Македонија
(Видео) Апелација донела одлука во корист на Беса на Африм Гаши
Апелациониот суд донел одлука во корист на крилото на Беса предводено од Африм Гаши, од каде што велат дека правдата, конечно, се вратила и дека се потврдило дека Движењето Беса им припаѓа на своите основачи.
– Апелациониот суд донесе одлука елаборирана во 5 страници за поништување на првостепената судска одлука и предметот да се врати на разгледување во Основниот суд. Притоа, Апелациониот суд дава и десетина забелешки и препораки, кои Основниот суд не ги зел предвид во првостепената одлука, а тие се клучни за донесување пресуда за предметот. Затоа, денес сум тука да ви кажам дека и покрај сите измислици, шпекулации и невистини, кои беа поттикнати од тие што фалсификуваа и имиња на личности во нивна корист, сепак правдата дојде на своето место – порача генералниот секретар на партијата, Скендер Реџепи.
Од крилото на Касами, пак, реагираа дека судот донел скандалозна одлука врз основа на фалсификувани документи и дека одлуката е донесена под политичко влијание со влегување одредени лица во Владата.
– Фактот дека Апелациониот суд примил фалсификувани докази, кои не се претставени во првoстепена постапка, и ги примил документите со печат, кој Движењето Беса го прогласил за неважечки, докажува дека овој процес сега се трансформира во чисто политички процес. Јавно ги прашуваме судиите на Апелациониот суд – што ги поттикна да донесуваат таква скандалозна одлука на денот кога се гласаше Владата? Дали учеството во Владата на одредени лица влијаело на нивната одлука, која може да се нарече сè, но не правна и законска одлука – вели портпаролот Абдуш Демири.
Движењето Беса се подели на две крила, едното предводено од Билал Касами, кое остана во опозиција, а другото за претседател го избра Африм Гаши и од пред една недела стана дела од владејачката гарнитура. Двете крила чекаат судска разрешница која Беса ќе ги задржи печатот и логото на партијата.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Во Гостивар, Маврово – Ростуше, Врапчиште и Центар Жупа се одржуваат повторени избори за градоначалник
Во општините Гостивар, Маврово – Ростуше, Врапчиште и Центар Жупа денеска се одржуваат повторени избори за градоначалник, откако во првиот круг од локалните избори не беше постигната потребната излезност.
Гласањето започна во 7 часот и ќе трае до 19 часот.
Согласно Изборниот законик, за избор на градоначалник потребно е еден од кандидатите да добие мнозинство од гласовите на излезените гласачи.
Вчера гласаа болните и изнемоштените лица, како и затворениците.
Државната изборна комисија во текот на денот ќе информира за текот на гласањето и излезноста, а првичните резултати се очекуваат по доставувањето од општинските изборни комисии.
Македонија
Променливо облачно и студено време со повремен снег
Времето денеска ќе биде променливо облачно и студено, со повремени локални врнежи од снег во претпладневните часови. Попладне се очекува врнежите постепено да престанат.
Од Управата за хидрометеоролошки работи информираат дека ќе дува умерен, а долж Повардарието повремено засилен ветер од северен правец. Утринските температури ќе се движат од минус пет до два степена, додека дневните ќе достигнат од минус еден до пет степени.
Во Скопје времето ќе биде променливо облачно, претпладне со повремени врнежи од дожд и снег. Ќе дува слаб до умерен северен ветер. Минималната температура ќе се спушти до минус еден степен, а максималната ќе достигне околу три степени.
Според најавите од УХМР, од почетокот на следната седмица се очекува стабилизирање на времето. Под влијание на поле на висок воздушен притисок, ќе преовладува суво и студено време, а на одделни места утринските температури ќе се спуштат и под минус десет степени.
Македонија
ДИК: До 19:00 часот гласаа 242 од пријавените 248 болни или немоќни лица во Гостивар, Врапчиште, Маврово – Ростуше и Центар Жупа
Државната изборна комисија информира дека до 19:00 часот денеска од вкупно 94 пријавени лица за гласање во казнено-поправните установи, гласале 45 лица. Од вкупно пријавените 248 болни или немоќни лица за гласање во четирите општини, Гостивар, Врапчиште, Маврово – Ростуше и Центар Жупа до 19:00 часот правото на глас го оствариле вкупно 242 лица. Две лица гласале во Центар Жупа, 66 болни или немоќни гласале во Маврово – Ростуше, 31 лице во Врапчиште и 143 лица во Гостивар.
Гласањето за сите овие категории на гласачи се одвиваше непречено и без никакви проблеми и недоследности, велат од ДИК.
ДИК известува дека резултатите од гласањето на болните, немоќните и лицата кои се на издржување казна затвор, не се објавуваат денеска посебно.
„Секое поединечно гласачко ливче е ставено во посебен затворен плик и во гласачките кутии и тие не се отвораат денеска. Броењето на овие гласови и објавувањето на резултатите од денешното гласање се врши заедно со резултатите од целокупното гласање на изборите утре по 19:00 часот, за секое избирачко место и секоја општина каде што се гласа“, стои во соопштението на Државната изборна комисија.

