Македонија
(Видео) Биков од ГEРБ: Македонија има нов идентитет, полесно променлив кој доживува криза
Во новата геополитичка реалност антибугарската теза во Северна Македонија ќе стане маргинална, како и луѓето што ја застапуваат. Антибугарската теза во Северна Македонија е антиевропска и тоа сè појасно ќе го гледа Европската Унија.
Големиот геополитички интерес на Софија е да биде на ист простор со македонското општество кое ни е најблиску.
Ова во интервју за „Бгнес“ го кажал Тома Биков, пратеник од ГЕРБ.
„Република Македонија во моментов е во процес на преминување од една во друга цивилизациска зона, од еден во друг геополитички простор. Овој тип на процес секогаш се поврзува со различни кризи, вклучително и со криза на идентитетот“, рекол Биков.
Тој посочи, како што пишува „Бгнес“, дека преминувањето од еден во друг геополитички простор акумулира нови слоеви на идентитет. Биков потсети дека кај нас овој процес се одвиваше од 1989 до 1997-1998 година, кога се разјаснуваше новиот слој на современиот бугарски идентитет. „Сè уште се сеќавам на 1989-1990 година, како мислевме, каква е нашата слика за западниот свет“, рече пратеникот од сега распуштеното 47. Народно собрание.
Според него, РСМ, која има посебен и нов идентитет, понов од бугарскиот и во оваа смисла полесно променлив, ги доживува сите кризи на преминување во геополитички простор, кој е непостоечкиот простор на поранешната Југославија кон европскиот и западниот простор. Каде сме.
„Мораме многу јасно да земеме предвид дека Бугарија и РСМ за првпат по 150 години спаѓаат во иста геополитичка зона. Ова не се случи откако се разделивме со Бугарија оставајќи ја Отоманската Империја, а Вардарска Македонија останува во неа, а потоа поминува низ Србија и Југославија. Сега имаме можност да се сретнеме по толку време“, нагласил Биков.
„Во новата геополитичка реалност во која ќе почне да живее РСМ, луѓето кои ја застапуваат официјалната позиција ќе станат маргинални.
Станува збор за таканаречената антибугарска теза. Сè повеќе ќе почне да станува антиевропска. Тоа многу јасно ќе се види во ЕУ“, рекол Биков.
Оние што ја застапуваат антибугарската теза сакаат да ја задржат РСМ во постјугословенскиот простор, каде што владее корупција, мобилизација и можности за правење секакви црни бизниси, оценил тој.
„Не е случајно што овој простор е во положбата во која е. Заостанат е, тоа е како лепенка на ЕУ. Не велам дека сме најразвиена земја, но Бугарија е многу поразлична од она што се случува таму. Ние како општество мора да ја прифатиме одговорноста и заложбата да ги воведеме нашите пријатели од РСМ во нивната нова геополитичка позиција“, потенцира Тома Биков и додава: „И мораме да го направиме тоа антибугарската теза навистина да стане маргинална. Како што се случи во Бугарија со официјалната комунистичка теза. Во моментов, официјалната теза, која важеше до 1989 година, е маргинална. Тоа не е официјално. Истото треба да се случи и во PCM. Потребно е време, потребен е труд од наша страна“.
Биков смета дека е позитивен фактот што Бугарија во последните година-две успеа да го формулира својот интерес. Тоа е поврзано со тоа што бугарските граѓани имаат еднакви права со сите останати таму. Но, тоа е најмалку од тоа.
Наш голем интерес е да бидеме во заедничка геополитичка зона со македонското општество кое ни е најблиску“, изјавил за „Бгнес“ Биков.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Oбвинувања за канабисот: ВМРО-ДПМНЕ бара истрага за лиценците, СДСМ прашува кој довзолил 5 тони дрога да ја поминат границата
Владејачката ВМРО-ДПМНЕ и опозициската СДСМ и утрово разменија обвинувања поврзани со лиценците за производство на канабис и со запленетата марихуана.
Од ВМРО-ДПМНЕ тврдат дека фирмата „ЦБД Медплант“ од Ново Село, од која, како што наведуваат, биле запленети околу 30 тони марихуана, добила лиценца во 2020 година, во период кога на власт биле Зоран Заев и Венко Филипче. Партијата наведува дека фирмата е директно поврзана со луѓе блиски до СДС и Заев и повикува Јавното обвинителство да ја испита поврзаноста на поранешни функционери со бизнисот со канабис.
