Македонија
(Видео) Аврамовски: ЛДП утре во Собранието повторно ќе го поднесе предлог законот за отворени листи и една изборна единица
„Либерално-демократската партија и понатаму останува доследна во својата заложба за темелни изборни реформи“, вели во својата изјава за медиумите портпаролот на ЛДП, Љубен Аврамовски.
„И денес, како и претходно, даваме силна поддршка за воведување на една изборна единица, отворени листи, како и вклучување на предлозите од граѓанскиот сектор за независни листи во креирање на новиот Изборен законик. Ова не е нова иницијатива за ЛДП. Нашите пратеници во два претходни парламентарни состави поднесуваа предлог-закони за истата оваа реформа. За жал, тогаш тие иницијативи не добија поддршка. Но ние не се откажуваме“, посочува Аврамовски.
Тој додава дека утре, понеделник, преку претседателката на ЛДП и пратеничка, Моника Зајкова, ЛДП повторно ќе поднесе предлог закон до Собранието за воведување на една изборна единица и отворени листи.
„Како прва политичка партија која јавно ја поддржа оваа идеја, уште еднаш ја нагласуваме потребата од праведен и транспарентен изборен модел, кој ќе обезбеди еднаквост на гласот и директно на граѓаните во изборот на нивните претставници. Цврсто веруваме дека оваа промена ќе донесе поголема транспарентност, поголема одговорност на избраните претставници, како и посилна демократија во нашата земја“, изјавува Аврамовски.
Аврамовски во име на ЛДП, ги повика сите политички партии како и граѓанскиот сектор на отворен дијалог и заедничка работа, со една цел – конечно усвојување фер, праведен и современ изборен модел, кој ќе им служи на сите граѓани подеднакво.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Боки 13 ја вознемирувал Русковска, таа го пријави во полиција
Поранешната обвинителка Вилма Русковска поднела пријава до полицијата против Бојан Јовановски – Боки 13 за телефонско вознемирување.
Според пријавата, инцидентот се случил вечерта на 18 декември 2025 година, кога Јовановски, додека бил во живо вклучување на „Јутуб“, повеќепати телефонски ја контактирал Русковска, и покрај нејзиното одбивање на повиците.
Од снимката што циркулира на социјалните мрежи може да се види дека разговорот бил проследен со навредливи и вознемирувачки изјави од страна на Јовановски. Русковска во еден момент го предупредила дека доколку продолжи со повиците, ќе го пријави во полиција, по што повиците сепак продолжиле.
Од Министерството за внатрешни работи за медиумите ја потврдија пријавата и информираа дека работат на расчистување на случајот.
Македонија
Пратеникот Јанчев кој имаше сообраќајка во која загина тинејџер доби обвинение, свртел на место каде не смеел
Основното јавно обвинителство Скопје поднесе обвинение против Сашко Јанчев, пратеник од партијата Левица, за кривично дело „Тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот“, согласно член 300 став 4, во врска со член 297 став 3 и став 1 од Кривичниот законик.
Обвинението се однесува на тешката сообраќајна несреќа што се случи на 14 септември, по полноќ, во скопското село Марино, во која животот го загуби 16-годишниот Матеј Димовски, а неговата 13-годишна сопатничка беше тешко повредена.
Според Обвинителството, по спроведена истражна постапка, обезбедени се сите релевантни докази и извршени се соодветни вештачења со кои се утврдени причините за несреќата.
Обвинетиот управувал патничко возило „Хјундаи Тусон“, при што не се придржувал до сообраќајните прописи и со своето однесување го загрозил јавниот сообраќај и безбедноста на учесниците.
„Осомничениот непрописно свртел со возилото, без претходно да се увери дека маневарот може да го изврши без да ги загрози другите учесници во сообраќајот“, наведува Обвинителството.
Во тој момент, во возилото удрил мотоцикл марка „Јијинг“, без регистарски ознаки и без вградени светлосни уреди, со кој управувал починатиот 16-годишник. Според официјалните наводи, мотоциклистот немал возачка дозвола, а ниту тој ниту неговата сопатничка не носеле заштитни кациги.
Како последица на тешките повреди здобиени во сообраќајната несреќа, малолетниот возач на мотоциклот починал, додека девојчето кое било сопатник се здобило со тешки телесни повреди.
Македонија
Скопје руши рекорди по загаденост, утрово е втор град во Европа
Според светскиот сервис IqAir Скопје утрово е на 20 место во светот, а второ во Европа по загаден воздух.
Доколку се следат податоците од апликациите кои ја мерат загаденоста на воздухот, Скопје и утрово е град со многу висока загаденост. Според светскиот сервис IqAir Скопје утрово е на 20 место во светот, а второ во Европа по загаден воздух.
Најзагаден воздух утрово дишат жителите на населбата Илинден.
Министерството за животна средина алармираше дека е надминат прагот на алармирање. Загадувањето во Скопје е децениски проблем особено во зимскиот период и времетраењето на грејната сезона.

