Македонија
(Видео) Андоновски: Неуспехот и ветото имаат име и презиме – Зоран Заев
Надежите за европска иднина, со оваа влада во заминување остануваат само соништа. Зоран Заев со својата политика на свиткана кичма, ветувањата и концесиите кои ги давал се претвори во кочница на Македонија на евроинтегративниот пат. Аматерските грешки во дипломатијата со кои идентитетските и историските прашања ги направи критериум за влез во ЕУ, ги пораснаа негаторските апетити и станаа услов за Македонија, изјави Стефан Андоновски, член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ.
„ Оставени сме пред избор – или интеграција со асимилација или целосно изолирање на Македонија од европските текови. Заев и Бучковски договараа и договараат без никој да знае што сè се подготвени да стават на маса. На маса за преговори се најде придавката „македонски“, што укажува на тоа дека Заев преговара за идентитетот како што претходно иако се колнеше се откажа од Македонија.
Слободата што си ја зема Владата носи само порази. Каков е НОН-ПЕЈПЕРот со кој се фалеше Бучковски, кој го напишал, дали истиот поминал на седница на Влада? Дали во него се содржани државните позиции? Дали го одобриле и погледнале Пендаровски, Собранието, членовите на Советот за безбедност? Има ли оваа држава институции? Има ли процедури? Кој носи одлуки?
Заев упорно го смета и го третира македонскиот народ за експериментална нација, кој не е вреден ниту да знае што се преговара во негово име. СДСМ е во очај. Како расте нервозата, така и лагите во прес конференцииte им зачестуваат. Лажниот патриотизам не може да ги испере сите предавнички политики на Заев. Било која портпаролка од СДСМ и како Сирма војвода да излезе на прес конференција и уште 100 пати да каже дека Мицкоски е крив нема да може да ги покрие анационалните изјави на Заев.
Факт е дека Заев пред недела дена говореше дека е блиску до договор со Бугарија во услови кога официјална Софија испраќаше негаторски барања. Факт дека Заев изјавуваше дека Македонците и Бугарите се ист народ кој нема само споделена, туку заедничка историја. Изјавуваше дека граѓаните на Петрич и Струмица зборуваат ист јазик. Факт е дека Заев ги омаловажи и македонските партизани и антифашистичката борба на македонскиот народ, говорејќи дека овде во Втората светска војна, Бугарија била администратор и дека ги ослободувале Куманово, Крива Паланка и Скопје.
Факт е дека Заев велеше дека Гоце Делчев не се борел само за Македонија, туку се борел и за други интереси, потврдувајќи ги позициите на бугарските историчари. Факт е дека Заев вршеше притисок врз историската комисија да ги прифати барањата на бугарската страна, во кои видовме дека придавката „македонски“ се бараше да биде изоставена. Факт е дека Заев се колнеше во жиците и во најмилото, па потоа излажа.
Единствено кое кај Заев е константа е дека неговата изјава дека СДСМ не се патриотска и македонска партија, и не им приличи да бидат патриоти кои ќе стојат зад македонските национални и државни интереси. Тоа што Заев не успеа во своето пазарење е поради силната реакција и спротивставување на народот, опозицијата, МАНУ, УКИМ, историчарите и лингвистите, па и високите функционери на СДСМ кои му се спротивставија.
Доста е од срамот на Заев и неговата екипа вечни политичари! Неуспехот и ветото имаат име и презиме, Зоран Заев. Тој остана изолиран и затоа сега е овој изблик на лажен патриотизам во надеж да се спаси колку може да се спаси. Ама овие обиди на СДСМ се очајни и неуспешни. Народот порача ОСТАВКА НА ЗАЕВ, СЛОБОДА НА МАКЕДОНИЈА!“ истакна Андоновски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Бислимоски го информирал Собранието за оставката, РКЕ му се заблагодарува за долгогодишната соработка
Претседателот на Регулаторната комисија за енергетика, Марко Бислимоски, го известил Собранието дека поднесува оставка од функцијата, соопшти Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ).
Согласно Законот за енергетика и Статутот на Комисијата, тој ќе ја извршува функцијата сè додека не биде донесена одлука за престанок на мандатот.
Од РКЕ информираат дека институцијата ќе продолжи да ги извршува своите надлежности согласно законските обврски. Од Комисијата, вработените и членовите му се заблагодаруваат на Бислимоски за долгогодишната соработка.
Марко Бислимоски го извршуваше својот втор петгодишен мандат како претседател на РКЕ. Првиот мандат му беше од јуни 2018 до јуни 2023 година, а во јули 2023 година повторно беше избран на функцијата.
Македонија
Скопскиот и Полошкиот регион со најмногу одобренија за градење во последниот период – доминира високоградбата
Бројот на одобренијата за градење во декември 2025 година е намален за 17.4 отсто во однос на истиот период од претходната година, соошти Државниот завод за статистика.
Во декември 2025 година се издадени 237 одобренија за градење, што е за 17.4 проценти помалку во однос на истиот месец од претходната година.
Според издадените одобренија за градење, предвидената вредност на објектите изнесува 3 988 378 илјади денари, што е за 19.5 % помалку во однос на истиот месец од претходната година.
Од вкупниот број издадени одобренија за градење, 140 (59.1 %) се наменети за објекти од високоградба, 42 (17.7 %) за објекти од нискоградба и 55 (23.2 %) за објекти за реконструкција.
Од вкупно 237 објекти, на 132 (55.7 %) како инвеститори се јавуваат физички лица, а на 105 (44.3 %) објекти инвеститори се деловни субјекти.
Во извештајниот период е предвидена изградба на 411 станови со вкупна корисна површина од 38 300 м2.
Во Скопскиот и Полошкиот Регион се издадени најмногу одобренија за градење, 51.
Македонија
Декември со околу 60.000 туристи: најмногу пристигнале од Турција, Бугарија и Србија
Според податоците на Државниот завод за статистика, во декември минатата година, во Македонија престојувале 59.521 туристи, кои оствариле вкупно 112.001 ноќевање.
Од вкупниот број туристи, 63,3 се странски, а 36,7 проценти домашни. Кај ноќевањата, странските туристи учествувале со 57,6, а домашните со 42,4 отсто.
Во периодот јануари – декември 2025 година, вкупниот број на туристи е зголемен за 6,0% во однос на истиот период лани. Детално по сегменти: Домашни туристи: намалување за 2,2%, Странски туристи: зголемување за 10,3%.
Кај вкупниот број на ноќевања е забележан раст од 0,8%, при што: Ноќевањата на домашни туристи се намалени за 4,1%. Ноќевањата на странски туристи се зголемени за 6,4%
Најмногу туристи пристигнале од Турција: 7.303, Бугарија: 5.214, Србија: 4.736 и Грција: 3.438.
Премиерот Христијан Мицкоски денес, одговарајќи на новинарски прашања, изјави дека очекува Македонија да ја достигне бројката од пет милиони туристички преноќувања до 2028 или 2029 година, доколку сè се одвива според планот.
Тој рече дека минатата 2025 година, според бројките коишто ги објави Државниот завод за статистика имаме зголемен број на туристи, а она коешто посебно охрабрува е што е зголемен бројот на странски туристи над 10 отсто. Мицкоски рече дека се ближиме на бројката од три и пол милиона преноќувања, што исто така претставува многу значаен податок.