„Постојат фотографии кои го прикажуваат Филипче во друштво со сопственикот, Тони Котев. Од вкупно околу 40 тони запленета марихуана, дури околу 30 тони се поврзуваат со оваа фирма или 70 отсто“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Партијата нагласува и дека измените на Правилникот за одгледување на канабис во 2023 година, отвораат прашања за законитоста на процесот. Од партијата бараат институционална одговорност.
Од друга страна, СДСМ обвинува дека власта се обидува да дефокусира и да го заташка случајот со 5 тони дрога што ја поминале македонската граница и завршиле во Србија. Според СДСМ, јавноста 16 дена чека одговор како дрогата ја поминала границата и кој ќе понесе одговорност.
„Премиерот Мицкоски лицитира со 25, 40, па и 100 тони запленета марихуана, наводно нелегално произведена. Ако навистина станува збор за нелегално производство од такви размери, тоа отвора уште посериозно прашање за одговорноста која мора да се прошири на повеќе институции токму во власта“, велат од СДСМ.
Партијата прашува како се произвела марихуана на површина од речиси 40 фудбалски стадиони, наводно нелегално, а институциите не знаеле, не провериле, не контролирале.
Македонија
ВМРО-ДПМНЕ повика на целосна истрага за модуларната болница во Тетово
ВМРО-ДПМНЕ обвинува дека Венко Филипче ја составил техничката спецификација за модуларната болница во Тетово без соодветен елаборат за електрична енергија и без целосно почитување на безбедносните стандарди.
Од партијата тврдат дека Светска банка одобрила 30 милиони евра за изградба на модуларните болници, додека реалната цена по која биле изградени објектите изнесувала околу 300.000 евра.
„Јавноста има право да знае каде завршиле парите и зошто профитот бил поважен од безбедноста на граѓаните“, наведуваат од ВМРО-ДПМНЕ, додавајќи дека во здравството не смеело да се дозволуваат калкулации и импровизации за остварување личен профит.
Партијата се повикува и на, како што наведуваат, јавно изнесени тврдења на поранешната обвинителка Лејла Кадриу, според кои во обвинението биле опфатени само медицинскиот и економскиот директор на тетовската болница, додека Филипче бил надлежен за техничката документација.
„Се поставува прашањето зошто бил заштитен од правосудните органи“, стои во соопштението.
Од ВМРО-ДПМНЕ бараат Јавното обвинителство, согласно законите и доказите, целосно, темелно и неселективно да го расветли случајот со модуларната болница во Тетово.
Македонија
Поплави во повеќе региони во земјава – евакуирани 220 лица во Кичево, критично во Форино, поплавени куќи, ниви, подруми
Центарот за управување со кризи (ЦУК) информира дека поради обилните врнежи од дожд се регистрирани поплави во повеќе региони во земјата, при што најкритична состојба има во Полошкиот регион и во Кичево.
Во Полошкиот регион, во Гостивар, екипи на противпожарната служба интервенирале во текот на целата ноќ. Најпогодено е селото Форино. Поплавени се и земјоделски површини во селата Чајле, Турчане, Врапчиште и Беловиште.
Во Југозападниот регион, во Кичево, на улицата „Прилепска“ е регистрирано најголемо поплавување на куќи, а евакуирани се 220 лица кои се сместени во спортската сала „Христо Узунов“. На улицата „29 Ноември“ во населбата Подварош, поплавени се подруми во повеќе куќи. Поплавени се и објекти на болницата во Кичево. Организирана е достава на храна и вода за загрозените лица со поддршка на Црвениот крст, а на терен работат екипи од полицијата, комуналното претпријатие и противпожарната служба.
Во Североисточниот регион, во Општина Липково, во дел од селото Опае поплавени се земјоделски површини поради излевање на Слупчанска Река, при што засега нема пријавени материјални штети. Поплавени земјоделски површини има и во селото Оризаре. Во Куманово, во селото Доброшане, на локацијата Шупли Камен кај мостот на Кумановска Река има насобрани пластични шишиња, но засега нема опасност од излевање на реката.
Во Скопскиот регион, во Општина Сарај состојбата утрово се следи и е мирна, додека во Општина Зелениково има минимално излевање на реката Вардар кај селата Пакошево и Ново Село, без непосредна опасност.
Во Југоисточниот регион, во Струмица, засега нема пријавени штети од врнежите од дожд. Пријавен е одрон кај селото Суви Лаки кон Берово и за истиот се известени надлежните служби.
Во Источниот регион, во Пробиштип, регистриран е прекин во снабдувањето со електрична енергија во селата Долни и Горни Стубол, а екипи на ЕВН работат на отстранување на дефектот.

