Македонија
(Видео) Бајкерски адреналин и рок музика на мото собирот во Свети Николе

Супер е, одлично е, многу е убаво, секоја година поубаво … Вакви беа коментарите на оние кои го посетија петиот „Интернационален мото собир“ во Свети Николе. Над 2.000 моторџии и скоро 11.000 посетители го раздвижија малото градче во Овчеполието. За прв пат оваа година, настанот беше организиран во две дена.
„Имаме гости од повеќе држави, Србија, Црна Гора, Хрватска, Босна и Херцеговина, Словенија, Австрија, Грција, Бугарија, но се надеваме дека ќе дојдат и ненајавени, отворено е за сите! – изјави Борче Серафимовски, организатор од „Мото клуб Свети Николе“. Настанот е од е од значење за Општината, која застана со поддршка на мото собирот.
„Овој „Мото собир“ за Свети Николе значи многу, токму затоа Општината е покровител на оваа манифестација. Значи голема промоција на градот не само за публиката од Македонија, туку и пошироко. Ова е најголемиот собир на Балканот и им благодарам на ентузијастите од „Мото клуб Свети Николе“ кои се погрижија овој настан да добие ваква димензија, кажа Сашо Велковски, градоначалник на Свети Николе.
Организаторите на овој мото хепенинг се луѓе со големо срце кои активно се вклучуваат во многу хуманитарни активности, па очекувано и овој настан имаше хуманитарна основа, посветен на прерано починатиот член, Влатко Цветковски – Фафа.
Овој „Мото собир“ има хуманитарен карактер и е посветен на една млада личност која трагично го загуби животот пред два месеци во сообраќајна несреќа со мотор. Во негова чест, во негово сеќавање, овој „Мото собир“ е посветен на него“, додаде организаторот Борче Серафимовски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Спасовски вели дека ВМРО-ДПМНЕ ја злоупотребува трагедијата во Кочани, тврди дека не се јавил да спречи контрола

Пратеникот на СДСМ и поранешен министер за внатрешни работи, Оливер Спасовски денеска ги демантираше, како што вели, лагите изнесени на прес-конференција од страна на ВМРО-ДПМНЕ.
„Најостро ги демантирам лагите и манипулациите коишто ВМРО-ДПМНЕ ги пласира. Ги отфрлам како целосни невистини. Ова е класичен пример за очајна манипулација. Никогаш, ниту во еден момент, не сум се јавил за да спречам контрола, напротив, фактот што контроли имало насекаде е најсилна потврда дека ниту сум влијаел, ниту постои било каков обид за тоа.
Овие лаги кои ги шири власта се очаен обид на ВМРО-ДПМНЕ за последна злоупотреба на трагедијата во Кочани за политички цели, во момент кога јавноста веќе знае дека токму нивни функционери, од сите ешалони на власта, биле директно инволвирани во случајот ‘Пулс’ а сега се заштитени.
Сакам да им порачам дека со спинови и лаги не може да се побегне од фактот дека власта ја попречува правдата за трагедијата во Кочани”, стои во објавата на Спасовски.
Претходно, Викторија Андоновска од ВМРО-ДПМНЕ, на прес-конференција праша, дали Оливер Спасовски се јавувал во СВР Штип и барал да се р’же на полицијата во Кочани за спас на газдата на дискотеката Пулс? Што кријат ЈО и Коцевски?
Македонија
ВМРО-ДПМНЕ обвинува дека Спасовски го штител газдата на „Пулс“

