Македонија
(Видео) „Политичарите се поштетни од ѓубрето“, скопјани едногласни дека градот никогаш не бил повалкан
Скопјани се жалат дека од натрупаното ѓубре не може да отворат прозорци ниту на шести кат.
„Макфакс“ направи анкета меѓу граѓаните откога ЈП „Комунална хигиена“ се врати на работа. Задоволни од хигиената нема, едногласни се дека градот никогаш не бил повалкан, но сметаат дека има и поштетни работи од несобраното ѓубре.
„Поштетни ми се политичарите од ѓубрето“, одговори една од соговорничките на прашањето дали е загрижена за здравјето по бунтот во „Комунална“.
Некои од граѓаните сметаат дека вината за нередот во главниот град е кај политичките партии, кои, според нив, прават опструкции, на чие решавање треба да се работи.
По три дена депонии на улиците, денес веќе во Скопје има испразнети контејнери.
Ѓубрето изминатиот викенд остана несобрано оти комуналците се кренаа на бунт откако директорката Косана Мазнева не им ги продолжи договорите на 33 вработени, а Синдикатот се пожали дека нивни претставници не биле примени на разговор. Комуналците бараат и поголеми плати, исплата на К15 и бенефициран стаж.
Вчера, Синдикатот најави дека вработените се враќаат на работа, но револтот ќе го изразат преку други законски форми.
Емре Елез
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Нестабилно време со дожд и грмежи до среда
По врнежите и невремето по кое во текот на ноќта полавени беа подруми во Охрид, од УХМР најавуваат дека до среда ќе се задржи нестабилно време, претежно во попладневните часови со локален пороен дожд и грмежи.
Во четврток ќе има услови за краткотраен дожд, претежно во планинските подрачја, а преодно стабилизирање на времето се очекува во петок.
Температурите ќе бидат без значителна промена.
Македонија
Делови од Аеродром, Карпош и Ѓорче Петров утре без струја
Без електрична енергија утре ќе останат делови од општините Аеродром, Карпош и Ѓорче Петров.
Како што соопшти РЦУК – Скопје, без струја во периодот од 09:00 до 15:00 часот ќе останат корисниците на дел од село Долно Лисиче, реонот околу чаталот, ул.10 во општина Аеродром, од 10:30 до 14:30 часот дел од улица 16, на патот кон Визбеговово општина Карпош, а од 13:00 до 14:30 часот објектите на градинката Росица, на ул.„Мечкин Камен“, бр.45А. во општина Ѓорче Петров.
Македонија
Скопските и тетовските пожарникари гасеа три огнови на отворено, соопшти ЦУК
Во изминатото деноноќие Центарот за управување со кризи информира дека биле евидентирани три пожари на отворено.
Регионалниот ЦУК Скопје соопштил дека БППЗ на Град Скопје во изминатото деноноќие имала две помали интервенции поради запалено ѓубре и тоа на ул. „Ферид Заири“ во Општина Чаир и кај Езерото Треска во Општина Сарај.
Регионалниот ЦУК Тетово известил дека ТППЕ Тетово имала една помала интервенција поради запалена ниска вегетација кај село Чифлик во Општина Желино.
Центарот за управување со кризи соопшти дека изминатите 24 часа имало вкупно 1.491 повици на Единствениот повикувачки број за итни случаи 112. Од нив „реални“ повици биле 62,84 отсто, а 37,16 отсто биле за други потреби на граѓаните што не биле итни.
Кон полиција биле упатени 63,18 отсто, кон итната медицинска помош 29,09 проценти, кон пожарникарите 2,73 отсто, a кон АМСМ 1,36 отсто од повиците кон бројот 112.