Македонија
(Видео) Арсовски: Нов ден, нов пратеник од СДСМ заглавен во непотизам
Прогласената епидемија на непотизам алармантно се шири додека институциите спијат. Два нови случаи заразени со епидемија на непотизам во Неготино, а власта сè уште молчи како всушност се заразиле, изјави портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Димче Арсовски.
„Дека непотизмот не е еден случај и единствен, туку е начин на работење на СДСМ говори и примерот со пратеникот на СДСМ од Неготино, Ристе Ташев, чијашто сестра Катерина Јорданова се вработила во Основното училиште ‘Страшо Пинџур’.
Прашуваме кој е критериумот според кој токму сестрата на пратеникот од СДСМ е вработена, а не некој друг. Сигурни сме дека не била единствена за таму и сигурни сме дека во огласот не пишувало во делот на критериумите – да биде сестра на Ристе Ташев“, вели Арсовски.
Како што додава, нов ден, нов пратеник од СДСМ заглавен во непотизам.
„Да потсетиме и дека во Неготино градоначалникот Тони Делков избран од граѓаните на Неготино ја вработи сопругата Надица Делкова во Основното училиште ‘Гоце Делчев’, кое е директно под неговите ингеренции. Што уште треба да кажеме за Заев и СДСМ да признаат дека јавниот сектор го претворија во семејно-партиска фирма во која се вдомуваат најблиските роднини и тоа за жал на сметка на граѓаните кои остануваат без егзистенција и без можност за вработување и секојдневно тонат во сиромаштија“, додава Арсовски.
Според него, јавноста со право се прашува колку државни пари се одлеваат во семејните буџети на функционерите на власта и уште колку нивни роднини станаа вработени во државни фирми, институции, агенции, управи, општински органи и слично.
„Или обратно да прашаме, уште колку роднини на функционерите останаа невработени за да се вработат и тие? Сигурно се бројат на прсти. Лажниот концепт на Заев ‘живот за сите’ јавноста го виде на дело. Тој концепт се претвори во ‘живот за раководството на СДСМ’“, нагласи Арсовски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Филипче: Да го продолжиме повикот на Гоце Делчев, Македонија да биде европска држава, а не назад во изолација
Лидерот на СДСМ, Венко Филипче, по повод одбележувањето 154 години од раѓањето на македонскиот великан и револуционер Гоце Делчев, порача дека делата на Делчев се потсетник дека Македонија се гради со храброст, солидарност и заедништво.
Во објавата на Фејсбук, Филипче наведува дека Гоце Делчев бил еден од визионерите кои ги поставиле темелите на македонската државотворност, потенцирајќи дека неговата порака за „светот како поле за културен натпревар на народите“ и денес претставува јасен повик Македонија да оди напред кон модерна, просперитетна и европска иднина, а не назад во изолација.
„Во време кога државата повторно се соочува со сериозни предизвици, да не дозволиме националните интереси да бидат заложник на дневна политика“, порачува Филипче.
Според него, аманетот на Делчев треба да се продолжи преку градење напредна, праведна, демократска и економски силна држава, во која младите и сите граѓани ќе гледаат перспектива.
„Нека е вечен споменот на великанот Гоце Делчев“, се наведува во објавата.
Македонија
АВМУ со реакција за заканите кон новинарот Александар Видиновски
Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги изразува сериозна загриженост за нападите, омаловажувањата и смртните закани упатени кон новинарот на Канал 5 Телевизија, Александар Видиновски, по неговата објава на социјалните мрежи во врска со непрописно паркирани возила на тротоарот пред Амбасадата на Република Бугарија во Скопје.
„Овие постапки претставуваат директен напад врз безбедноста на новинарите и сериозно загрозување на слободата на изразување и правото на јавноста да биде информирана. Новинарите имаат право и обврска да известуваат за прашања од јавен интерес, без да бидат изложени на притисоци, закани или насилство.
Особено загрижуваат смртните закани, кои претставуваат кривично дело и бараат итно и ефикасно постапување од надлежните институции. Очекуваме институциите со должно внимание да ги разгледаат овие случаи и да обезбедат соодветна заштита, со што ќе придонесат кон јасна и доследна практика дека заканите, говорот на омраза и онлајн насилството кон новинарите се недозволиви“, соопшти АВМУ.
Македонија
650 прекршоци регистрирани вчера преку „Безбеден град“, од нив 590 за пребрзо возење
Во текот на вчерашниот ден преку системот „Безбеден град“ констатирани се вкупно 650 прекршоци, извести МВР.
Од нив, за минување на црвено светло констатирани се вкупно 36 прекршоци, за возење со брзина поголема од дозволената констатирани се вкупно 590 прекршоци, а за нерегистрирани возила 24 прекршоци. При тоа изречени се вкупно 61 забрани за управување на моторно возило, информираше Министерството за внатрешни работи.
„Апелираме до сите учесници во сообраќајот да ги почитуваат сообраќајните правила и прописи и сите да придонесеме за безбеден сообраќај на територијата на целата држава“, соопшти МВР.

