Македонија
(Видео) Арсовски: Кога ќе биде повикан Заев во обвинителството?
,,Зоран Заев и целото раководство на СДСМ се во длабок очај. Откако Јавното обвинителство и продолжената рака на Зоран Заев, Вилма Русковска ја потврдија веродостојноста на исказот на оштетениот што излезе во медиумите пред само два дена, целата криминална банда од СДСМ побрза да се заканува до медиумите со тужби до медиумите”, изјави Димче Арсовски, портпарол на ВМРО-ДПМНЕ.
Според него, додека се заканувале вчера кон медиумите, никој од нив, ама баш никој не се осмелил да објасни што правеле тие самите на средби со осомничените во случајот ,,Рекет”, што разговарале, дали и колку пари земале од изрекетираните бизнисмени и најважното, дали и зошто Зоран Заев ја опструирал истрагата.
,,Цели 4 месеци, Вилма Русковска го имала исказот на оштетениот и не се ни осмелила да ги повика на разговор ниту Заев, ниту Шекеринска, ниту фамилијата Ременски, ниту пак синот на Катица Јанева, Лазар Јанев, ниту пак никој друг од раководството на СДСМ кој што на било каков начин е инволвиран во целиот случај.Да потсетиме дека истата таа Вилма Русковска заради исказ на обвинет во случајот со 27-ми бараше да им се изрече притвор на неколку лица, само заради тоа што беа спомнати во исказ на еден обвинет. Ете ги двојните стандарди на дело.
Прашуваме кога ќе биде повикан Зоран Заев во обвинителството и да каже како го штител Бојан Јовановски и да каже зошто ја опструирал истрагата?Кога ќе биде повикана Радмила Шеќеринска да даде исказ во обвинителството што разговарале со Боки 13 кај него дома и што правел нејзиниот сопруг во домот на оштетениот?Кога ќе биде повикана фамилијата Ременски која се заканува со апсење на социјалните мрежи?Кога ќе биде повикан синот на Катица Јанева, Лазар Јанев, и да каже на кој начин ги склучувале договорите за рекламирање на бизнисмените и компаниите со телевизијата.СДСМ и Зоран Заев се готови.
Истрагата се води многу штуро и многу непрофесионално. Но, затоа сепак голема среќа што јавноста врши огромен притисок што побрзо да се разреши.Бараме веднаш, ама веднаш да бидат повикани и да дадат исказ сите инволвирани во случајот Рекет.Обрачот се стега околу главата на криминалниот октопод. Зоран Заев е на самиот крај на политичката кариера. Одговорност мора да има за сите и потребни се предвремени парламентарни избори кои ќе донесат обнова на Македонија!”, додаде тој.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Боки-13 за операцијата „Бумеранг“: поднесе кривични против Заев, Спасовски, Русковска
Бојан Јовановски-Боки 13 поднел кривични пријави против поранешниот премиер Зоран Заев, ексминистерот за внатрешни, Оливер Спасовски, и двајцата генерални секретари на СДСМ, поранешниот Александар Кирацовски и актуелниот Миле Зачевиќ, како и против поранешната шефица на Јавното обвинителство за гонење организиран криминал и корупција, Вилма Русковска.
Тој дошол во Обвинителството на покана на актуелниот шеф на оваа институција, Ислам Абази.
Најави дела кривично-правната операција е наречена „Бумеранг“.
„Сите мои наводи и описот на настаните ќе бидат материјализирани со докази што потекнуваат од мојот телефонски уред, кој ми беше одземен при моето апсење во предметот ‘Рекет’. Се работи за кривични дела што се однесуваат на злоупотреба на службената положба и овластувањето, за изборни измани, незаконско финансирање политичка партија, злоупотреба на јавните набавки“, додаде тој.
Најави и продолжение на предавање докази во писмена форма.
„Поднесена е кривична пријава и против Вилма Русковска за злоупотреба на службената положба, примање поткуп, примена на тортура. Зоран Заев е речиси во секоја пријава“, рече Јовановски.
Македонија
Мицкоски на средба со коалицијата: доби поддршка за почнување преговори за состав на идната влада
Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, денеска оствари средба со претседателите на партиите во состав на коалицијата „Твоја Македонија“.
Беше констатирано дека коалицијата оствари успешен и историски резултат, кој создава и одговорност за реализирање на очекувањата.
Мицкоски доби поддршка од претседателите на коалициските партии за почнување преговори за состав на идната влада.
Според заклучокот на состанокот, разговорите треба да се водат врз основа на постулати за забрзан економски развој на Македонија, силна борба против криминалот и корупцијата и европските интеграции врз база на принципи и вредности, соопштија од партијата.
Македонија
Лукаревска: СДСМ секогаш бил достоинствен поради зрелоста на неговите раководства да се соочат со поразот и одговорноста, јас не сакам да бидам исклучок
Изборните резултати ги искушуваат нашата искреност како политичари и искреноста на нашите зборови дека сме ја разбрале вашата порака, напиша на социјалните мрежи потпретседателката на СДСМ, Сања Лукаревска, откога неколку членови и партиски функционери во СДСМ претходно си поднесоа оставки.
СДСМ, додава таа, секогаш бил достоинствен и поради зрелоста на неговите раководства да се соочат со поразот и со одговорноста.
„Јас не сакам да бидам исклучок. Благодарам за укажаната доверба да бидам заменик-претседател на СДСМ. И таа должност ја извршував со почит, совесно, одговорно и чесно. Секако, со поддршка од сопартијците и незаменливата потпора од моите родители. Благодарам е најмалку што можам да им речам.
Горда сум што 8 мај беше празничен ден за демократијата. Тоа беше и суштината на борбата на СДСМ за ослободување од ‘заробената’ држава. Воедно, им благодарам на сите граѓани за секој глас за СДСМ, особено во Третата изборна единица. Вредна за внимание е и пораката од оние што не излегоа на гласање, како и на оние што гласаа против.
На ред е нашата внатрепартиска средба со вистината. На отчетниот конгрес на СДСМ неминовна e отворена, искрена и самокритична анализа на нашите погрешни чекори, на лошите кадровски решенија, како и за нашата немост за успешните политики што ги спроведовме во исклучително тешки услови предизвикани од светските кризи.
Го презедовме товарот и на тешките политички одлуки. Но, тоа е СДСМ кому државата, нејзината стабилност и иднина секогаш му биле пред сė друго. Така било. Така мора и да остане“, порача во напишаното Лукаревска.
Оценува дека на Македонија ѝ потребен СДСМ.
„Што побргу заедно ја консолидираме партијата толку побргу ќе можеме да кажеме – тука сме. Јас верувам во СДСМ, а уште повеќе во неговата сила да се реформира, да се обедини и да се подготви.
Честитки на победникот и на сите 120 пратеници.
Во искреното соочување со причините за изборниот пораз е нашата прва победа. Тоа е најмалку што им го должиме на сопартијците, на симпатизерите и поддржувачите на СДСМ, но и на демократска Македонија“, додава Лукаревска.