Македонија
(Видео) Арсовски: Дали Алекс Сорос е новиот советник на Заев?
Зоран Заев е претседател на Владата, а не претседател на невладина организација, иако во моментот е во заминување од позицијата премиер, така што, по изборите, ќе може да се занимава со што сака, соопшти портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Димче Арсовски.
„Кога Зоран Заев остварува средби, граѓаните имаат право да знаат за што се среќава и за што разговара, особено по скандалозните контакти со познатиот Биг Мајк или пранкерите од Украина.
Која била вистинската причина за средбата со Алекс Сорос? Образложението на Владата дека разговарале за малиот шенген со Србија и Албанија е несериозно. Дали тоа значи дека Александар Сорос е нов советник на Зоран Заев?
Името на Џорџ Сорос се поврзува со многубројни афери, матни зделки, изигрување на демократијата во одредени земји. Зоран Заев очигледно е дека преку своите конекции повторно сака да создаде атмосфера пред изборите и за време на кампањата, при што ќе може полесно да се обиде да ја украде волјата на граѓаните и сега за тоа ја бара поддршката од своите сомнителни партнери, кои вложија милиони за да го инсталираат на власт.
Предупредуваме, Зоран Заев да не прави дополнителни штети и да не излегува надвор од законот затоа што по 12 април, ќе има одговорност за сè што сторил. Изигрувањето на законите и изигрувањето на волјата на граѓаните овој пат ќе го чини скапо и нема да може да се случи“, порача Арсовски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Законот за високо образование нема да биде повлечен, јавнaта расправа продолжува
Министерката за образование и наука Весна Јаневска на пленарна седница изјави дека нема да го повлече нацрт-законот за високо образование.
Таа посочи дека во моментов се одржуваат јавни расправи на сите универзитети и дека нацрт-текстот е објавен на Единствениот национален електронски регистар на прописи (ЕНЕР), каде што сите засегнати страни можат да достават коментари.
На прашање од пратеничката од СДСМ, Бисера Костадиновска-Стојчевска, која изнесе забелешки, Јаневска одговори дека законот е „за добробит на сите“ и дека реакциите не можат да се генерализираат.
Според министерката, предлог-законот е усогласен со европски и светски стандарди и предвидува подобрување на студентските права, двегодишен мандат за универзитетските тела, можности за ангажман на демонстратори и вработување на студенти на проекти, како и поддршка за најдобрите студенти.
Јаневска нагласи дека членот 13 се однесува на заштита на автономијата на универзитетите и дека во изработката на текстот учествувале над 60 професори.
Македонија
Гаши во Стејт департментот: Верската хармонија во земјава како модел за општеството
Претседателот на Собранието, Африм Гаши, оствари средба со Мајкл Дозлер, раководител на Одделот за европски и евроазиски прашања во Канцеларијата за меѓународни верски слободи, како и со други претставници во Стејт департментот на САД.
За време на средбата, претседателот Гаши нагласи дека нашата земја ужива верска хармонија, која треба да служи како модел за унапредување на другите општествени односи. Беше дискутирано за важноста на толеранцијата и негувањето на верските вредности, а воедно и зачувувањето на секуларниот карактер на државата.
Дозлер изрази благодарност за моделот на хармонија што постои во земјата и нагласи понатамошна поддршка за иницијативите што промовираат мир и соработка.
Меѓу другото, беа дискутирани и искуствата и средбите одржани за време на последната посета на претседателот во Вашингтон (февруари 2026 година), каде што Гаши изрази благодарност за меѓудржавната соработка и партнерство.
Македонија
Гоце Наумовски стана нов уставен судија
Собранието со 63 гласа „за“, седум „против“ и без воздржани го избра професорот Гоце Наумовски за нов уставен судија, по што тој даде свечена изјава дека функцијата ќе ја извршува совесно, одговорно и во согласност со Уставот и законите.
Наумовски е редовен професор по римско право на Правниот факултет „Јустинијан Први“ при Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ – Скопје.
Доаѓа на местото на судијката Јадранка Дабовиќ-Анастасовска, која во декември поднесе оставка од функцијата судија на Уставниот суд, поради здравствени и лични причини.

