Македонија
(Видео) Арсовски: Иако Владата знаела дека ќе има криза, изминативе месеци потрошиле 2 милиона евра
СДСМ е директен виновник што државата и граѓаните не може да се справат со економската криза, изјави портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Димче Арсовски.
„Иако знаеле дека ќе има економска криза, не презеле ништо. Не предвиделе антикризни мерки, кои требало да ја ублажат кризата што во моментот ја чувствуваат и живеат граѓаните. Наместо антикризни мерки, изминативе неколку месеци, иако знаеле дека ќе има сериозна економска криза, продолжиле од Владата со непродуктивни трошења. На пример, изминативе неколку месеци потрошиле 2 милиона евра на луксуз. Само вчера презентиравме дека за кафиња, златен прибор за јадење, хотелски сместувања, телефонски услуги и за режено цвеќе се потрошиле над половина милион евра“, истакна Арсовски.
„На пример, претпријатието ‘Железници’, иако е на работ на банкрот секој месец во годината, повторно потрошило над 7 милиони денари за канцелариски материјал и кондуктерски чанти. И ако некој ги праша вработените таму, самите ќе кажат дека можеби баш сега и не им се потребни чантите и дека имало претходно набавка, односно дека поважно им е редовно да земаат плата. Републичкиот совет за безбедност при сообраќајот, на пример, одвоил околу 5 милиони денари за услуги за печатење. Да беа свесни дека ќе има економска криза, иако знаеле, ќе сфатеа дека тие пари би било попаметно да ги потрошат на некоја друга ставка или за нешто друго“, нагласи Арсовски.
Додаде дека ЈП за стопанисување со станбен и деловен простор во време кога знаеле дека ќе има криза, за процена на деловен простор одвоиле 4,7 милиони денари.
„Ако сакале да заштедат и ако сакале да превенираат со трошење пари, ќе искористеле некоја од државните институции која може да направи процена на деловниот имот и ќе ја направеле процената, а претпријатието ќе ги заштедело овие 4,7 милиони денари. И, така, милионски суми се трошат непродуктивно изминативе месеци, иако од Владата знаеле дека ќе има економска криза. Нема ниту една антикризна мерка и она што се обидуваат да го наметнат дека го донеле изминативе неколку денови како антикризни мерки е задоцнето и нема да го даде резултатот за граѓаните да ја преживеат оваа економска криза“, рече Арсовски.
Според него, политиката на СДСМ е добро позната и се вели купи ден – помини, а тие самите, како што рече, живеат и уживаат во луксузот со парите на граѓаните.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Времето денес променливо облачно со сончеви периоди
Времето денес ќе биде променливо облачно време со сончеви периоди и со локална појава на пороен дожд и грмежи.
Наместа процесите ќе бидат во форма на невреме со интензивен пороен дожд (поголема количина за кратко време), силен ветер и изолирана појава на град. Минималната температура ќе биде во интервал од 11 до 18, а максималната ќе достигне од 27 до 34 степени. УВ=7
Во Скопје променливо облачно со сончеви периоди и со слаб до умерен ветер од јужен правец. Во делови од котлината ќе биде нестабилно со пороен дожд, грмежи и засилен ветер. Минималната температура ќе се спушти до 16, а максималната ќе достигне до 31 степен, јавува УХМР.
Во наредните денови се очекува сончево и топло време со мала до умерена облачност и со слаб до умерен ветер, во вторник од западен, а потоа од северен правец. Во попладневните часови ќе има услови за ретка појава на пороен дожд и грмежи.
Македонија
Делови од Радишани и Волково без струја
ЕВН Македонија АД извести дека н 3 јуни ( понеделник ) без електрична енергија ќе останат:
– во периодот од 09.00 до 15.00 часот, корисниците од Волково лоцирани на потегот од кружниот тек кон село Кучково. (општина Ѓорче Петров )
– во периодот од 11.00 до 13.00 часот, корисниците од ул. Ѓоре Ѓоревски, лоцирани на третиот влез во населба Радишани. (општина Бутел )
Македонија
„Простор за разговор“ во Охрид
Вечерва со почеток во 20 часот, ХЕРА – Асоцијација за здравствена едукација и истражување во соработка со Интерарт културниот центар организира настан „Простор за разговор“ во Младинскиот центар во Охрид, за зајакнување на родовата еднаквост.
Настанот е дел од проектот „Простор за разговор“ со кој преку уметност, танц, театар и филм сплотени во еден перформанс целта е да се зајакне чувството на припадност кон заедницата, да се искоренат стереотипите и да се зајакнат младите, маргинализираните и лицата во социјален ризик.
„Простор за разговор“ се состои од краток филм и танцов перформанс, кои претставуваат уметничка рефлексија на темата и ќе бидат изведени од танчерите на Скопје танцовиот театар. По перформансот ќе има разговор на темата за родова еднаквост со публиката, со цел справување на проблемите на младите. Поканети се социолози, активисти и психолози, кои ќе говорат за тоа, каде сме и што треба понатаму да направиме во однос на социјалната положба и родовата еднаквост.
На 4. јуни (вторник) настанoт се одржува во Струга во Домот на културата во 12 часот, со што завршуваат низата перформанси што се одржаа изминатите 10 дена во шест градови низ државата.
Проектот „Простор за разговор“ е поддржан од Германија преку Германското друштво за меѓународна соработка (ГИЗ) во рамки на регионалниот проект за социјално вклучување на ранливи групи во Западен Балкан.