Македонија
(Видео) Чулев: Полицијата ќе патролира од вечер, ќе бидат приведени оние коишто ќе го прекршат полицискиот час
„На седница што ја одржа вчера Владата донесе одлука, почнувајќи од денеска, да се ограничи движењето на граѓаните. Одлуката е донесена на предлог на Комисија за заразни болести во Министерството за здравство. Со оваа одлука се забранува движење на граѓаните од 21.00 часот навечер до 06.00 часот следното утро. Тоа ќе важи секојдневно се до донесување на друга одлука на Владата. Ваквата одлука на Владата е пред се донесена за заштита на животот и здравјето на граѓаните, а потоа и за спречување на понатамошно ширење на коронавирусот“, изјави министерот за внатрешни работи, Наќе Чулев.
Од оваа забрана се исклучуваат само лица кои имаат потреба од итна медицинска помош, живото-загрозувачка состојба и лица кои имаат потреба од дијализа, исклучиво во присуство од најмногу 2 лица. Доколку вакво возило биде запрено од полициски службеници, дополнително ќе се провери оправданоста на излегувањето и превозот до здравствената институција. Со оваа одлука се ограничува и бројот на дежурни аптеки и надлежните инстотуции на назначат аптеки кои ќе дежураат во рестриктивниот период. Такси компаниите се задолжуваат да воведат дежурства со ограничен број возила, а индустриските капацитети се задолжуваат своето работно време да го прилагодат согласно забраната за движење.
„Уште еднаш сакам да потенцирам дека овие одлуки се донесени со цел заштита на животот и здравјето на граѓаните на нашата земја и поради тоа што мерките што беа претходно донесени не беа во целост почитувани од одреден број граѓани. Затоа беше нужно од воведување на овие порестриктивни мерки. Ги повикувам граѓаните да ги извршуваат своите обврски согласно дадените препораки, согласно упатствата на медицинските лица и секојпат кога излегуваат да користат заштитни маски и ракавици и да избегнуваат блиски контакти со други лица“, рече Чулев.
Тој информира дека Координативниот штаб на Владата ги задолжил Министерството за внатрешни работи, Министерството за информатичко општество и Министерството за транспорт и врски во координација со економските ресори да изготват листа на субјекти кои поради спефицичноста на извршување на дејноста која е неопходна за нормално функционирање на секојдневниот живот ќе им биде дозволено движење.
„За таа цел пред малку заврши работниот состанок на кој утврдивме дека исклучоците од ограничувањето на движењето ќе важи за вработените во армијата и полицијата, потоа за одредена група вработени во здравството, контролата на летање во МНАВ, Основното јавно обвинителство, дистрибутерите на стока и храна, вработените во обезбедување и вработените во телевизиските куќи. Секако, доколку постои потреба од итност листата на субјекти чии вработени се исклучени од наредбата може да се надополни, по претходна согласност од страна на МИОА. Дозволата за движење во наведениот период ќе ја издава Министерството за информатичко општество и администрација во пишана и електронска форма и чија веродостојно ќе се потврдува преку баркод. Напоменувам дека оваа потврда е задолжителна и за останатите категории кои беа опфатени со одлуката на Владата, а кои се дел од исклучокот за ограничување на движењето, односно интервентните екипи во ЕВН, телекомуникациските оператори, Водовод и јавните комунални претпријатија. Очекувам очекувам овој систем за издавање на електронски и печатени дозволи да профункционира најдоцна во текот на утрешниот ден.
Пред малку остварив работна средба со сите началници на Секторите за внатрешни работи, а во однос на мерките и активностите кои ги презема МВР, ја информирам јавноста дека полициските службеници контролата на ограничувањето на движењето на граѓаните ќе ја спроведуваат преку патролно обезбедување и преку поставување на пунктови на одредени локации на територијата на целата држава. Полициските службеници ќе патролираат со обележани полициски возила со звучни и светлосни команди за предупредување на граѓаните. Во спроведување на контролите активно ќе бидат вклучен унифорираниот и оперативниот, односно цивилниот дел на полицијата кој има полициски овластувања.
Лицата кои ќе ја прекршат одлуката на Владата на ограничување на движењето ќе бидат спроведени во полициска станица и кон истите ќе се поднесат соодветни пријави. Апелирам до граѓаните да ја почитуваат одлуката на Владата, а до полициските службеници апелирам со максимална посветеност да придонесат за спроведување на одлуката, истовремено водејќи сметка за сопственото здравје. Во интерес на зачување на здравјето и животот на граѓаните во изминатиот период во рамки на сите тела на владата барав построго ограничување на движењето на граѓаните, а и понатаму ќе инстирам одлуките кои ќе се носат да бидат во таа насока“, рече Чулев.
„Доколку се придржувате на препораките на стручните медицински лица, доколку ги следите упатствата на надлежните и ја почитувате одлуката за ограничување на движењето си помагате сами на себе, а и на институциите во спречување на ширењето на вирусот „Ковид-19“. Верувам дека никој од нас не сака сликите од европските земји, а кои се поврзани со коронавирусот, да ги гледаме, тука и во нашата држава. Само сплотени, единствени и одговорни можеме да успееме.Останете дома,спасете живот“, рече Чулев.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
СДСМ некогаш беше државтворна партија, а сега се занимава со трач муабети, реагира движењето ЗНАМ
Движењето ЗНАМ за Наша Македонија реагираше на, како што наведуваат, обвинувањата од СДСМ, оценувајќи дека партијата „бега од одговорност со навреди, етикетирања и лични дискредитации“.
Во реакцијата, од ЗНАМ наведуваат дека СДСМ, наместо да понуди аргументи и одговори за кономската и институционалната состојба во државата, се занимава со „озборувања“ и „трач муабети“.
