“ порачаа дека нема да дозволат одговорните за трагедијата на нивните деца да ја избегнат правдата, иако, велат на обвинителната купа седат само дел од лицата поврзани со трагедијата.
-Суштината е одговорноста. Факт е дека денес на обвинителна клупа седат дел од лицата поврзани со трагедијата. Но, исто така факт е – болен, непобитен факт – дека постојат луѓе со многу поголема моќ, обврски и надлежности, кои воопшто не се ни опфатени. Луѓе кои имале должност да спречат, а не спречиле, рече Александар Наунов, претседател на Здружението на граѓани „16 Март 2025 Кочани“.
Тој, во изјавата за медиумите, истакна дека се најавува свикување колегиум на обвинителите за повторно разгледување и евентуално ослободување на дел од обвинетите.
-Колегиумот (на обвинители) може да прегледува документи, но не може да брише факти, не може да брише пропусти, не може да брише нечии должности што биле игнорирани. Не може да избрише нечие непостапување кога тоа било прашање на живот и смрт, смета претседателот на ЗГ „16 март 2025 Кочани“.
Според Наунов, суштината не е во тоа кој трчал, кој се плашел, а кој спасувал, туку кој имал должност, а не ја извршил.
-Ние не сме овде за одмазда. Ние сме овде за правда. За ред. За систем што ќе ги штити децата – не систем што ќе ги остави да загинат. Родителите никогаш не се откажуваат. Можеби ќе нè уморите, но нема да нè скршите. Можеби ќе не одолговлекувате, но нема да не замолчите. Вистината ќе излезе на виделина, рече Наунов.
Протестниот марш денеска започна од „Паркот на Револуцијата“, а заврши пред Основниот суд и обвинителство во Кочани.
Македонија
Претседателката за утре го свика Советот за безбедност
По извршените консултации претседателката Гордана Сиљановска – Давкова за утре – 1 март 2026 година, закажа седница на Советот за безбедност.
Како што соопштија од Кабинетот на претседателката Сиљановска – Давкова, седницата ќе започне во 18 часот во Вилата Водно, а на дневен ред ќе биде безбедносната состојба во земјава по најновите случувања на Блискиот Исток.
Македонија
Агресивен карцином кај 10-годишната Ева, се бараат донации
Десетгодишната Ева е девојче кое се бори со агресивна форма на остеосарком (редок малиген рак на коските) кој бара интензивен и долготраен третман.
„Ви се обраќам во име на моето семејство и за најважната личност во нашиот свет, Ева, која е радосно, љубопитно, отворено, храбро десетгодишно дете кое одеднаш се соочува со борбата на својот живот. Нашето мало сонце се бори со агресивна форма на остеосарком (редок малиген рак на коските) кој бара интензивен и долготраен третман.
Овој вид на дијагноза не може да се лекува во Македонија, бидејќи нема центри ниту експертиза за да се обезбеди потребната грижа и третман. Туморот е класифициран како високостепен и брзо се шири, лекарите советуваа итно лекување во странство во специјализирани центри.
Времето и дејствувањето се критични. Во моментов таа е примена во специјализирана клиника во Минхен – Германија, каде што ја завршуваме последната фаза од дијагностиката (закажан термин за ПЕТ/КТ скенирање следната недела, по МРИ, биопсија, рендгенски снимки и крвни проверки).
Од она што го знаеме, третманот ќе следи во три фази:
1. Приближно два месеци интензивна хемотерапија
2. Хируршко отстранување на туморот
3. Дополнителни шест месеци хемотерапија“, стои во објавата.
Средствата се наменети за покривање на трошоците за медицинското лекување во Германија. Донации за помош на малата Ева може да се дадат на следниот линк.

