Македонија
(Видео) Арсовски: СДСМ во пакетот за 218.000 евра ќе продаде и имот на „Рузвелтова“, кој чини над 300.000 евра
Портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Димче Арсовски, на денешната прес-конференција рече дека СДСМ таргетирал, како што прецизира, трет важен објект на АД „Славија“ да го присвои преку купување на акциите од блиски луѓе на СДСМ.
„Објектот е зад мене, инаку стара ‘Славија’ на ‘Рузвелтова’“, рече Арсовски.
Потсети дека СДСМ сака АД „Славија“ да ја продаде за 218.535 евра, со целиот свој имот и земјишта и сите објекти што што вредат над 20 милиони евра.
„Замислете, оваа локација зад мене, трета што ја презентираме по ред, стара ‘Славија’ на ‘Рузвелтова’ позната помеѓу скопјани, изнесува стотици квадратни метри објект, кој е во постапка на приватизација, а кој потоа преку АД ‘Славија’ ќе може да изврши и откуп на земјиштето под објектот, односно со целиот двор што им следува. Јавно прашуваме дали оваа локација, која е на АД ‘Славија’, со стотици квадратни метри објекти и уште толку земјиште што треба да ѝ припадне на АД ‘Славија’, вреди многу повеќе од 218.000 евра? Да, вреди, само ова земјиште вреди многу повеќе од 218.000 евра за сумата за која сакаат целото земјиште и објектот да ги продадат. Само ова земјиште зад мене со објектот според одредени процени чини над 300.000 евра. Значи, 300.000 евра среде ‘Рузвелтова’ во Скопје“, додаде портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ.
Според него, тоа што се обидува власта да го направи со продажбата на АД „Славија“ е вистински криминал во најава, раскрчмување на државниот имот и обезвреднување пред продажбата.
Посочувајќи дека некој сериозно треба да одговара за тоа, Арсовски повика уште веднаш да се стопира одлуката за продажба на АД „Славија“ под вакви услови, каде што СДСМ, како што напомена, ќе ја оштети државата заедно со своите пиони што ќе бидат вмешани во овој криминал за 20 милиони евра, односно некој близок на СДСМ до власта ќе добие имот вреден над 20 милиони евра за само 218.000 евра.
„Откажување од продажба под вакви околности, инаку, доколку не се откаже, ќе има соодветни поднесоци до институциите за сите одговорни што ќе бидат директно или индиректно инволвирани во овој криминал во најава за да сносат одговорност. Нека изберат, чесна работа за граѓаните и државата или затвор“, потенцира Арсовски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Боки-13 за операцијата „Бумеранг“: поднесе кривични против Заев, Спасовски, Русковска
Бојан Јовановски-Боки 13 поднел кривични пријави против поранешниот премиер Зоран Заев, ексминистерот за внатрешни, Оливер Спасовски, и двајцата генерални секретари на СДСМ, поранешниот Александар Кирацовски и актуелниот Миле Зачевиќ, како и против поранешната шефица на Јавното обвинителство за гонење организиран криминал и корупција, Вилма Русковска.
Тој дошол во Обвинителството на покана на актуелниот шеф на оваа институција, Ислам Абази.
Најави дела кривично-правната операција е наречена „Бумеранг“.
„Сите мои наводи и описот на настаните ќе бидат материјализирани со докази што потекнуваат од мојот телефонски уред, кој ми беше одземен при моето апсење во предметот ‘Рекет’. Се работи за кривични дела што се однесуваат на злоупотреба на службената положба и овластувањето, за изборни измани, незаконско финансирање политичка партија, злоупотреба на јавните набавки“, додаде тој.
Најави и продолжение на предавање докази во писмена форма.
„Поднесена е кривична пријава и против Вилма Русковска за злоупотреба на службената положба, примање поткуп, примена на тортура. Зоран Заев е речиси во секоја пријава“, рече Јовановски.
Македонија
Мицкоски на средба со коалицијата: доби поддршка за почнување преговори за состав на идната влада
Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, денеска оствари средба со претседателите на партиите во состав на коалицијата „Твоја Македонија“.
Беше констатирано дека коалицијата оствари успешен и историски резултат, кој создава и одговорност за реализирање на очекувањата.
Мицкоски доби поддршка од претседателите на коалициските партии за почнување преговори за состав на идната влада.
Според заклучокот на состанокот, разговорите треба да се водат врз основа на постулати за забрзан економски развој на Македонија, силна борба против криминалот и корупцијата и европските интеграции врз база на принципи и вредности, соопштија од партијата.
Македонија
Лукаревска: СДСМ секогаш бил достоинствен поради зрелоста на неговите раководства да се соочат со поразот и одговорноста, јас не сакам да бидам исклучок
Изборните резултати ги искушуваат нашата искреност како политичари и искреноста на нашите зборови дека сме ја разбрале вашата порака, напиша на социјалните мрежи потпретседателката на СДСМ, Сања Лукаревска, откога неколку членови и партиски функционери во СДСМ претходно си поднесоа оставки.
СДСМ, додава таа, секогаш бил достоинствен и поради зрелоста на неговите раководства да се соочат со поразот и со одговорноста.
„Јас не сакам да бидам исклучок. Благодарам за укажаната доверба да бидам заменик-претседател на СДСМ. И таа должност ја извршував со почит, совесно, одговорно и чесно. Секако, со поддршка од сопартијците и незаменливата потпора од моите родители. Благодарам е најмалку што можам да им речам.
Горда сум што 8 мај беше празничен ден за демократијата. Тоа беше и суштината на борбата на СДСМ за ослободување од ‘заробената’ држава. Воедно, им благодарам на сите граѓани за секој глас за СДСМ, особено во Третата изборна единица. Вредна за внимание е и пораката од оние што не излегоа на гласање, како и на оние што гласаа против.
На ред е нашата внатрепартиска средба со вистината. На отчетниот конгрес на СДСМ неминовна e отворена, искрена и самокритична анализа на нашите погрешни чекори, на лошите кадровски решенија, како и за нашата немост за успешните политики што ги спроведовме во исклучително тешки услови предизвикани од светските кризи.
Го презедовме товарот и на тешките политички одлуки. Но, тоа е СДСМ кому државата, нејзината стабилност и иднина секогаш му биле пред сė друго. Така било. Така мора и да остане“, порача во напишаното Лукаревска.
Оценува дека на Македонија ѝ потребен СДСМ.
„Што побргу заедно ја консолидираме партијата толку побргу ќе можеме да кажеме – тука сме. Јас верувам во СДСМ, а уште повеќе во неговата сила да се реформира, да се обедини и да се подготви.
Честитки на победникот и на сите 120 пратеници.
Во искреното соочување со причините за изборниот пораз е нашата прва победа. Тоа е најмалку што им го должиме на сопартијците, на симпатизерите и поддржувачите на СДСМ, но и на демократска Македонија“, додава Лукаревска.