Македонија
(Видео) Апелација одлучува за затворот на Кочан и Авировиќ
Стартуваше јавната седница на апелација на која се одлучува за затворските казни на бизнисменот Сеад Кочан и управителот на фирмата „Силекс неметали“, Василие Авировиќ, по предметот „Труст“ на СЈО. Судијата известител за предметот, Лирие Елези Арулау, речиси два часа ја чека пресудата од Основниот суд Скопје 1 Скопје.
По читање на пресудата бранителите и осудените пред Судскиот совет, предводен од Цветанка Периќ ќе дадат објаснување за жалбата за затворската казна.
Сопственикот на „Трансмет“, Сеад Кочан, беше осуден на шест години затвор и забрана за вршење дејност во траење од три години затоа што со лажни документи учествувал и добил тендери за ископ на јаглен и јаловина во РЕК Битола на АД ЕЛЕМ со што добил имотна корист од 17 милиони евра. За истото кривично дело три години затвор и забрана за вршење дејност во траење од 3 години доби и Василие Авировиќ, син на пратеничката Владанка Авировиќ.
Судот одлучи да го конфискува имотот на компаниите „Трансмет“ и „Силекс неметали“ со вредност од 17 милиони евра кои треба да бидат вратени во државниот буџет.
На крајот од минатата година Собранието изгласа измени во кривичниот законик со кои се намалува казната затвор за ова кривично дело за кое се осудени Кочан и Авировиќ со што се отвори и можноста тие да добијат условна казна.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Времето утре – сончево со мала до умерена облачност, максималната температура до 10 степени
Времето утре ќе биде сончево со мала до умерена облачност. Ќе дува слаб до умерен ветер од западен и северозападен правец.
Минималната температура ќе биде во интервал од -10 до -3, а максималната ќе достигне од 3 до 10 степени.
Во Скопје, сончево и тивко со умерена облачност. Минималната температура ќе се спушти до -6, а максималната ќе достигне до 7 степени.
Времето во наредните денови
До петок ќе се задржи стабилно и суво време со услови за појава на утринска магла по котлините. Температурите ќе бидат во постепен благ пораст. Во деновите од викендот ќе има зголемена облачност со услови за слаби локални врнежи од дожд, а на планините од снег. Дневната температура повторно ќе биде во опаѓање
Македонија
Сиљановска-Давкова прими претставници на Македонското здружение на млади правници (МЗМП) и на Центарот за еколошка демократија ФЛОРОЗОН
Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова денеска прими претставници на Македонското здружение на млади правници (МЗМП) и на Центарот за еколошка демократија ФЛОРОЗОН, со коишто разговараше за актуелните предизвици во областа на заштитата на животната средина.
Претставниците на двете организации ги изнесоа своите согледувања и препораки со посебен акцент на еколошката правда, превенцијата од еколошки штети, заштитата на природните ресурси и усогласувањето со европското право.

Според Сиљановска-Давкова заштитата на животната средина треба да биде клучен приоритет, а соработката меѓу институциите, граѓанските организации и стручната јавност е од суштинско значење за креирање одржливи и ефикасни политики. Таа укажа дека вклученоста на овие организации во креирањето на законските решенија треба да биде институционализирана, преку нивно учество во комисиските тела во Собранието и во Владата.
Именувањето на експертот од областа на метеорологијата и климатските промени, проф. д-р Спиридонов, за член на Советот за безбедност, е важен чекор кон интегрирање на научната експертиза во стратешкото одлучување. Ова, според претседателката, би им овозможило на невладините еколошки организации, со своите идеи и предлози да придонесат во работата на ова тело.
Соговорниците се согласија дека загрозувањето на животната средина е сериозен безбедносен ризик и закана за уставно загарантираното право на живот.

Тие ја нагласија потребата од користење на меѓународни искуства и унапредување на регионалната соработка во справувањето со реалните предизвици.
Претседателката и претставниците на МЗМП и ФЛОРОЗОН повикаа на континуирана едукација и поттикнување на младите во градењето партнерски однос со природата како неопходен предуслов за превенција на можни штети со несогледливи последици.
Македонија
Јордан Апостолски, Наташа Бошкова и Сашо Георгиевски кандидати за судии во Европскиот суд за човекови права
Владата на денешната 141 седница беше информирана за текот на постапката за номинирање кандидати за позицијата судија во Европскиот суд за човекови права.
Во таа насока, Министерството за надворешни работи и надворешна трговија ја презентираше Информацијата за реализираните активности, согласно известувањето доставено од Комисијата за избор на кандидати за судија во Европскиот суд за човекови права, со кое се информира за предлогот на Комисијата за избор на тројца кандидати: Јордан Апостолски, Наташа Бошкова и Сашо Георгиевски.
„По разгледувањето, Владата ја усвои Информацијата, по што Министерството за надворешни работи и надворешна трговија, како надлежна институција задолжена за спроведување на административните и техничките активности во постапката, ќе продолжи со обезбедување мислење од Меѓународниот советодавен панел на експерти при Советот на Европа, во однос на исполнувањето на пропишаните критериуми од страна на предложените кандидати“; соопштија од Владата.
По добивањето на мислењето од Меѓународниот советодавен панел, Комисијата ќе ја достави листата со тројца кандидати до Владата, по што конечната листа ќе биде проследена до Парламентарното собрание на Советот на Европа.
фото/Depositphotos

