Македонија
(Видео) Андоновска: Наместо за провизии, Филипче да се погрижи за вакцини
Додека во Македонија нема вакцини и тече само процесот на ревакцинација, а граѓаните бараат спас и се вакцинираат во соседството, светот сериозно се подготвува како да се справи со новите соеви на коронавирусот, вели Марија Андоновска, член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ.
„Новиот индиски сој т.н. делта, според британски извештаи, не се детектира со вообичаените ПЦР-тестови. Тоа би значело дека се потребни нови реагенси за ПЦР-тестови за да се детектира овој сој. Но, што прави нашата власт!? Додека во светот се прават анализи, процени за новиот сој, планови како да се постапи и слично, надлежните во Македонија немаат абер. Уште пред да го имаме првиот случај во Македонија, ВМРО-ДПМНЕ апелира да се набават повеќе реагенси, масовно и бесплатно да се тестира. Заев и Венко немаа слух за апелите од опозицијата и народот“, изјави Андоновска на денешната прес-конференција.
Според Андоновска, исходот од негрижата е над 5.000 изгубени животи и народ оставен сам да се снаоѓа како знае и умее.
„Со толкав процент на вакцинирани во овој момент факт е дека тешко ќе постигнеме колективен имунитет набргу. Со овој мал процент вакцинирани четврти бран е неминовен. Ама зошто Венко Филипче и Зоран Заев да се грижат за тоа како да спречат евентуален четврти бран кога може да уживаат“, вели Андоновска.
Од нејзината партија упатија прашање до министерот за здравство дали има план како да се справи со евентуален нов четври бран и дали има намера да набави ПЦР-тестови, кои би го детектирале новиот сој бидејќи постојниот, како што велат, не е соодветен за да открие евентуално постоење на новиот сој на коронавирусот.
Андоновска му порача на министерот за здравство, конечно, како што рече, да почне да работи, да заборави на провизиите и да се погрижи за здравјето на граѓаните.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Утре променливо облачно време со температура до 11 степени
Времето утре ќе биде променливо облачно со сончеви периоди. Претпладне ќе дува умерен до засилен ветер од северен правец (локално над 60 km/h), особено во источните делови и во Пелагонија, информира УХМР.
Минималната температура ќе биде во интервал од -3 до 5, а максималната ќе достигне од 3 до 11 степени.
Во Скопје, променливо облачно со сончеви периоди. Ќе дува умерен до засилен ветер од северен правец. Минималната температура ќе се спушти до 1, а максималната ќе достигне до 9 степени.
Во четврток утрото ќе биде ведро и студено, насекаде со негативни минимални температури. Во текот на ноќта кон петок и во петок ќе има нови врнежи, во пониските места од дожд, на повисоките од дожд и снег, а на планините од снег.
Потоа во деновите од викендот времето ќе биде променливо облачно и постудено со умерен до засилен северен ветер. Од понеделник дневната температура ќе биде во пораст.
Македонија
Уапсени осум возачи за возење без возачка, со забрана и под дејство на алкохол
Во текот на вчерашниот ден, полициски службеници на целата територија на државата лишија од слобода осум возачи, од кои седум за возење без возачка дозвола и еден со забрана за управување возило од Б категорија и под дејство на алкохол, соопшти МВР.
Двајца возачи во Скопје и по еден возач во Прилеп, Неготино, Тетово, Кочани и Делчево управувале возило без возачка дозвола. Додека еден возач во Виница управувал возило иако имале мерка забрана за управување моторно возило од Б категорија и под дејство на алкохол.
Лицата се приведени во полициска станица, а по целосно документирање на случаите ќе бидат поднесени соодветни кривични пријави.
„Апелираме до сите учесници во сообраќајот да ги почитуваат сообраќајните правила и прописи, да не управуваат возило без положен возачки испит или доколку имаат изречена мерка за забрана за управување или доколку се под дејство на алкохол и сите заеднички да придонесеме за побезбеден сообраќај“, велат од МВР.
Македонија
Општина Центар објави јавен повик за ангажирање лични асистенти за ученици со посебни образовни потреби
Општина Центар објави јавен повик за ангажирање лични асистенти за ученици со посебни образовни потреби во рамки на проектот „Образование за сите“, за учебната 2025/2026 година.
Право на пријавување имаат лица со најмалку завршено средно образование. Предност имаат кандидати со соодветно високо образование, претходно искуство во работа со деца со попреченост или лиценца за личен асистент, како и долгорочно невработени лица, млади до 29 години, лица над 50 години, самохрани родители и родители на деца со попреченост.
„Ангажманот на личниот асистент подразбира директна поддршка на ученикот во текот на наставниот ден. Поддршката вклучува помош при следење на наставата, движење низ училиштето, комуникација со соучениците и наставниците и други активности во согласност со индивидуалните потреби на ученикот“, вели градоначалникот Горан Герасимовски.
Избраните кандидати ќе бидат ангажирани како лични асистенти во основните училишта на територија на општината, со скратено работно време од 20 часа неделно, во период од четири месеци, почнувајќи од март 2026 година до крајот на актуелната учебна година.
За ангажманот е предвиден паричен надоместок во висина од 15.000 денари (нето) месечно.
Пријавувањето се врши во Архивата, барака 6, секој работен ден од 9 до 15 часот.
Јавниот повик трае пет работни дена од денот на неговото објавување и е достапен на општинската веб-страницата и на огласните табли во основните училишта на територија на општината.

