Македонија
(Видео) Аларм од родителите: набавката на „трикафта“ пак заглави во министерско-владини лавиринти
Набавката на „трикафта“ за пациентите со цистична фиброза, кои го чекаат лекот, повторно заглави во министерско-владини лавиринти, алармираат родителите на пациентите. Елмир Сејфулаи, еден од родителите, денес пред Собранието на Република Македонија потсети дека модуларната терпаија сѐ уште не е достапна за пациентите, иако одамна се истечени роковите, кои Владата сама ги даде.
„Од последниот пат кога бевме во Министерство за финансии ни беше речено дека чекаат одговор од Владата за 15 дена за Министерството за здравство да направи комисија со планови и рокови до кога може да биде обезбеден лекот ‘трикафта’. Но, рокот од 15 дена одамна помина. Повторно пречките за обезбедување на лекот се во министерски или владини лавиринти. Не се работи интензивно за овој проблем да биде решен, иако им е многу потребен на сите пациенти, не се знае кога ќе им се влоши состојбата. Од Финансии ни рекоа дека нема да им биде потребен ребаланс, средства има, но овие бирократски лавиринти се од други векови, во 21 век не треба да има толку бирократија“, вели Сејфулаи.
Родителите нагласија дека иако назначиле нивен член во комисијата, која работи на набавка на „трикафта“ за сите пациенти, тој досега не учествувал на неден состанок.
„Именуваме член, но тој не бил повикан со образложение дека направиле научни работи во комисијата и тој не бил потребен во таа фаза. Сѐ уште не сме вклучен во набавката. Не е повикан на ниедна седница“, рече Сејфулаи.
Лекот „трикафта“ со интервентен увоз беше набавен за 12 пациенти, чија состојба беше проценета како најкритична. Владата најави дека ќе се обезбеди за уште 30 пациенти, а според евиденцијата на Асоцијацијата за цистична фиброза, во земјата има речиси 140 пациенти за кои не се знае во кој момент ќе стигнат до критична состојба.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Земјотрес почувствуван во Делчево и Виница
Денес околу 15:48 часот беше почувствуван земјотрес во делови на североисточна Македонија, најмногу во Делчево, Виница и околните места.
Според Сеизмолошката опсерваторија при Природно-математичкиот факултет во Скопје, земјотресот бил со магнитуда од 3,2 степени според Рихтеровата скала, а епицентарот потекнува од подрачјето на Благоевград, во соседна Бугарија.
Земјотресот се почувствувал со интензитет од III степени по Европската макросеизмичка скала, што значи дека граѓаните можеле да забележат кратко тресење, но без посериозни последици.
Од Опсерваторијата замолуваат сите што го почувствувале земјотресот да го пополнат прашалникот на ЛИНКОТ или да се јават на 112.
Македонија
Сиљановска-Давкова: ЕУ сè уште нема јасна стратегија за нашата европска интеграција и практикува двојни стандарди
Да се посветиме на реформите, не поради „политичката волја“ за уставните измени, туку заради владеење на правото, порача претседателката Гордана Сиљановска-Давкова на заедничка седница на Националниот совет за евроинтеграции и Комисијата за европски прашања, на којашто се дискутираше за Извештајот на Европската комисија за напредокот на земјава за 2025 година.
Укажувајќи на неиздржаноста на забелешките за немањето политичка волја во државава, претседателката истакна дека ние досега манифестиравме енормна спремност во спроведувањето на барањата на ЕУ.
Таа го покрена и прашањето за преиспитување на процесот на евалуација од страна на Европската комисија. Компарирајќи ги досегашните 16 извештаи, посочи дека нотираниот прогрес е цикличен, а не линеарен, што говори дека оценките се одраз на актуелната перцепција на евалуаторот.
Годинешните оценки за земјава, според Сиљановска-Давкова, се под влијание на барањата за уставни измени.
Претседателката повтори дека наметнатите дополнителни услови коишто го попречуваат нашиот европски пат не се во согласност со темелните вредности и принципите на Унијата коишто налагаат почитување на уставните структури на државите.
Во обраќањето таа се осврна на можните компликации во одлучувањето во Комитетот за односи меѓу заедниците како резултат на евентуалните уставни измени. Укажа на спорноста на констатацијата во Извештајот за лоцирање на жените на изборните листи на недобитни позиции, со оглед на законската гаранција за родово неутрална квота.
Претседателката истака дека ЕУ останува уникатна политичка филозофија, што ужива поддршка кај јавноста, мотивира демократски реформи и стимулира промени што водат кон траен мир и стабилност на Западниот Балкан.
Според неа, интегрираноста на Западен Балкан во ЕУ ќе стави крај на „балканизацијата“ како феномен. Сепак, според Сиљановска-Давкова, Унијата сè уште нема јасна стратегија за нашата европска интеграција и практикува двојни стандарди.
На седницата се обратија евроамбасадорот, Михалис Рокас, министерот за европски прашања Орхан Муртезани, претседателите на Националниот совет за евроинтеграции и Комисијата за европски прашања, Венко Филипче и Антонијо Милошоски, како и пратеници од власта и опозицијата коишто ги изнесоа своите гледишта за годинешниот Извештај на ЕК.
Македонија
Министерот Тошковски опериран во Клиничкиот центар „Мајка Тереза“
Министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски, денеска бил опериран во Клиничкиот центар „Мајка Тереза“ во Скопје. Тој вели дека следи краток период на опоравување и уверува дека МВР продолжува непречено и ефикасно да функционира согласно утврдените процедури.
„Денеска во Клиничкиот центар „Мајка Тереза“ во Скопје бев подложен на успешна хируршка интервенција и се чувствувам стабилно. Во моментов сум под надзор на лекарите, по што следува краток период на опоравување. Ве уверувам дека Министерството за внатрешни работи продолжува непречено и ефикасно да функционира согласно утврдените процедури. Целиот тим професионално си ги извршува обврските и моето привремено отсуство нема да има никакво влијание врз тековните процеси и активности, ниту пак врз безбедноста на граѓаните“, објави Тошковски.
Тој додаде дека веднаш по завршувањето на периодот на опоравување, се враќа на редовно извршување на своите обврски во полн капацитет.