Дали Оливер Спасовски се јавувал во СВР Штип и барал да се р’же на полицијата во Кочани за спас на газдата на дискотеката „Пулс“? Што кријат Јавното обвинителство и Коцевски? Овие прашања денеска на прес-конференција ги постави Викторија Андоновска од ВМРО-ДПМНЕ, повикувајќи се на информации, односно на наводна телефонска конверзација меѓу синот на сопственикот на т.н. кабаре „Пулс“ во Кочани и извесно лице што викендов беа објавени од дел од медиумите.
Според Андоновска овие, како што ги нарече, фрапантни сознанија покажуваат вмешаност на врвот на претходната Влада на СДСМ со нелегалното работење на „Пулс“, каде во пожар на 16 март годинава загинаа 62 лица, а повеќе од 200 беа повредени.
„Од конверзацијата се влече логичниот заклучок дека власта на СДС вешто го штитела газдата на „Пулс“, а во тоа биле вмешани и министри. Имено според објавеното во медиумите, на 17 февруари 2022 година, синот на газдата Дејан Јованов – Деко, Михаил, се јавува до извесна Бојана и ја известува дека Оливер Спасовски (тогашен министер за внатрешни работи) се јавувал во СВР Штип, за да ургира за дискотеката. И тоа со зборовите – ‘Оливер Спасовски се е јавувал у Штип у полицијата за нас’. По што Бојана го прашува Михаил зошто се јавувал Оливер Спасовски, дали за да ја намалат казната и за каква казна станува збор? По што Михаил ѝ кажува дека добил информација за казна која требало да им биде наплатена од УЈП, во висина од 40 000 евра ѝ дека ургенцијата била со цел да не им досадува полицијата. ‘И он кажал тој началникот од Кочани утре одма на информативен разговор да дојде … кај началникот за Источна Македонија… ќе им с’ржат малку… да се п….т“ завршува Михаил“, наведе Андоновска.
Во таа насока, таа го повика Јавното обвинителство и првиот човек на оваа институцијата, Љупчо Коцевски да кажат дали истражиле и дали го повикале ексминистерот за внатрешни работи Оливер Спасовски на информативен разговор, дали е извршена проверка во полицијата во Штип и Кочани и дали постоела негова ургенција.
„Дали ЈО и Љупчо Коцевски постапиле според закон, или го кријат и штитат Оливер Спасовски? ЈО и Љупчо Коцевски да не молчат.Каква е улогата на Оливер Спасовски во заштитата на газдата на дискотеката ‘Пулс’ и работата на дискотеката?“, рече Андоновска.
Македонија
Докторот снимен додека „меша бело“ доби поддршка од колегите не Клиниката за неврологија

Колегите од Клиниката за неврологија преку писмо изразуваат поддршка на проф. д-р Игор Кузмановски како одговор на неодамна објавениот компромитирачки материал со кој, како што велат се дискредитира неговата личност и апелираат како што посочуваат, за воздржаност во јавниот дискурс, за почит кон човековото достоинство и за поддршка која е во согласност со вредностите на медицинската заедница и општеството во целина. Кузмановски беше снимен како меша бела прашката материја, за која вели дека е „бело“ што асоцира на дрога.
Писмото ви го пренесуваме во целост:
-Ние, неговите колеги, ја изразуваме нашата професионална и човечка поддршка за Проф. д-р Кузмановски, кој во текот на своето долгогодишно раководење со клиниката, од 2012 -2017, комплетно ја реновираше клиниката, воведе поеќе дијагностички методи и иновативни тераписки процедури. Во секојдневната работа со пациентите и во комуникацијата со колегите, секогаш се однесувал со највисока стручност, одговорност и етичка посветеност. Ниту во еден момент не е забележано однесување кое би било недолично, несовесно или спротивно на професионалните стандарди.
Дури и во ситуации кога се појавуваат сомнежи или јавни дискусии за постапки кои би можеле да се толкуваат како спротивни на моралните и етички принципи на докторската професија, неговото професионално функционирање останува непоколебливо, водено од интегритет и грижа за пациентите.
Во духот на медицинската етика и човековото достоинство, сметаме дека секој поединец, особено во моменти на јавна изложеност и лична ранливост, заслужува поддршка, разбирање и соодветна психосоцијална помош. Наместо осуда, неопходно е да се поттикне сочувство – не само кон професионалецот, туку и кон неговото семејство, кое невино се соочува со последиците од јавната реакција.
Со ова писмо апелираме за воздржаност во јавниот дискурс, за почит кон човековото достоинство и за поддршка која е во согласност со вредностите на медицинската заедница и општеството во целина, стои во писмото со поддршка за проф. д-р Кузмановски од колегите од Клиника за неврологија.