Македонија
(Видео) Тренчевска: Кризата во периодот околу 2015 година донесе нови искуства и предизвици
Министерката за труд и социјална политика, Јованка Тренчевска, денеска со воведно обраќање го отвори вториот дел од министерската конференција „Одржливо управување со миграцијата во Западен Балкан“, која втор ден се одржува во Скопје и на која учествуваат амбасадори, министри, експерти и други гости од земјите на Западен Балкан, Европа, Азија и од САД.
Министерката Тренчевска се осврна на периодот околу 2015 година кога Република Северна Македонија беше соочена, пред сè, со хуманитарна криза, а секако и со сигурносна со оглед на прекуграничните движења, предизвикани од ненадејни масовен приливи на мигранти на нашата јужна граница.
„Над 1 милион луѓе беа во транзит во периодот од 2015 до 2016 година, а имавме периоди кога и над 10.000 мигранти дневно поминува низ нашата територија барајќи начин да стигнат до земјите членки на Европската Унија. И ние, како и земјите во регионот и во ЕУ, веднаш се обидовме да ги заштитиме ранливите лица, што е и главниот мандат на Министерството за труд и социјална политика. Поддржани од нашите партнери УНХЦР, ИОМ и УНИЦЕФ, почнавме со организирање тимови од социјални работници, психолози, едукатори и преведувачи, кои обезбедуваа организирано сместување, психосоцијална поддршка, хуманитарна помош во храна и облега, неформално образование и детски катчиња во соработка со домашните и меѓународните невладини организации“, истакна Тренчевска.
Таа посочи дека кризата во 2015 година донесе сосема нови искуства, нови предизвици, кои бараа нови законски и оперативни решенија за управување со таканаречените мешани миграциски текови.
![]()
„Од овој аспект би сакала да истакнам дека наша примарна цел беше и остана заштитата на непридружуваните и разделените деца, каде што преку доделување старател и зацврстување на механизмите на алтернативни форми на згрижување, како што се згрижувачките семејства и малите групни домови, се обидовме да обезбедиме опкружување во кое во најкраток можен рок требаше да се идентификува најдобриот интерес на детето. Истиот приоритет им беше даден и на другите ранливите категории лица, како што се сами жени, трудници, стари и изнемоштени лица. Освен моментен одговор во форма на социјална заштита и хуманитарна помош, Министерството ги преточи научените лекции во низа документи и политики, со што почнавме формирање база на знаење како дел од идната рамка за управување со миграциите, како што се оперативни процедури и правилници и прирачници, кои и денеска се користат од страна на стручните служби и теренските работници“, истакна Тренчевска.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Намалена видливост поради магла на неколку патни правци
Сообраќајот на државните патишта се одвива во зимски услови, по влажни коловози. Мали остатоци од снег има на планинскиот превој од (село Лисец – Попова Шапка) кои се задржани на коловозот, извести АМСМ.
Врнежи од снег со слаб интензитет има на патниот правец (Крива Паланка – г.п.Деве Баир) кој не се задржува на коловозот и намалена видливост поради појава на магла има на планинските премини Плетвар до 30 метри, Ѓавато до 100 метри и планинскиот превој Крушево до 40 метри.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Македонија
Дел од Карпош денеска без вода
Од ЈП Водовод и Канализација известуваат дека денеска поради уличен дефект ф-100мм на крстосницата Његошева/Софиска, прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците од следниве улици: Софиска, Његошева, Бриселска, Копенхагенска, Стокхломска, Петар Драганов и Гаврил Лесновски, општина Карпош.
Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 09:00 часот до завршување со санација на дефектот.
Македонија
Променливо облачно со услови за повремени слаби врнежи од дожд
Променливо облачно со услови за повремени слаби врнежи од дожд. Претпладне, врнежите од дожд ќе преминуваат во врнежи од снег и во некои од повисоките места. Ќе дува слаб до умерен, а попладне наместа долж Повардарието повремено засилен ветер од југоисточен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 0 до 6, а максималната ќе достигне од 3 до 10 степени.
Во Скопје, претежно облачно со услови за слаб дожд. Ќе дува слаб до умерен ветер од југоисточен правец. Минималната температура ќе се спушти до 4, а максималната ќе достигне до 9 степени.
Времето во наредните денови
До крајот на оваа седмица следува период на претежно облачно време со повремени врнежи од дожд, кои на повисоките планини, ќе преминуваат во врнежи од снег. Повремено наместа врнежите ќе бидат пообилни. До сабота ќе дува југоисточен и југозападен ветер, а во недела ветерот ќе го смени правецот и ќе дува засилен северен ветер.

