Македонија
(Видео) Арсовски: Само исплашен човек, кој е замешан во скандал, реагира како Николовски за шверцот на тутун
Тутунската мафија за која има и предмет во Царинската управа, но и во ЈО, е заштитена од оној што се јави неповикан да се пере од потенцијалниот криминал, Љупчо Николовски, вицепремиер за спречување корупција, обвини на денешната прес-конференција, портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Димче Арсовски.
„Избегнувањето на одговорите и бегањето од одговорност бидејќи сега ја штити власта за ваквиот криминал, не значи дека нема да следи одговорност за сето ова понатаму. Ова е криминал од милионски размери, кој не може да остане вака“, нагласи Арсовски.
Според партискиот портпарол, стравот на вицепремиерот Николовски и неговите, како што рече, манипулативни реакции и изјави, се поради паника да не бидат откриени до крај целиот скандал и неговата вмешаност од времето кога бил министер за земјоделство.
„Само исплашен човек, кој е замешан во ваков скандал, реагира вака, неповикан да се објаснува и да им се заканува на медиуми и новинари“, посочи Арсовски, кој потенцира дека за тутунската мафија мора да има одговорност и повика политичарите да ги тргнат рацете од новинарите и да ги остават да си ја работат својата работа.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Јавно обвинителство: Изборниот ден помина без поголеми нарушувања во гласањето и пријави за изборни инциденти
Јавното обвинителство соопшти дека до затворањето на избирачките места, изборниот ден поминал генерално без поголеми нарушувања на гласањето и пријави за изборни инциденти.
„Од информациите добиени од јавните обвинителства во државава, во ОЈО Кавадарци оформен е предмет по поднесено известување против лице од Неготино кое било пријавено од граѓанин за кривично дело – Повреда на слободата на определување на избирачите од член 160 од Кривичниот законик. Според наводите, пријавената телефонски се обидела да влијае кај пријавителката да гласа за една политичка партија, напоменувајќи дека е корисник на ИПАРД помош. Предметот е во предистражна постапка и се преземаат дејствија за да се утврди дали постојат елементите на пријавеното кривично дело или друго кривично дело кое се гони по службена должност.
Во ОЈО Кочани примени се известувања од МВР за пријавени настани поврзани со организирано носење на гласачи на избирачко место. Јавен обвинител веднаш даде насоки за проверка и прибирање податоци дали при превозот на каков било начин им се влијаело на гласачите во врска со остварувањето на нивното гласачко право.
Анонимен граѓанин во Ростуше пријавил дека едно лице вршело поткуп на гласачи. ОЈО Гостивар веднаш даде наредби и насоки, беа направени детални проверки, при што наводите не се потврдија со ниту еден доказ.
Освен ова, јавните обвинителства постапуваат и вршат проверки за сите други изолирани настани за кои јавноста претходно беше информирана.
Сите евентуални сомненија за кривични дела кои би можеле да го нарушат изборниот процес ќе бидат испитани, а предметите ќе имаат приоритет на постапување во јавните обвинителства“, се наведува во соопштението на Јавното обвинителство на Република Северна Македонија.
Македонија
Адеми тврди дека симпатизери на Европскиот фронт гласале за претседател: „Оставивме самите да одлучат“
Европскиот фронт преводен од Демократската Унија за Интеграција изрази благодарност до секој гласач што ја избрал европската иднина и ги осуди, како што велат, обидите на опозицијата преку пропаганда и лажни вести да сее страв.
Портпаролот на ДУИ, Арбер Адеми, изјави дека Европскиот фронт денеска ќе биде сведок на историската победа на овој сенароден референдум кој ќе ја запечати европската иднина на земјата.
„Нема враќање назад. Волјата на граѓните е пред се. Ќе останеме верни на волјата на гласачите. Европскиот фронт е гаранција дека активното и масовно учество на граѓаните ќе биде одлучувачко за натамошното напредување на Македонија. Вечерва победата е наша. На сите вас кои кажавте „Не на Русија, да на Европа“, рече Адеми.
Тој вели дека ставот на Европскиот фронт бил поддржувачите самостојно да одлучуваат дали ќе гласаат на претседателските избори.
„Ако направите споредба на процентот на излезност, има мала разлика, но не до тој степен што би се одразила фактичката состојба на нашите поддржувачи. Така што, имало поддржувачи на Европскиот фронт кој ја изразиле својата волја на претседателските избори“, изјави Адеми.
Македонија
Муцунски: ДУИ оди во опозиција, бојкотот не им успеа, цензусот е исполнет
Повикот на ДУИ за бојкот не успеа, а денот ги извади на виделина игрите на власта. ДУИ посакува криза и преку бојкот сакаше да се факторизира. ДУИ изгуби, бојкотот не им е успешен, извесно е дека одат во опозиција, изјави Тимчо Муцунски, на првата прес-конференција на ВМРО-ДПМНЕ по гласањето на парламентарните и вториот круг од претседателските избори.
„Пропадна сценариото да се создаде криза во државата, се радуваме што е постигнат цензусот, извесно е дека Давкова е новиот претседател. Очекуваме уште подобар резултат од првриот круг, и уште вечерва да биде јасна сликата како ќе изгледа идната Влада на Република Македонија. Очекуваме да имаме резултат што ќе го отслика опозициското расположение во државата“, рече Муцунски додавајќи дека ДУИ е дел од криминална власт што станува минато.
Како што рече, народот излегол за да си ја врати Македонија, односно контролата врз системот бидејќи државата наместо на елитите треба да му припаѓа на народот.
ВМРО-ДПМНЕ оцени дека дека изборниот ден генерално поминал мирно, со поединечни нерегуларности. Муцунски објави дека неколку функционери биле фатени во илегални активности со поткуп и ги повика интитуциите да истражат и да го испитаат потеклото на парите.