Македонија
(Видео) Арсовски: Ниту Заев ниту брат му не ги негира обвинувањата за рекет на бизнисменот Тошевски
Да бевме правна држава, а не сме, тоа секој го гледа, Обвинителството уште кога се емитуваше јавната емисија на еден национален медиум, требаше по допрен глас да отвори случај за индициите дека Вице Заев, братот на премиерот Зоран Заев, вршел рекет врз бизнисменот Киро Тошевски, кој јавно тоа го кажа, изјави портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Димче Арсовски.
„Јавното признание што беше посочено од страна на бизнисменот Тошевски во петокот на еден национален медиум говори дека тој лично бил цел на закани, уцени и навреди од страна на братот на премиерот, Вице Заев, со цел да му се обезвредни атрактивен имот и тој да биде купен за мала цена. Беше посочено дека бил повикуван на разговори во еден струмички угостителски објект, а дополнително му се јавил и самиот Зоран Заев. Ова е крајно скандалозно.
Бизнисменот говори дека со административни постапки во Општина Гази Баба, чиј градоначалник е од редовите на СДСМ, му бил континуирано обезвреднуван имотот со крајна цел тој да заврши во рацете на Заеви. Овие индиции ниту Зоран Заев ниту Вице Заев, ниту кој било друг повикан досега, не ги негира јавно, како што беа изнесени јавно. Се обидуваат ваков скандал да го скријат под тепих, како и многу други досега.
Да биде скандалот поголем, во емисијата беше посочено дека постои спрега помеѓу директорот на финансиската полиција, Муареми, фамилијата Заеви, Кирацовски, но и веќе обвинетите Катица Јанева и Боки 13, со што се врши притисок врз неколку бизнисмени во Република Македонија, состојба од која некој има дебела финансиска корист.
Кога ќе отворат истрага од Обвинителството на Јовевски за овој случај по допрен глас? Кога ќе ги повикаат сите инволвирани во овој случај на „Рекет“ да дадат своја изјава и да се доведе целиот случај до самиот крај?
Ова е веќе нов аспект на случајот „Рекет“, кој има свое продолжение во вид на урбанистички рекет, за што постојат и сериозни индиции и сериозни сомнежи, но и јавни наводи од страна на жртва. Обвинителството за ова молчи исто како што молчеше и за случајот „Рекет“ сè дури не излегоа доказите во медиумите.
Зоран Заев, по сè изгледа, е дебело загазен во криминалите што ги правеле Боки 13, Катица Јанева, но и со новите ликови од неговото блиско опкружување, со кои се шират приказните.
Криминалниот октопод, ако не сака ова Обвинителство на Русковска и Јовевски да го разобличи, ќе биде разобличено по 12 април кога ќе заврши политичкиот притисок што го врши Заев врз правосудството“, рече Арсовски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
МВР: Повторените локални избори завршија без нарушувања на јавниот ред и мир
Локалните избори кои се одржаа во дел од општините на подрачје на СВР Тетово, односно ОВР Гостивар и СВР Охрид се одржаа во мирна, фер и демократска атмосфера, информираат од Министерството за внатрешни работи.
„МВР во текот на целиот ден презеде мерки и активности во рамки на своите надлежности со цел непречено и безбедно спроведување на изборниот процес. Не беа регистрирани инциденти или било какви нарушувања на јавниот ред и мир“, стои во известувањето од МВР.
Македонија
Состојба по обилните врнежи во Македонија: пресек на ЦУК до 18:30 часот
Центарот за управување со кризи направи пресек на состојбата по врнежите на територијата на Македонија до 18:30 часот.
Тетовски регион
Тетово
На патниот правец Тетово – Бањиче, пред ресторанот „Лумаре“, има падната голема карпа на коловозот со опасност од дополнителни одрони. За настанот се известени ЈКП Тетово, СВР Тетово и ДЗС, кои преземаат мерки согласно надлежностите.
Состојбата во градот и околината е стабилна, патната инфраструктура е проодна, а коловозите се претежно влажни.
Гостивар – Маврово
Кај каменоломот е евидентиран одрон на патниот правец Гостивар – Маврово. Надлежните служби се известени и најавено е расчистување и обезбедување на сообраќајот.
Тиквешки регион
Кавадарци
Во ридско-планинскиот дел се интервенира со два камиона на патните правци Кавадарци – Мушов Гроб – Мрежичко, Мушов Гроб – Михајлово и Страгово – Горна Бошава. Сите патишта се проодни во зимски услови. Висината на снежната покривка е до 15 см. Во останатите населени места нема снег.
Североисточен регион
Куманово, Липково и Старо Нагоричане
Нема излевање на реките, а водостоите се во опаѓање. Патот од с. Пелинце до Граничен премин Пелинце беше подмрзнат и небезбеден, по што е извршена интервенција и патот е расчистен.
Крива Паланка
Сите локални и регионални патни правци се проодни и чисти. Интервенирано е на патот кон манастирот Св. Јоаким Осоговски поради одрон.
Ранковце
Патот од с. Пклиште до с. Герман е затрупан со снег и е испратена механизација за расчистување. Делницата е со кашаст снег и отежнато движење.
Кратово
Сите локални патни правци се проодни. Водостоите на реките не претставуваат опасност од излевање.
Источен регион
Штип
Нема врнежи. Водостоите се зголемени, но без опасност од поплавување. На патните правци Истибања – Делчево – граничен премин, Виница – Берово и Штип – Неготино има помали одрони кои редовно се расчистуваат.
Југозападен регион
Охрид
Реката Сушица е ставена под контрола со насип. Сè уште има поплавени подруми и дворови на повеќе локации.
Струга
Во селата Мислешево и Калишта има поплавени дворови. Санирањето е отежнато поради непречено истекување на водата.
Дебар
Реката Радика има зголемен водостој без опасност од излевање. Има помали одрони на патните правци Жировница – Дебар и Дебар – Струга, кои редовно се расчистуваат.
Кичево
Водостоите на Зајашка река и Треска се намалени и нема опасност од нови поплави. Во тек е состанок на општинскиот кризен штаб за проценка на штети и планирање на санација.
Пелагониски регион
Демир Хисар
Поради оштетување на мостот на Боишка Река, локалниот пат кон с. Мренога е затворен за сообраќај.
Битола
Состојбата во градското подрачје е нормализирана. Во околните места водата се повлекува од поплавените површини.
Крушево
Сите локални и регионални патни правци се исчистени, посолени и проодни.
Ресен
Поплавени се земјоделски површини, но водата се повлекува. Во тек е интервенција со градежна механизација за расчистување на коритото на Голема Река.
Новаци
Нивото на река Црна изнесува 320 см и се следи континуирано.
Македонија
(Видео) ДИК: Излезноста на повторените локални избори во четири општини до 18:30 часот е 28,07 проценти
Државната изборна комисија соопшти дека излезноста на повторените избори до 18:30 часот изнесува 28,07 отсто.
По општини:
– Врапчиште: 31,76 %
– Гостивар: 28,22 %
– Маврово и Ростуше: 28,04 %
– Центар Жупа: 13,18 %
Портпаролката на ДИК, Радица Тодоровска Алексовска, кажа дека поради задоцнето отворање, ќе има продолжување на пет избирачки места, три во Гостивар и две во Маврово-Ростуше. Најдолгото продолжување на гласањето во траење од 2 часа и 45 минути ќе биде на избирачко место 503 во Гостивар.
На избирачкото место 0782 во Ќафа немало гласање бидејќи тоа воопшто не било отворено.

