Македонија
(Видео) Арсовски: Евидентна е приватната блискост меѓу Димова и сопственикот на фризерницата
Достигнат е врвот на скандалите во СДСМ. Лидија Димова доделила на свој пријател 270.000 евра, односно доделила грантови за едукација за медиумска писменост во дигиталното опкружување на фризерница, изјави портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Димче Арсовски.
„ Според сликава позади мене која е на увид на медиумите, можеме да видиме прилично опуштена атмосфера во кафеана каде што седат добитникот на грантот и сопственик на фризерницата Златковски, како и директорката на агенцијата која ги доделува парите Лидија Димова. Директорката назначена од СДСМ.
Од сликата јасно се гледа дека прилично добро се познаваат и се блиски двајцата. Дополнително Зоран Златковски бил обучувач ангажиран преку агенцијата за проектите во програмата Еразмус +, односно ангажиран како надворешен соработник.
Член 21 од статутот на агенцијата вели, член на советодавното тело и надворешен соработник не можат да бидат корисници за програмата која е избран.
Затоа прашуваме, дали Златковски бил обучувач на програмата Еразсмус +, ангажиран од агенцијата и од Лидија Димова?
Дали е законски и дали смеела Лидија Димова да дозволи обучувачот Златковски на програмата Еразмус + да биде и добитник на грант од истоимената програма Еразмус + според овој член од статутот?
Дали ова е противзаконско доделување на грантови?
Дали ова доколку е така е класична злоупотреба на пари во институција?
Прекршување на закони, сомнеж за проневера на пари, директорување на директорка кое е под знак прашалник дали било чесно, или не, а по сите сомнежи изгледа дека не, патем и за која се води постапка во антикорупциската, а јавното обвинителство се уште молчи за овој скандал каде што се доделени 270.000 евра на фризерница за еден од грантовите, едукација за медиумска писменост во дигиталното опкружување.
Фризерница и едукација за медиумска писменост немаат никаква допирна точка.
Ова ќе биде, по се изгледа, уште еден случај каде што има сомнеж за директор од СДСМ дека злоупотребува службена должност и пари, јавното обвинителство и Заев го штитат и не дозволуваат да се истера правдата на виделина.
За крај, бараме оставка уште веднаш од Лидија Димова. Ваков кадар не смее да раководи со институција која што е директно под надзор на Европскиот совет и комисија и не смее ваква директорка да не срами пред Европската Унија и европските земји“ истакна Арсовски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Уапсени осум возачи за возење без возачка, со забрана и под дејство на алкохол
Во текот на вчерашниот ден, полициски службеници на целата територија на државата лишија од слобода осум возачи, од кои седум за возење без возачка дозвола и еден со забрана за управување возило од Б категорија и под дејство на алкохол, соопшти МВР.
Двајца возачи во Скопје и по еден возач во Прилеп, Неготино, Тетово, Кочани и Делчево управувале возило без возачка дозвола. Додека еден возач во Виница управувал возило иако имале мерка забрана за управување моторно возило од Б категорија и под дејство на алкохол.
Лицата се приведени во полициска станица, а по целосно документирање на случаите ќе бидат поднесени соодветни кривични пријави.
„Апелираме до сите учесници во сообраќајот да ги почитуваат сообраќајните правила и прописи, да не управуваат возило без положен возачки испит или доколку имаат изречена мерка за забрана за управување или доколку се под дејство на алкохол и сите заеднички да придонесеме за побезбеден сообраќај“, велат од МВР.
Македонија
Општина Центар објави јавен повик за ангажирање лични асистенти за ученици со посебни образовни потреби
Општина Центар објави јавен повик за ангажирање лични асистенти за ученици со посебни образовни потреби во рамки на проектот „Образование за сите“, за учебната 2025/2026 година.
Право на пријавување имаат лица со најмалку завршено средно образование. Предност имаат кандидати со соодветно високо образование, претходно искуство во работа со деца со попреченост или лиценца за личен асистент, како и долгорочно невработени лица, млади до 29 години, лица над 50 години, самохрани родители и родители на деца со попреченост.
„Ангажманот на личниот асистент подразбира директна поддршка на ученикот во текот на наставниот ден. Поддршката вклучува помош при следење на наставата, движење низ училиштето, комуникација со соучениците и наставниците и други активности во согласност со индивидуалните потреби на ученикот“, вели градоначалникот Горан Герасимовски.
Избраните кандидати ќе бидат ангажирани како лични асистенти во основните училишта на територија на општината, со скратено работно време од 20 часа неделно, во период од четири месеци, почнувајќи од март 2026 година до крајот на актуелната учебна година.
За ангажманот е предвиден паричен надоместок во висина од 15.000 денари (нето) месечно.
Пријавувањето се врши во Архивата, барака 6, секој работен ден од 9 до 15 часот.
Јавниот повик трае пет работни дена од денот на неговото објавување и е достапен на општинската веб-страницата и на огласните табли во основните училишта на територија на општината.
Македонија
Четворица кандидати во трката за државен јавен обвинител добија позитивно мислење
Обвинителките Анита Тополова-Исајловска, Ленче Ристоска и Лидија Раичевиќ и судијата Ненад Савески добија позитивно мислење од Советот за јавни обвинители.
Петтиот кандидат, судијата Владимир Панчевски, уште пред почетокот на разгледувањето на кандидатурите беше исклучен од постапката за избор поради неисполнување на условите, односно има прекини во извршувањето на функцијата судија, која не ја врши ниту сега.
Постапката за избор на нов државен јавен обвинител започна со огласот што го распиша Собрание на Република Северна Македонија на 12 јануари годинава, со рок за пријавување од 15 дена од денот на објавувањето во „Службен весник“. Кандидатите мора да имаат најмалку 10 години непрекинат стаж како јавни обвинители или судии од областа на кривичното право.
Согласно Законот за Јавното обвинителство, кандидатурите се доставуваат до Владата, која бара мислење од Советот на јавните обвинители. Советот има рок од 15 дена да достави образложени мислења. Доколку не даде позитивно мислење за ниеден кандидат, Владата не може да утврди предлог и му предлага на Собранието распишување нов оглас. За избор на нов државен јавен обвинител се потребни најмалку 61 глас од пратениците.

