Македонија
(Видео) Ахмети и косовскиот министер за транспорт најавија пат меѓу Тетово и Призрен: „Средбата е на барање на Курти“
Лидерот на ДУИ, Али Ахмети на прес-конференцијата во седиштето на партијата во Тетово, го поздрави министерот за транспорт на Косово и му се заблагодари за средбата која како што кажа е по барање на косовскиот премиер, Албин Курти за да се продолжи комуникацијата меѓу државите.
– Оваа соработка да продолжи во интерес на двете наши земји. Преку секоја соработка помеѓу земјите во регионот силно се инвестира во правец на мирот, стабилноста и сигурната иднина на нашиот регион кој пред помалку од 20 години бил во немир, конфликти и војни со тешки последици, рече Ахмети.
„Пристапот кој денеска го имаме е придобивка за сите наши земји, но да биде успешен овој ангажман, во рамките на оваа посета имавме посебно внимание кон изградбата на патот меѓу Тетово и Призрен кој би бил од голема економска придобивка за двете земји, затоа што патиштата овозможуваат проток, кој овозможува поголема економија“, додаде тој.
Како што кажаа на прес-конференцијата, меѓувладини екипи сериозно работат на ова прашање, да се заврши побрзо проектирањето и да започне изградбата.
„Чекорите кои што треба да ги преземеме за патот кој што ќе ги поврзе Тетово и Призрен, пат кој има голем придонес и влијание за двете наши земји. Ние сме во фазата за постигнување на финансиски договор за проектирање на заедничкиот тунел меѓу двете земји и потоа да пристапиме кон реализацијата“, рече министерот од Косово.
Овој проект ги поврзува освен Призрен и Тетово и националните паркови од двете страни на границата додаде тој.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Поради јазични бариери одложено продолжението на конститутивната седница на работната група за реформи во изборното законодавство, кажа Филков
Поради технички причини денешната конститутивна седница на работната група за реформи во изборното законодавство беше одложена за следната недела. Министерот за правда Игор Филков изјави дека членовите на работната група не се впуштиле во материјална расправа затоа што прво треба да се утврди дневниот ред.
,,Иако денес требаше да биде одржана првата конститутивна седница на работната група за реформи во изборно законодавство на која требаше да се избере претседател, како и да се донесе предлог-деловник за утврдување на методологијата и динамиката на работење, сепак тоа не се случи поради одредени јазични бариери. Од дел од присутните претставници на политичките партии беше побарано материјалите да бидат преведени за полесно да можат да се разберат’’, рече Филков.
Филков се надева дека следната недела членовите ќе се усогласат за термин , ќе се избере претседател на работната група и ќе се отпочне со работа каде што сите ќе имаат можност да ги дадат своите предлози и сугестии за реформите во изборното законодавство.
Македонија
Сиљановска-Давкова-Грлиќ Радман: потврдена подготвеноста на Хрватска да придонесе кон забрзување на македонскиот евроинтеграциски процес
Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова денеска го прими Гордан Грлиќ Радман, министер за надворешни и европски работи на Република Хрватска, кој престојува во официјална посета на земјава.
Обајцата го потврдија цврстото македонско-хрватско пријателство коешто двете земји го негуваат повеќе од 3 децении, втемелено на взаемна почит и разбирање и реализирано низ политички дијалог и конструктивна соработка.
Претседателката искажа искрена благодарност за хрватското отворено и континуирано разбирање и поддршка на македонската интеграција, како и на принципиелниот став на Хрватска дека проширувањето на Унијата со Западен Балкан треба да се темели на реални заслуги, без билатерализација и вето.
Министерот Радман ја потврди подготвеноста на неговата држава да придонесе кон забрзување на македонскиот евроинтеграциски процес во рамките на Копенхашките критериуми, потенцирајќи дека македонската држава доби статус на кандидат за членство во ЕУ во март 2005 година, односно неколку месеци пред Хрватска.
Соговорниците очекуваат дека партнерството дополнително ќе се зајакне со Договорот за стратешка соработка со Владата на Република Хрватска, како и со претстојната официјална посета на Претседателката Сиљановска-Давкова на пријателска Хрватска, кон крајот на март.
Македонија
Уапсен тетовец: осомничен за лажни дојави за поставени бомби во образовни институции
Утрово во 09:10 часот во с.Палатица, тетовско, полициски службеници од одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал при Министерството за внатрешни работи во координација со полициски службеници од СВР Тетово го лишиле од слобода М.Р.(18) од село Палатица.
Тој се сомничи дека во повеќе наврати испраќал електронски пораки на повеќе образовни институции во Тетово дека во институциите има поставено експлозивни направи.
Полицијата соопшти дека по преземени мерки и извршени проверки е констатирано дека сите дојави за поставени бомби биле лажни.
Денеска, со сдуска наредба, бил извршен и претрес во неговиот дом во селото, при што биле одземени повеќе електронски уреди.
Лицето било приведено во полициска станица и по целосно расчистување и документирање на случаите, во координација со јавен обвинител против него ќе биде поднесена соодветна пријава.

