Македонија
(Видео) Бачев: Мицкоски глуми дека го брани името, а ветил дека нема да ги попречува уставните измени
,,Мицкоски сега излегува на протест бидејќи следуваат избори. Во кампањата за претседателските избори тоа ќе се користи, ќе вели дека бил против уставните измени. Ова што го прави ВМРО-ДПМНЕ е симптоматично. Мицкоски на странците им вели дека нема да им пречи во уставните измени, а во јавноста го лаже народот”, вели лидерот на Единствена Македонија и еден од организаторите на протестите „Македонија блокира“, Јанко Бачев.
,,Имавме едно вакво искуство од референдумот кога на самиот ден кога беше јасно дека нема да успее, Мицкоски рече дека нема да гласа, што остава сомнеж за неговите намери. Тој откако виде дека ‘Македонија блокира’ имаше таква посетеност на протестот вчера, излезе со цел да си бара алиби помеѓу членството на партијата. Факт е дека членството на ВМРО-ДПМНЕ е против уставните промени, но Мицкоски на странците им зборува едно, кажува дека нема да им пречи за промените, а во јавноста глуми пред членството дека го брани името”, вели Бачев.
Лидерот на Единствена Македонија вели дека доколку Мицкоски навистина бил против уставните измени, треба да го повика целото членство на протест, така со сигурност тие ќе бидат стопирани.
,,Тие како партија треба јавно да излезат и да го повикаат целото членство на протест. Доколку тука има 20 илјади луѓе ние ќе успееме во нашата намера да нема уставни промени”, вели Бачев.
Тој додаде дека има и следна фаза, односно алтернатива за стопирање на уставните измени доколку тие бидат изгласани, а тоа е претседателот Иванов. Според Бачев, претседателот има неколку опции да ги блокира уставните промени, меѓу кои и непотпишување на донесената одлука.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
АВМУ со реакција за заканите кон новинарот Александар Видиновски
Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги изразува сериозна загриженост за нападите, омаловажувањата и смртните закани упатени кон новинарот на Канал 5 Телевизија, Александар Видиновски, по неговата објава на социјалните мрежи во врска со непрописно паркирани возила на тротоарот пред Амбасадата на Република Бугарија во Скопје.
„Овие постапки претставуваат директен напад врз безбедноста на новинарите и сериозно загрозување на слободата на изразување и правото на јавноста да биде информирана. Новинарите имаат право и обврска да известуваат за прашања од јавен интерес, без да бидат изложени на притисоци, закани или насилство.
Особено загрижуваат смртните закани, кои претставуваат кривично дело и бараат итно и ефикасно постапување од надлежните институции. Очекуваме институциите со должно внимание да ги разгледаат овие случаи и да обезбедат соодветна заштита, со што ќе придонесат кон јасна и доследна практика дека заканите, говорот на омраза и онлајн насилството кон новинарите се недозволиви“, соопшти АВМУ.
Македонија
650 прекршоци регистрирани вчера преку „Безбеден град“, од нив 590 за пребрзо возење
Во текот на вчерашниот ден преку системот „Безбеден град“ констатирани се вкупно 650 прекршоци, извести МВР.
Од нив, за минување на црвено светло констатирани се вкупно 36 прекршоци, за возење со брзина поголема од дозволената констатирани се вкупно 590 прекршоци, а за нерегистрирани возила 24 прекршоци. При тоа изречени се вкупно 61 забрани за управување на моторно возило, информираше Министерството за внатрешни работи.
„Апелираме до сите учесници во сообраќајот да ги почитуваат сообраќајните правила и прописи и сите да придонесеме за безбеден сообраќај на територијата на целата држава“, соопшти МВР.
Македонија
Сиљановска-Давкова во Дубаи се обрати на Глобалниот форум за владини регулативи и правда
Регулативата не е само за контрола, туку станува збор за создавање предвидлив простор каде што општествената доверба може да расте, рече претседателката Гордана Сиљановска-Давкова во своето обраќање на Глобалниот форум за владини регулативи и правда, во рамки на Светскиот самит на владите во Дубаи.
Во обраќањето на тема „Законодавството како овозможувач на владеењето на правото“ таа посочи дека наместо да се потпираме на институционален илузионизам и да веруваме дека совршен закон на хартија е крајот на патот, треба да се фокусираме на напорна работа во годините пред нас – да изградиме институции што дишат, што се адаптираат и што им припаѓаат на луѓето.

Го претстави македонскиот случај и посочи дека државата веќе 25 години по потпишувањето на Договорот за стабилизација и асоцијација со Европската Унија, формално и правно се усогласува со Европската Унија, со нејзините институции, правила и регулативи, но и покрај тоа сме меѓу најдолгогодишните кандидати за полноправно членство во Европската Унија.
Но, усогласувањето, според претседателката, не го правиме само заради Брисел, туку и поради фактот што процедурите се гаранција за еднаквост. Кога ги усогласуваме нашите закони со европските стандарди, градиме систем во којшто правилата ја надживуваат власта, рече претседателката, истакнувајќи дека ова е разликата меѓу владеењето на човекот и владеењето на правото.

Посочи дека македонските институции остануваат инклузивни и посочи дека Националната стратегија за развој 2024 ‒ 2044 помага да ги калибрираме политиките и законите.