Партијата оценува дека СДСМ, која некогаш беше државотворна партија, денес е сведена на фабрика за навреди, конструкции и политички отров, како и дека со улична реторика покажува нервоза и очај.
Од ЗНАМ нагласуваат дека движењето не е ничја квислиншка група, туку автентична политичка сила создадена од граѓани разочарани од владеењето на СДСМ.
Во реакцијата се споменува и периодот на владеење на Зоран Заев, при што се изнесуваат критики за, како што наведуваат, националните политики и управувањето со државата. Се споменува и поранешниот министер за здравство Венко Филипче, при што се посочуваат, како што стои во реакцијата, контроверзии и сомнежи за тендери и набавки.
„Политиките на Зоран Заев останаа запаметени како период во кој националните интереси се ставаа на распродажба без јасен консензус и без чувство за државничка мерка. Со рачето на срце се промовираше како чесен и достоинствен, а всушност државата ја претвори во сопствен приватен бизнис. Симболиката на „едно евро за Вицето, едно за црквата“, беше само дел што нештото го докажува. Ги распродадоа македонските национални позиции на ангро, без јасна стратегија и без поддршка, ја разнишаа довербата во институциите и ја продлабочија поделбата во општеството. И по сето тоа, истите тие кругови, истото тоа раководство, се обидуваат да зборуваат за морал и одговорност, како граѓаните да немаат паметење. Во периодот кога со здравството раководеше Венко Филипче, јавноста беше сведок на низа контроверзии, сомнежи за тендери, набавки и прашања на кои никогаш не доби целосни и транспарентни одговори. Златни визи, сомнителни бизнис релации и повластени шеми, сето тоа се случуваше во време кога СДСМ ветуваше „живот за сите“, а испорача привилегии за малкумина“, велат од ЗНАМ.
Од ЗНАМ дополнително оценуваат дека опседнатоста на СДСМ со наративи за т.н. ‘српски свет’ и со случувањата во соседна држава и нивната постојана потреба да отвораат фронтови и да се караат со сите, од политички партии до новинарие прашање што партијата треба да го решава во сопствени рамки.
Македонија
Нова опрема за анализа на тешки метали во почвата во Државната лабораторија за животна средина
Министерот за животна средина и просторно планирање, Муамет Хоџа, денеска ја посети Централната лабораторија при Министерството, каде најави системско и координирано решавање на сите институционални предизвици.
Тој нагласи дека модерна и функционална Централна лабораторија претставува темел на ефикасната заштита на животната средина и гаранција за точни и навремени податоци во интерес на јавното здравје. Целта е да се обезбедат стабилни услови за работа и долгорочно унапредување на капацитетите.
Во рамки на посетата беше нагласено дека Лабораторијата успешно ја обнови акредитацијата за наредните четири години за вкупно 20 методи, од кои една за мерење на амбиентална бучава и 19 за индустриски отпадни води и за површински води. Она што следува е забрзување на процесот на акредитација на методите за мерење на загадувањето на воздухот од стационарни извори.
Дополнително,во рамки на посетата беше презентиран новиот ICP-MS инструмент, кој овозможува анализа на тешки метали во почва, вода и воздух и со кој значително ќе се унапредат аналитичките капацитети на Државната лабораторија за животна средина.
Македонија
Уставниот суд: Нема постапка за пензиите, запрена за Кривичниот законик
По 5. седница на Уставниот суд, претседателот Дарко Костадиновски и судијата проф. Осман Кадриу информираа за одлуките по предмети од поголем јавен интерес.
Судот не поведе постапка за оценување на одредби од Законот за изменување и дополнување на Законот за пензиско и инвалидско осигурување, кои се однесуваат на исплата на пензиите во земјата.
Подносители на иницијативите се Игорчо Точев, Љубомир Сандевски, Темелко Ристески и Кире Батев.
Претседателот Костадиновски изјави дека мнозинството судии оценило оти пензионерите кои ја примаат пензијата во државата и оние што ја примаат надвор од неа се во иста правна, но не и во иста фактичка состојба. Според него, за повреда на членот 9 од Уставот, кој се однесува на еднаквоста, потребно е субјектите да бидат во иста правна и фактичка положба, што во овој случај не е исполнето.
Тој посочи дека мерката има социјален карактер и легитимна цел – ублажување на последиците од растот на трошоците и инфлацијата. Додаде дека по истекот на времените услови утврдени со мерката, се враќа редовното законско усогласување на пензиите, кое важи и за лицата што не живеат во земјата.
Судијата-известител Осман Кадриу изјави дека предложил да се поведе постапка, но не добил мнозинство гласови. Тој оцени дека со оспорените одредби се врши дискриминација врз пензионерите кои живеат надвор од државата и дека им се ускратуваат правата на зголемување и усогласување на пензиите.
Во однос на предметите У.бр.162/2023 и У.бр.163/2023, кои се однесуваат на измените на Кривичниот законик, Судот ја запре постапката, оценувајќи дали Законодавецот постапил согласно насоките од претходното решение со кое беше поведена постапка.
Мнозинството судии констатирале оти во формален аспект Законот е донесен согласно процедурите. Во однос на материјалната уставност, дел од судиите сметале дека новото решение не е идеално, но е подобро од претходното.
Тој нагласи дека евентуално поведување нова постапка и укинување на законот би создало правен вакуум и правна празнина во санкционирањето на злоупотребите на јавни средства, поради што мнозинството одлучило да ја запре постапката, водејќи се од принципите на правна сигурност и предвидливост.
Судијата Кадриу изјави дека гласал против запирањето на постапката, наведувајќи дека, иако Законодавецот ја испочитувал формалната процедура, не постапил целосно по одлуката на Уставниот суд во материјалниот дел.

