Македонија
(Видео) Ангелов: Добар булдожер при гаснење пожар на отворен простор понекогаш вреди повеќе од хеликоптер
Пожарот, кој вчера избувна во Националниот парк Маврово, а синоќа се приближи на 500 метри до селото Врбен, истовремено се ширеше и закануваше и на Шар Планина. За да спречиме ширење на овој голем шумски пожар кон Шар Планина, синоќа, околу 21.30 часот, од „Бехтел и Енка“, со која неколку дена претходно постигнавме договор да ни помагаат со тешка механизација онаму каде што тоа го дозволува теренот, побарав во текот на ноќта на критичната локација да донесат еден голем булдожер за изработка на широк противпожарен појас. На наше големо задоволство неколку минути подоцна нѐ побара возачот на багерот, побара полициска придружба за камионот што требаше да го транспортира повеќе од 4 метри широкиот булдожер. Пред изгрејсонце булдожерот беше на критичното место и веднаш почна со правење безбеден противпожарен појас, со кој спречи ширење на пожарот во насока кон Шар Планина, извести директорот на ЦУК, Стојанче Ангелов.
„Покрај булдожерот, кој дејствува над селото, од долната страна селото го бранат 20-ина ренџери од Националниот парк Маврово, 24 специјалци од полициската САЕ ‘Тигар’, со подршка на локално население. Од воздух помага големиот полициски хеликоптер ‘ми 171’, а набргу ќе му се придружи и словенечкиот хеликоптер.
Пожарот е критичен на еден потег над селото, каде што покрај патот, на кој се распоредени сили за одбрана, има зимзелени ели високи до 30 метри. Јас сум оптимист и со оваа стратегија и тактика очекувам овој тежок шумски пожар денес да биде ставен под целосна контрола“, вели Ангелов.
Тој упати голема благодарност до локалното население, кое активно се вклучи во гаснењето, како и до ренџерите од Националниот парк Маврово, полициските специјалци, кои, како што извести Ангелов, од рано наутро пожртвувано се обидуваат да го сопрат навидум несопирливиот оган на некои места висок и до 30 метри.
„Посебна благодарност до ‘Бехтел и Енка’ бидејки нивниот моќен булдожер замени повеќе од 30 пожарникари или најмалку еден хеликоптер.
Ги охрабрувам сите авторитети што командуваат со гаснењето на шумските пожари да користат земјоделска механизација или уште подобро тешка градежна механизација секаде каде што тоа го дозволува теренот. Доколку немаат нивни ресурси, слободно нека побараат подршка од Главниот штаб за управување со кризи, кој го предводам јас како директор на ЦУК. „Бехтел и Енка“ и понатаму стојат на располагање доколку некаде е неопходна подршка со тешка градежна механизација.
Воедно, ги повикувам сите компании, кои на кој било начин може да помогнат во борбата со огнената стихија да се јават во Центарот за управување со кризи бидејки секоја релевантна помош е добредојдена“, додаде Ангелов.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Утре без струја неколку скопски населби
Поради реализација на инвестициски зафат, а со цел подобрување на квалитетот во снабдувањето со електрична енергија, во четврток 26.02.2026 година, од 04:00 до 08:00 часот, екипите на Електродистрибуција ќе работат на реконструкција и модернизирање на трафостаницата „Васил Главинов“.
„Во овој период без снабдување со електрична енергија ќе останат следните локации на територијата на градот Скопје: населба Север, Топанско Поле, дел од Чаир, дел од Шуто Оризари, населба Бутел, цело Визбегово и индустриските објекти во индустриска зона „Визбегово“.
Македонија
„На кого веќе не му е јасно? Домашниот притвор за Груби –дил за политички цели“, велат од СДСМ
„Одлуката за домашен притвор за Груби не е правна, туку политичка. Таа е директна последица на политички дил и целосно контролирано судство и обвинителство од страна на ВМРО-ОКГ. Со месеци СДСМ предупредува дека судството и обвинителството се ставени под директна контрола на Мицкоски и ВМРО-ОКГ“, велат од СДСМ.
„Се менува јавен обвинител за да се стави обвинител под контрола на власта, се елиминираа независни кандидати, се инсталираа партиски кадри.
Сопруга на екс градоначалник на ВМРО ја назначија за член на Судскиот совет. Советник на Мицкоски беше избран во Уставниот суд. Портпаролката на Владата ги знае судските пресуди за случаи во тек.
Шефот на Обвинителот кој побара куќен притвор за Груби беше избран на оваа функција во Скопското јавно обвинителство пред еден месец. На кого веќе не му е јасно?
Домашниот притвор за Груби е доказ дека правдата е погребана, правда нема, има контролирано обвинителство и судство кое одлучува под диктат на Мицкоски и ВМРО-ОКГ.
Правна држава нема – има дил за политички цели и кампања на власта!“, се наведува во соопштението на СДСМ.
Македонија
Додека Артан Груби гледа телевизија дома, во ДУИ преовладува паничен напад од прв до последен, велат од „Вреди“
Артан Груби е црната кутија на ДУИ. Не е обичен поранешен функционер во куќен притвор, туку човекот што ги знае сите влезови и излези на системот што ДУИ го градеше со години. Тој е живата архива на една партиска шема што со години се штитела од јавноста. Кога црната кутија еднаш ќе падне во рацете на институциите, нема веќе простор за глума, ниту за митови. Почнува расплетот, велат од „Вреди“.
Според нив, Ккќниот притвор не е олеснување. Тоа е, како што велат, знак дека приказната влегува во фаза во која зборовите на ДУИ повеќе не важат, туку фактите.
„Институциите почнаа да ја копаат вистината што ДУИ со години ја закопуваше, како се кроеше моќта зад грбот на граѓаните и каде исчезнуваа парите. И токму затоа ДУИ денес е во паника.
Додека Артан Груби гледа телевизија дома, во ДУИ преовладува паничен напад од прв до последен. Тие не се плашат од мерката, туку од тежината на она што Груби го носи со себе. Бидејќи тој беше таму каде што се решаваше сè. Таму каде што се договараа работите „под маса“. Таму каде што се кроеше моќта и се делеа интересите.
Затоа стравот во Мала Речица не е случаен. Тоа е страв од моментот кога сенката на Али Ахмети ќе почне да зборува. Кога ќе почнат да излегуваат имиња, шеми и улоги. И кога ќе стане јасно дека Груби не е само товар за ДУИ, туку потенцијална искра што може да ја запали целата нивна конструкција“.
Ова, додаваат од коалицијата, не е крај. Според нив, ова е почеток на процес што може темелно да ја разниша конструкцијата изградена околу Али Ахмети.

