Македонија
(Видео) Арсовски: Анѓушев го прекрши Законот за судир на интереси, казната за тоа е 3 години затвор
Веднаш откако Кочо Анѓушев стапи на функција и се изгласа оваа криминална Влада, ние константно секој ден предупредувавме дека тие имаат една и единствена цел, а тоа е само да ги танкираат и да ги дебелеат своите банкарски сметки, изјави Димче Арсовски, портпарол на ВМРО-ДПМНЕ.
„Последниот од низата скандали со кој Кочо Анѓушев и други видни функционери на СДСМ земаа стотици илјади евра од Владата и си ги доделија самите на себе си, е уште еден показател колку криминална Влада ни ја води нашата државата. Кочо Анѓушев, сам на себе си преку Владата си додели 160.000 евра и со тоа го прекрши Законот за судир на интереси, дело кое според Кривичниот законик на Република Македонија е казниво со најмалку 3 години казна затвор“, рече тој.
Кочо Анѓушев, додаде тој, заборавил дека кога го гласаа во Собранието за вицепремиер изјави дека функцијата ќе ја врши совесно и одговорно, ќе го почитува Уставот и законите на Република Македонија.
„Ако ги почитувал законите, Кочо Анѓушев ќе дадел изјава за скриен судир на интереси бидејќи е еден од сопствениците на “Каст инвест” и ќе се изземеле од повикот за грант за доделување на средства од фондот за иновации. Со тоа што не го сторил тоа, Кочо Анѓушев е соучесник во сето ова и го прекршил законот. Затоа, уште еднаш, јавно го повикуваме Јавното обвинителство кое што за жал сè уште молчи, да го преземе овој случај во свои раце за да конечно Кочо Анѓушев одговара пред органите на прогонот бидејќи не му е прв пат да го прави ова. Тендери во ЕЛЕМ, закон за царински олеснувања за литиумски батерии и уште многу други случаеви каде што Кочо Анѓушев ги испумпува парите на граѓаните. Кочо Анѓушев, веднаш да ги врати парите на граѓаните и заедно со директорот на фонд за иновации да си дадат оставки додека траат истрагите и конечно да одговараат за своите криминални постапки“, рече Арсовски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Сиљановска-Давкова: Европа не може да биде целосно безбедна се додека Западен Балкан е надвор од Европската Унија
Без поцврста и поодлучна ЕУ, Балканот останува простор каде што надворешните сили ќе продолжат да ја тестираат својата моќ, порача претседателката Гордана Сиљановска-Давкова на свеченото отворањето на Меѓународната конференција на Паневропската унија на Македонија, што се одржа во претседателскиот Кабинет во присуство на бројни дипломатски претставници и странски гости.
Говорејќи меѓу раскошните мозаици на Глигор Чемерски коишто сведочат за историски вкоренетиот македонски удел во европската култура и цивилизација, Сиљановска-Давкова истакна дека како што секое камче е неопходно за стабилноста на мозаикот, така и Западниот Балкан е неопходен дел од европската целина, без кој ЕУ останува ранлива во услови на геополитички предизвици, војни и хибридни закани.

Во обраќањето таа потсети на визијата на Рихард Куденхоф-Калерги за обединета Европа изградена врз вредности, како и на заложбите на Ото фон Хабсбург за надминување на поделбите и интеграција на народите од Централна, Источна и Југоисточна Европа.
Претседателката укажа дека денес постојат нови, политички бариери што ја држат земјата во состојба на продолжена неизвесност и покрај децениските реформи и направените тешки компромиси.

Според неа, македонските граѓани одамна ја покажале својата цврста определба за европската иднина и не им се потребни сожалувања и post-festum извинувања, туку навремени, ex-ante решенија за деблокада на евроинтеграцијата.
Таа повика на обновена политичка волја и лидерство што ќе го заокружи процесот на проширување.
На свеченото отворање на конференцијата се обратија: претседателот на Паневропската унија на Македонија, Андреј Лепавцов, претседателот на Меѓународната паневропска унија, Паво Баришиќ, австрискиот амбасадор, Мартин Памер и Штефан Хабек претставник од Паневропската унија на Австрија и Институтот на регионите на Европа.

Паневропската унија на Македонија е формирана 1993 година и се залага за промоција на европските вредности и меѓународно лобирање за интеграција на државата во Европската Унија.
Македонија
Перински: Македонија и Унгарија ги зајакнуваат врските во делот на регионалниот развој и ЕУ политиките
Министерот за локална самоуправа, Златко Перински, на покана на министерот за регионален развој и јавна администрација, Tibor Navracsics, оствари еднодневна работна посета на Унгарија, насочена кон продлабочување на билатералната соработка и зајакнување на партнерството меѓу двете држави.
Во фокусот на разговорите беше размената на искуства за поефикасно и целосно искористување на програмите на Европската Унија, како и поддршка на вклучувањето на Македонија во нови европски програми. За Министерството за локална самоуправа, оваа соработка има особено значење во насока на унапредување на регионалниот развој, пренесување на знаење со цел зајакнување на институционалните капацитети и пристапот до европски фондови.

Во рамки на посетата, министерот присуствуваше и на отворање на изложба во Центарот за дигитални искуства (CODE), каде што свое обраќање имаше министерот за култура и иновации на Унгарија. Центарот е формиран во рамки на програмата „Веспрем–Балатон 2023 – Европска престолнина на културата“ и има за цел да отвора нови можности за културна размена преку дигитални и интерактивни содржини.
Останатиот дел од агендата беше посветен на посети на неколку значајни локации во округот Веспрем, при што беа разменети мислења и искуства за локалниот и регионалниот развој, како и за актуелните општествени процеси. Во тој контекст беа допрени и теми поврзани за начините за зголемување на атрактивноста на регионите, како и мерките за поттикнување на општините кон поголема самоодржливост и ефикасно користење на сопствените развојни потенцијали.

Посетата претставува уште еден чекор кон продлабочување на меѓусебната соработка и размена на добри практики во области од заеднички интерес.
Македонија
Утре променливо облачно со сончеви периоди, наместа со услови за провејување на слаб снег
Утре променливо облачно со сончеви периоди. Наместа ќе има услови за провејување на слаб снег.Ќе дува умерен, a долж Повардарието повремено засилен ветер од северен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од -1 до 6, а максималната ќе достигне од 4 до 12 степени.
Во Скопје, променливо облачно со сончеви периоди. Ќе дува умерен ветер од северен правец. Минималната температура ќе се спушти до 4, а максималната ќе достигне до 10 степени.
За време на викендот ќе дува засилен ветер од северен правец, а утре ќе има услови за провејување на слаб снег.
Од недела следува период на стабилно време со високи дневни температури.

