Македонија
(Видео) Академијата за судии и јавни обвинители го крши Изборниот законик со вработувања, вели Стоилковски
„Верувале или не денеска во ЈО, спротивно на закон, среде избори, се врши процес на вработување, прием на 130 нови судии и обвинители, се врши писмен приемен испит за Академијата за судии и јавни обвинители, зад мене во ЈО. И верувале или не, наместо електронско полагање, за прв пат ќе се полага писмено, затоа што не е набавен соодветен софтвер“, вели Наум Стоилковски, портпарол на ВМРО-ДПМНЕ.
„Ова е класично прекршување на изборниот закон од Академијата која треба да биде пример за владеењето на правото. По сила на закон во сите државни институции, јавни претпријатија и општини, сите постапки за вработување се ставени во мирување по сила на изборниот законик.
Дали за Академијата за судии е поважен изборниот законик или можеби им е поважен Мики Крстев од СДСМ, заменик министерот за локална самоуправа, да полага испит со малверзации во време на распишани избори?!
Дали за директорката Габер Дамјановска е поважно владеењето на правото од желбата на внуката на Рамиз Мерко, Ерканда Баута, да стане обвинителка во струка со незаконито полагање на тест во изборен период?!
Дали Александар Глигоров, син на Емил Глигоров, претседател на судот во Струмица од СДСМ, со ваков писмен наместо електронски испит ќе има максимални 100 поени?
Дали Дитмире Шеху, член на ДИК од ДУИ, ќе има 100 поени на писмениот тест? Може и Фуркан Фета, асистент на ДУИ во Собранието и близок пријател до раководството, ќе освои 100 поени на ваков тип на полагање. Секако и Дарко Герамитчиоски, советник на СДСМ во Општина Прилеп, веројатно ќе има 100 поени на писмен тест прегледуван од човек, наместо електронски.
Апелираме до ДКСК да го спречат ова прекршување на изборниот законик од страна на Академијата за судии и обвинители, бидејќи решавањето на овој предмет ќе биде и тест за интегритетот на Антикорупциската комисија која има должност да го заштити изборниот законик.
Дополнително, ќе се остави време да се исправи актуелната состојба, наместо електронското полагање, писменото полагање на квалификацискиот тест. Тоа сега значи човечко влијание, можност за манипулации, дополнително одговарање од страна на трето лице на неодговорените прашања и доделување на максимум поени на кандидати кои се доведуваат во врска со власта и дополнително се руши интегритетот на правниот систем во Македонија“, изјави Наум Стоилковски, портпарол на ВМРО-ДПМНЕ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Муцунски: ДУИ оди во опозиција, бојкотот не им успеа, цензусот е исполнет
Повикот на ДУИ за бојкот не успеа, а денот ги извади на виделина игрите на власта. ДУИ посакува криза и преку бојкот сакаше да се факторизира. ДУИ изгуби, бојкотот не им е успешен, извесно е дека одат во опозиција, изјави Тимчо Муцунски, на првата прес-конференција на ВМРО-ДПМНЕ по гласањето на парламентарните и вториот круг од претседателските избори.
„Пропадна сценариото да се создаде криза во државата, се радуваме што е постигнат цензусот, извесно е дека Давкова е новиот претседател. Очекуваме уште подобар резултат од првриот круг, и уште вечерва да биде јасна сликата како ќе изгледа идната Влада на Република Македонија. Очекуваме да имаме резултат што ќе го отслика опозициското расположение во државата“, рече Муцунски додавајќи дека ДУИ е дел од криминална власт што станува минато.
Како што рече, народот излегол за да си ја врати Македонија, односно контролата врз системот бидејќи државата наместо на елитите треба да му припаѓа на народот.
ВМРО-ДПМНЕ оцени дека дека изборниот ден генерално поминал мирно, со поединечни нерегуларности. Муцунски објави дека неколку функционери биле фатени во илегални активности со поткуп и ги повика интитуциите да истражат и да го испитаат потеклото на парите.
Македонија
(Видео) Кузеска за скриениот бојкот во некои општини: Како настапи секоја партија на изборите, треба да одговори пред себе и пред граѓаните
Денеска имавме мирен, достоинствен и успешен изборен ден, изборите беа фер и демократски, како што доликува на земја членка на НАТО со почнати преговори за Европската унија. Констатирани се одредени неправилности, но сметаме дека се тие со незначителни во овој изборен процес, рече портпаролката на СДСМ, Богданка Кузеска.
Правото на глас и слободното одлучување се најзначајни придобивки во демократијата, додаде Кузеска.
Таа упати благодарност до граѓаните кои денеска гласаа, а изборите ги оцени како слободни, мирни, демократски и достоинствени.
Кузеска кажа дека граѓанската волја ќе одлучи по кој колосек ќе се движи Македонија понатаму.
Прашана како го коментира скриениот бојкот во општините каде што има доминантно албанско население, портпаролката на СДСМ кажа дека како настапила секоја партија на овие избори треба да одговори пред граѓаните и пред себе.
„СДСМ од самиот почеток повикуваа на масовност, граѓаните да го искористат својот глас. СДСМ никогаш не бил кочничар на било кои процеси кои ја носат државата напред“, рече Кузеска.
Македонија
(Видео) Џафери: Граѓаните ќе одлучат која политичка опција е најдобра за нив и за државата
Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Талат Џафери, денеска го оствари своето гласачко право во родното Форино и гласаше на вториот круг од претседателските избори и парламентарните избори.
Премиерот Џафери, во изјава за медиумите посака мирен и фер изборен ден, во кој граѓаните ќе можат со својот глас да одлучат кој ќе ги носи одлуките што се суштествени за земјата и кои се за остварување на нашите стратегиски цели.
„Очекувам изборите да бидат слободни и демократски. Граѓаните можат слободно да ја изразат својата волја, впрочем, тоа го покажаа и на 24 април.
Очекувам денот да заврши исто како и на 24 април, односно мирно, со можност секој граѓанин да го искористи своето уставно право и да го направи изборот за кој што мисли дека е најдобар за него и за државата.“, изјави претседателот на Владата, Џафери.