Македонија
(Видео) Јаневска: Директорката на Државниот просветен инспекторат поништила испит на 111 кандидати за директори
„Злоупотребата на службената должност на директорката на Државниот испитен центар (ДИЦ), Елизабета Наумовска, кулминира со одлука на Државниот просветен инспекторат да се поништи испитот на 111 кандидати што посетувале обука за лиценца за директор според Законот за обука и испит за директор на основно училиште, средно училиште, ученички дом и отворен граѓански универзитет за доживотно учење“, вели Весна Јаневска, претседател на Комисијата за образование и наука на ВМРО-ДПМНЕ.
Јаневска посочи дека „директорката на ДИЦ одолжуваше со обуките и со избор на обучувачи и го прекрши законот, член 18 став 8, и не закажа трет дел од испитот во законски рок. По претставка до ДПИ, државниот инспектор носи одлука да се поништи испитната сесија на штета на кандидатите што за оваа состојба воопшто не се виновни. Државната инспекторка, која го донеле решението, МОРА да ја преиспита својата одлука и да донесе решение во корист на кандидатите затоа што член 18 став 8 се однесува само на третиот дел од испитот“.
„Ги охрабруваме кандидатите да поднесат барање до ДИЦ да им се признаат првите 2 дела и изработената семинарска работа, предадени во рок и во новата сесија, како трет дел од испитот, да остане само одбраната на семинарскиот труд пред истата комисија. Ги охрабруваме кандидатите да поднесат претставка и до директорот на ДПИ за повторена инспекција во ДИЦ по овој предмет, со цел да се постапи во нивна корист, а за што има законска можност“, рече Јаневска.
Таа наведе дека „со оглед дека во решението од Државниот просветен инспектор не се бара одговорност од инволвираните лица во ДИЦ, го повикуваме Јавното обвинителство да поведе постапка за злоупотреба на службената дејност на лицата Елизабета Наумовска, Бети Ламбева и Лидија Нарешановска-Смилевска“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
																	
																															Македонија
Мицкоски од Брисел: Ги повторивме нашите единствени позиции за Македонија
														Премиерот Христијан Мицкоски соопшти дека во Брисел имал пријателска средба со претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта.
„Првата средба ја имавме точно пред една година кога господинот Кошта беше избран за претседател на Европскиот совет и од тогаш до денеска негуваме навистина пријателски и искрени односи. Господинот Кошта е голем пријател на Македонија и во таков дух помина денешната средба.
Повторно разговаравме за актуелните теми, нормално приближувањето на нашата земја кон Европската Унија и конечно формалното отпочнување на преговорите“, појасни Мицкоски.
На состанокот како што вели, биле повторени „нашите единствени позиции“.
„Тоа се навистина позиции достоинствени после сите оние понижувања кои што ни се случија во минатото, изминатите 25 години откако практично почна овој наш пат кон приближување кон Европската Унија.
Имавме пријателски и би рекол прилично продуктивен состанок, едноставно сето она кое што претставува наш приоритет е и приоритет на господинот Кошта. Покрај приближувањето кон ЕУ и отпочнувањето на преговорите, имаше уште неколку проекти кои што се за нас стратешки важни, тоа е гасниот интерконектор со Србија и крак на гасниот цевковод кон соседно Косово. Понатаму, тарифите за челикот и челичните производи на македонските производители, како и заедничкиот проект што нашата македонска Влада ќе го има со Европската комисија, а се однесува на проектите кои што треба да ги реализираме во Кочани и во кочанскиот регион.
Сè на сè, можам да кажам дека исклучително успешна и продуктивна средба, продолжуваме и понатаму со нашите средби овде во Брисел. Имаме настан со Еуроњуз, вечер имаме вечера со комесарката Марта Кос и се надевам и сигурен сум на позитивни вести“, вели Мицкоски.
Македонија
Почнува изградбата на железничкиот тунел што ќе ги поврзува Македонија и Бугарија, утре министрите на двете земји ќе го потпишат договорот
														Заменик-претседателот на Владата и министер за транспорт, Александар Николоски, утре, 6 ноември, заедно со вицепремиерот и министер за транспорт и врски на Република Бугарија, Гроздан Караџов, ќе го потпишат догорворот за подготовка, изградба и оперативност на меѓуграничниот железнички тунел на Коридорот 8.
На потпишувањето, кое ќе биде на железничката станица Ѓуешево, предвидено е да присуствуваат претставници на Европската комисија, претставници на НАТО, претставници на САД на Европската инвестициска банка, Европската банка за обнова и развој, како и претставници на Светската банка.
Изградбата на железничкиот тунел ќе претставува меѓугранична точка на двете држави на Коридорот 8. Проектираната должина на тунелот е околу 2,4 км, од кој 1,2 км се наоѓа на територијата на Македонија.
Изградбата на железничкиот Коридор 8, покрај економското значење за Македонија и регионот, има и безбедносно значење во рамките на НАТО. Во таа насока, на источниот Коридор 8 веќе е изградена и пуштена за сообраќај пругата од Куманово до Бељаковце. Делницата од Бељаковце до Крива Паланка е во фаза на изградба, а интензивно се работи и на подготовка за третата делница од Крива Паланка до границата со Република Бугарија, која во продолжение ќе го опфати и тунелското решение.
Македонија
Воведена нова процедура на Клиниката за кардиологија, пациентите со сложени срцеви аритмии повеќе нема да бидат упатувани во странство
														Министерот за здравство Азир Алиу денеска ја посети Универзитетската клиника за кардиологија по повод извршената прва аблација за коморна тахикардија во нашата држава.
„Со воведувањето на новата процедура на Клиниката за кардиологија овозможуваме пациентите со сложени срцеви аритмии да бидат згрижени и соодветно третирани во оваа врвна терциерна установа, без да има потреба да бидат упатувани во странство. Тимот од оваа клиника покажа дека во македонското здравство постои знаење, храброст и визија за врвни резултати. Ова е голем чекор напред за нашето здравство и потврда дека инвестицијата во знаење, технологија и човечки потенцијал овозможува врвни резултати“, истакна министерот Алиу при посетата.
Директорката на Клиниката за кардиологија, Даница Петкоска-Спирова, изрази благодарност до целиот тим за посветеноста во работата и грижата за пациентите со кардиолошки заболувања.
„Министерството за здравство продолжува со поддршка на иницијативите за воведување нови процедури и методи во јавните здравствени установи, со цел унапредување на третманот на пациентите на сите нивоа на здравствена заштита“, порача министерот Алиу.

