Македонија
(Видео) Арсовски: АХВ објави тендер за изградба на нова зграда од 8,3 милиони евра, а Владата најави штедење
Иако знаеле наназад можеби 4-5 месеци дека ќе има ваква криза, дека ќе има сериозна економска криза, тие сепак одлучија да го остават народот на цедило, обвини портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Димче Арсовски.
Тој истакна дека антикризните мерки на владата се само на хартија.
„Пред неколку дена велеа дека воведуваат антикризни мерки, Ковачевски се фалеше дека забранил да се купува мебел откако сите министерства купија луксузни софи и фотелји, а денес гледаме дека непродуктивните трошоци се бројат во милиони евра. Во време на криза, сериозна економска криза, и оваа Влада треба малку да се замисли што прави во моментов, Агенцијата за храна и ветеринарство објавува тендер за изградба на нова зграда од 8.3 милиони евра и почнува со изградба уште веднаш и плаќањето ќе оди тековно согласно сработеното односно согласно времените ситуации. Толку од антикризните мерки на Ковачевски и сите останати во Владата.
Замислете, велат антикризни мерки, а во моментов даваат 8.3 милиони евра за изградба на нова административна зграда на Владата. И додека ова можеби и не е луксуз, туку можеби е потребно за вработените и за институцијата, во ваква криза, економска криза сметаме дека не е неопходно сега веднаш да се почне да се прави и да се трошат пари на тоа. Дополнително дали цената е реална од 8.3 милиони евра за околу 2.600 квадрати површина или не е реална, и дали соодветствува со она коешто ќе биде изградено тоа е друга приказна и друга тема којашто треба дополнително да се разговара“, изјави Арсовски.
Овие 8.3 милиони евра, според него, можеле да овој момент да се искористат за многу други потребни работи за граѓаните, со цел да им се помогне да ја пребродат оваа криза.
„Дополнително, 2 милиони евра оваа Влада имаше потрошено изминативе неколку месеци на луксуз и на непродуктивни трошоци на разно разни работи. И тоа откако знаела дека ни следи сериозна економска криза. Се трошело на миење автомобили по министерствата, се трошело на луксузен мебел, софи, фотелји, се трошело 50.000 евра за кафиња во Владата што се пијат и за сè друго. Но, очигледно на оваа Влада поважен ѝ е луксузот и воопшто не и важно што е лицемерна пред граѓаните наспроти да им помогне на граѓаните да ја пребродат оваа сериозна економска криза“, додаде тој.
Милионски суми се трошат непотребно, а, како што рече, Владата лицемерно се однесува пред граѓаните дека наводно крати некакви непродуктивни трошоци.
„Наспроти тоа, наместо да кратат, тие трошат на луксуз. Толку од антикризните мерки на Владата, поважен им е луксузот отколку дали граѓаните можат да опстојат во месецов и да преживеат или не“, порача Арсовски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ се скараа за дрогата која била набавена во Македонија
Опозициската СДСМ денеска со остро соопштение реагираше по заплената на околу пет тони дрога во Србија, наведувајќи дека наркотиците пристигнале преку Македонија и дека станува збор за, како што велат, „картелски скандал од огромни размери“.
Од СДСМ посочуваат дека меѓу уапсените лица има и косопственик на македонска фирма, што, според нив, отвора сериозни прашања за одговорноста на институциите и можната вмешаност на државни структури.
„Како е можно пет тони дрога да поминат преку македонската граница, а Владата да молчи? Без поддршка или затворање очи од структури во власта и институциите, ваков шверц е невозможен“, наведуваат од партијата.
Од ВМРО-ДПМНЕ возвратија:
СДСM прашуваат како поминала дрогата? Одговорите на овие прашања нека ги постават кај познатиот сопственик на фабрика за марихуана Зоран Заев, независно дали се наоѓа во Струмица или на трошење на пари во сигурниот Дубаи. Директен линк со него има Венко Филипче.
Македонија
Сообраќајот во зимски услови по влажни коловози
Поради врнежи од снег се уште е во сила забраната за тешки товарни возила и автобуси воведена од 9:20 часот утрово на патниот правец крак Шипковица-Попова Шапка, соопшти АМСМ.
Сообраќајот на остаматите државни патишта се одвива во зимски услови по влажни коловози, на некои повисоки места во западните и југозападните делови од државата со мали остатоци од кашест снег на коловозот. Врнежи од снег со променлив интензитет се бележат во Крушево, Попова Шапка и Маврово и на планинските превои Стража и Ѓавато и на патниот правец Берово-Струмица.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
Од 15.11.2025 година започна законската обврска за задолжително поседување на зимска опрема во возилата, без оглед на моменталната временска состојба. Оваа обврска ќе трае до 15.03.2026 година. Патниот правец Охрид – Ресен преку националниот парк Галичица од 21.11.2025 до 31.03.2026 година се затвора за сообраќај за сите видови возила.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Македонија
До 5 февруари пријавување за субвенциониран студентски оброк
Министерството за образование и наука ги информира студентите дека рокот за пријавување за правото на субвенциониран студентски оброк за академската 2025/2026 година трае од денеска до 5 февруари 2026.
-Правото на субвенциониран студентски оброк може да го користат сите редовни студенти на додипломски студии кои имаат месечен приход помал од минималната нето плата, но и студентите запишани на постдипломски студии и на интегрирани студии на државните и на приватните универзитети во државата. Студентите кои ги исполнуваат условите, а не аплицирале досега, може да поднесат апликација, електронски преку порталот: https://e-uslugi.mon.gov.mk, соопшти МОН.
Условите и критериумите за остварување на правото на субвенциониран студентски оброк се достапни на линкот https://mon.gov.mk/mk-MK/konkursi-i-stipendii/konkursi-mon/javen-povik-za-ostvaruvanje-na-pravoto-na-subvencioniran-studentski-obrok-za-akademskata-20252026-godina
-За поддршка при аплицирањето, контактирајте преку е-пошта: [email protected] Студентите на кои им било прекинато правото на субвенциониран оброк, а сметаат дека ги исполнуваат условите, може повторно да аплицираат. Овој рок е, исто така, отворен за студентите кои не аплицирале во претходните активни рокови, информира Министерството за образование и наука.

