Македонија
(Видео) Бејта: Муцунски и ВМРО ДПМНЕ неуставно ја узурпираат и ја партизираат дипломатијата
Владата на ВМРО-ДПМНЕ срамно, противуставно ја узурпира дипломатијата и ја претвора во продолжена рака на партијата, истакна на прес-конференција Фатон Бејта од комисијата за надворешни работи на СДСМ.
Според него, користејќи го парламентарно мнозинство, ВМРО-ДПМНЕ и министерот за надворешни работи Муцунски, прават директно мешање на законодавната во извршната власт, преку политички злоупотреби на Автентичното толкување на член 39 став 3 од Законот за надворешни работи.
Со ова толкување, како што наведе, се воспоставува обврска кандидатите за амбасадори задолжително пред надлежното работно тело во Собранието да ги презентираат своите согледувања за односите со државата на приемот или меѓународната организација.
„Без оваа процедура, не може да биде потпишан Указот за поставување на амбасадор од страна на претседателот на државата. Со тоа директно се ограничува уставната надлежност на претседателот на државата, имајќи предвид дека според член 84 алинеја 2 од Уставот, претседателот поставува и отповикува амбасадори со указ, без дополнителни услови или одобрувања.
Целта на ВМРО-ДПМНЕ е јасна – создаваат и измислуваат нов филтер, кој всушност е партиска проценка во Собранието за секој иден амбасадор. ВМРО ДПМНЕ сака да ја контролира и дипломатијата“.
Амбасадорите, додава тој, ќе бидат поставени по партиска лојалност, а не според стручноста и дипломатскиот капацитет, кој го поседуваат со што може да се стави во ризик меѓународното портфолио на државата.
„Со ваквиот чин МНР и НТ Муцунски враќаат професионални дипломати со цел да ги пополнат испразнетите амбасадорски места со „партиски војници“ на ВМРО ДПМНЕ и ВЛЕН“.
Го повика Муцунски и претседателката на државата да одговорат дали во Указите за отповикување на 9 наши амбасадори е наведено автентичното толкување на членот 39 став 3.
Според него, членот 45 јасно кажува под кои услови мандатот на амбасадорот може да трае пократко од 4 години – доколку самиот тоа го побара, ако е прогласен за persona non grata од страна на државата на приемот или ако има незадоволителни резултати во работата или со своето работење им причинува штета на интересите на државата.
Јасно е, подвлекува Бејта, ВМРО ДПМНЕ ја партизира и контролира и дипломатијата.
„Затоа наместо суштински, направија козметички измени на Законот за надворешни работи, со кои на Муцунски му се овозможува да продолжи да ги унапредува партиските војници на ВМРО во МНР и НТ.
И ова не е само политичко прашање, ова е прашање за заштита на уставниот поредок, институциите и достоинството на македонската дипломатија, нешто што ВМРО ДПМНЕ го става под своја партиска капа“.
СДСМ во консултација со правни експерти, како што најави, ќе ја разгледа можноста со цел оценување на Уставноста и законитоста на Автентично толкување на членот 39 од Законот за надворешни работи.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
МНР со апел: македонските државјани кои се наоѓаат на територијата на Мексико да го напуштат во првата безбедна прилика
Поради влошената безбедносна состојба во Мексико, Министерството за надворешни работи и надворешна трговија апелира до македонските државјани кои се наоѓаат на територијата на оваа држава, истата да ја напуштат во прва можна и безбедна прилика.
Истовремено, се препорачува одложување на сите патувања кон Мексико кои не се од итен и неопходен карактер.
„Министерството ги става на располагање сите свои капацитети за асистенција на државјаните на Република Северна Македонија, преку 24-часовниот СОС дежурен телефон: +389 75 268 736, електронската адреса: [email protected], како и преку дежурниот телефонски број на Дипломатско-конзуларното претставништво на Република Северна Македонија во Вашингтон: +1 (202) 758-7798 или на е-маил адресата: [email protected].
Министерството континуирано ја следи состојбата и навремено ќе ја информира јавноста“.
Македонија
Речиси 5.000 прекршоци регистрирани со „Безбеден град“ за една недела, најмногу за брзо возење
Во периодот од 16 до 22 февруари 2026 година, преку системот „Безбеден град“ на подрачјата на градовите и коридорите каде што се поставени камери, регистрирани се вкупно 4.910 сообраќајни прекршоци.
Најголем дел од прекршоците, односно 4.691, се однесуваат на управување возило со брзина поголема од дозволената. За минување на црвено светло евидентирани се 16 прекршоци, што претставува намалување од 51,5 отсто во споредба со претходната седмица, кога биле регистрирани 33 прекршоци. Во првата недела од месецот биле констатирани дури 163 прекршоци за минување на црвено светло, информира МВР.
За управување возило со измината важност на сообраќајната дозвола, констатирани се 203 прекршоци.
Во истиот период изречени се вкупно 117 мерки „забрана за управување со возило“, што е намалување од 20,9 отсто во однос на минатата седмица. Во првата недела од месецот биле изречени 288 вакви мерки.
Од вкупно 117 изречени мерки минатата седмица, 16 се за минување на црвено светло, а 101 за брзо возење. Од нив, 75 се за брзина поголема од 80 километри на час во населено место, 19 за надминување на дозволената брзина за повеќе од 10 километри на час, и седум за брзина поголема од 170 километри на час во ненаселено место.
Надлежните апелираат до сите учесници во сообраќајот да ги почитуваат сообраќајните правила и прописи, со цел заеднички да се придонесе кон побезбедни патишта.
Македонија
(Видео) Петрушевски: Местени тендери и аванси во Државната лотарија, Груби ќе се соочи со правдата
Пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Бране Петрушевски, на денешната прес-конференција изјави дека време е за одговорност и дека поранешниот прв вицепремиер Артан Груби ќе се соочи со правдата.
„По година и пол бегство, денеска на граничниот премин Блаце уапсен е Артан Груби, поранешен прв вицепремиер и министер во владата на СДС и ДУИ“, изјави Петрушевски.
Тој рече дека Груби важи за олицетворение на криминалот и корупцијата предводена од СДСM и ДУИ и додаде дека конечно ќе се соочи со правдата.
Петрушевски посочи дека, криминалот на Груби достигнал минимум 500 милиони денари или над 8 милиони евра, а дека постојат индиции оти сумата може да надмине десетици милиони евра.
„Дополнителен криминал на Груби заедно со неговиот другар Бајрами, тогашен директор на Државната лотарија освен што местеле милионски тендери, е исплаќање на аванси на деловни соработници“, рече Петрушевски.
Тој обвини дека СДСМ знаела за милионскиот криминал, но молчела за да ја одржи коалицијата на власт.
Од ВМРО-ДПМНЕ порачаа дека борбата против криминалот и корупцијата останува нивен приоритет и дека секој кој се огрешил пред законот, порано или подоцна ќе се соочи со правдата.

