Македонија
(Видео) Арсовски: Гази Баба – еклатантен пример за сомнителни тендери
Местењето тендери во СДСМ не е ништо ново, тоа е она што го говориме 4 години, тоа е она што го знаат граѓаните, тоа е она што сите го гледаат и имаат докази, само, за жал, ЈО и антикорупциската комисија немаат докази. Денес, ќе презентираме и ќе продолжиме, ќе се надоврземе на вчерашните докази за тендерот за улично осветление во Гази Баба, каде што јавноста треба да утврди дали фирмата „Дигитал“ ДООЕЛ со очигледни евидентни податоци на однапред договорени цени добила тендер?, истакна на денешната прес-конференција Димче Арсовски, портпарол на ВМРО-ДПМНЕ.
„Фирмата ‘Дигитал’ ДООЕЛ добила тендер за јавно улично осветление со цени на кои се надоврзуваме на вчерашната прес-конференција, и тоа: на пример, за набавка и вградување натриумова цевеста светилка од 70 вати над 6.600 лумени, понудената цена е 10.000 денари за парче, а за истата светилка со моќност од 150 вати над 17.500 лумени, која по логика на нештата треба да е двојно повисока, понудената цена е само 1.000 денари. Дали е ова нормално? Или, на пример, за набавка и вградување придушувачи цените се следни: од 70 вати чини 2.500 денари за парче, а двојно и петпати помоќни од 150 вати и 400 вати чинат по 1 денар за парче. Кој кого манипулира?“, посочи Арсовски.
Ова, како што напомена тој, е само дел од цените и начинот на кој има простор за сомневање за предност во добивање на тендерот од страна на оваа фирма „Дигитал“ ДООЕЛ во општина Гази Баба, но, за тоа, како што рече, треба да утврди и Јавното обвинителство дали имало такво нешто или не.
Посочи дека антикорупциската комисија исто така требаше веќе да има отворено случај, но очигледно дека сака, додаде Арсовски, да скрие сомнеж за криминал и воопшто да не истражува каков било криминал во овие јавни набавки.
„Ваквиот начин на функционирање и добивање тендери очигледно добро функционирал како пракса секаде, ама баш секаде онаму каде што СДСМ има свои кадри за функционери. Дали сега на јавноста ѝ е јасно како СДСМ ги трошел нивните пари? Истото се случува и во институциите на државната власт, каде што СДСМ ја има централната власт, што всушност покажува дека не се работи за изолиран случај, туку за начин на функционирање на СДСМ како политичка партија и неговите кадри. Парите на граѓаните на овој начин биле испумпувани и завршувале во нечии џебови. Да не се чудите после како од просечни граѓани, функционерите стануваат милионери, а пред тоа немале никаков основ да заработат огромни суми пари“, нагласи портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Во Гостивар, Маврово – Ростуше, Врапчиште и Центар Жупа се одржуваат повторени избори за градоначалник
Во општините Гостивар, Маврово – Ростуше, Врапчиште и Центар Жупа денеска се одржуваат повторени избори за градоначалник, откако во првиот круг од локалните избори не беше постигната потребната излезност.
Гласањето започна во 7 часот и ќе трае до 19 часот.
Согласно Изборниот законик, за избор на градоначалник потребно е еден од кандидатите да добие мнозинство од гласовите на излезените гласачи.
Вчера гласаа болните и изнемоштените лица, како и затворениците.
Државната изборна комисија во текот на денот ќе информира за текот на гласањето и излезноста, а првичните резултати се очекуваат по доставувањето од општинските изборни комисии.
Македонија
Променливо облачно и студено време со повремен снег
Времето денеска ќе биде променливо облачно и студено, со повремени локални врнежи од снег во претпладневните часови. Попладне се очекува врнежите постепено да престанат.
Од Управата за хидрометеоролошки работи информираат дека ќе дува умерен, а долж Повардарието повремено засилен ветер од северен правец. Утринските температури ќе се движат од минус пет до два степена, додека дневните ќе достигнат од минус еден до пет степени.
Во Скопје времето ќе биде променливо облачно, претпладне со повремени врнежи од дожд и снег. Ќе дува слаб до умерен северен ветер. Минималната температура ќе се спушти до минус еден степен, а максималната ќе достигне околу три степени.
Според најавите од УХМР, од почетокот на следната седмица се очекува стабилизирање на времето. Под влијание на поле на висок воздушен притисок, ќе преовладува суво и студено време, а на одделни места утринските температури ќе се спуштат и под минус десет степени.
Македонија
ДИК: До 19:00 часот гласаа 242 од пријавените 248 болни или немоќни лица во Гостивар, Врапчиште, Маврово – Ростуше и Центар Жупа
Државната изборна комисија информира дека до 19:00 часот денеска од вкупно 94 пријавени лица за гласање во казнено-поправните установи, гласале 45 лица. Од вкупно пријавените 248 болни или немоќни лица за гласање во четирите општини, Гостивар, Врапчиште, Маврово – Ростуше и Центар Жупа до 19:00 часот правото на глас го оствариле вкупно 242 лица. Две лица гласале во Центар Жупа, 66 болни или немоќни гласале во Маврово – Ростуше, 31 лице во Врапчиште и 143 лица во Гостивар.
Гласањето за сите овие категории на гласачи се одвиваше непречено и без никакви проблеми и недоследности, велат од ДИК.
ДИК известува дека резултатите од гласањето на болните, немоќните и лицата кои се на издржување казна затвор, не се објавуваат денеска посебно.
„Секое поединечно гласачко ливче е ставено во посебен затворен плик и во гласачките кутии и тие не се отвораат денеска. Броењето на овие гласови и објавувањето на резултатите од денешното гласање се врши заедно со резултатите од целокупното гласање на изборите утре по 19:00 часот, за секое избирачко место и секоја општина каде што се гласа“, стои во соопштението на Државната изборна комисија.

