Македонија
(Видео) Блокадата на патот кон ЕУ ги дели македонските граѓани, интересот опаѓа, рече Пендаровски во Минхен
Претседателот Стево Пендаровски, во рамки на учеството на 60. Минхенска безбедносна конференција денеска говореше на панел-дискусијата „Фокус на Балканот“, на која учествуваа и претседателот на Црна Гора, Јаков Милатовиќ, премиерот на Република Албанија, Еди Рама и американската сенаторка Џејн Шахин, член на Комитетот за меѓународни односи на Сенатот на САД.
На настанот се диксутираше за перспективите за интеграција на земјите од Западен Балкан во Европската Унија, и можностите за деблокада на процесот.
Во однос на перспективите за промена на Уставот, како пречка за натамошно продолжување на интеграцијата на Северна Македонија, претседателот Пендаровски рече дека до одржувањето на изборите тоа нема да е можно, бидејќи земјата веќе е во т.н. техничка фаза со формирањето на преодната влада, чија единствена задача е организирањето на фер и демократски избори.
Пендаровски посочи на падот на интересот за ЕУ во регионот, посочувајќи го македонскиот пример, дека и по тешки компромиси, државата нема напредок во интеграцијата кон ЕУ.
Тој додаде дека Европската Унија не е прашање на денот години наназад во целиот регион на Западен Балкан, не само во Северна Македонија, посочувајќи дека блокадата на патот кон ЕУ носи поларизација и помеѓу самите македонски граѓани во однос на ЕУ, не само на етничка основа.
Говорниците на панелот посочија на потребата од обезбедување на јасна европска перспектива за државите-кандидати за членство во ЕУ, што позитивно ќе влијае на севкупната стабилност и просперитет на регионот.
На настанот беше истакната и важноста на поддршката што САД ја даваат на процесот на европска интеграција на земјите од регионот и за продолжување на реформската агенда во тој контекст.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
За осомничениот за убиството на братот и снаата се бара притвор
Јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Скопје до Основниот кривичен суд Скопје достави предлог за определување мерка притвор за лице осомничено дека сторило кривични дела убиство според член 123 став 2 точка 2 од Кривичниот законик.
Против лицето беше поведена истражна постапка откако на 14 мај, при вршење семејно насилство, во семејниот дом во Стајковци, тој со умисла ги лиши од живот својот брат и снаата.
Осомничениот прво ја нападнал снаата, удирајќи ја повеќе пати со метална шипка по главата, а потоа го пресретнал и братот на кого исто така со шипката му нанел смртоносни повреди.
„По настанот осомничениот беше хоспитализиран. Бидејќи со подобрување на неговата здравствена состојба постои опасност тој да се даде во бегство, јавниот обвинител оцени дека мерката притвор е неопходна за непречено водење на истрагата, па до судијата на претходна постапка достави предлог за определување таква мерка“, велат од Обвинителството.
Македонија
Села: Не е во ред тоа што се потенцира ДУИ, коалицијата е Европски фронт, од 9 партии
Зијадин Села од Алијанса за Албанците во интервју за Трилинг по изборите и изборните резултати и случувања, вели дека се работи за изборен инжинеринг и закрупнување на неколку политички сили. Според Села, не е во ред тоа што се потенцира ДУИ, коалицијата е Европски фронт, од 9 партии.
„Тука се најглавните албански партии. А дали сме подготвени за во опозиција, по демократските правила, тоа не го кажувааат политичките чинители, тоа го кажува народот, кој гласаше на 8 мај за Европскиот фронт да презема одговорности и да биде дел од власта“, вели Села.
Тој смета дека „погрешна е дефиницијата за коалицирање победник со победник, треба да е мандатар со победник. Победникот од македонската страна е дефиниран со Устав. Демографската реалност е за да има стабилност и да одиме напред, треба да се испочитува волјата на втората етничка заедница која е 30%, наспроти 54% кои се Македонците, според последниот попис“.
Додава дека Владата треба „да се изјасни во врска со обидот за изборен инженеринг. Според Пржинскиот договор, на техничкиот премиер е да обезбеди фер и демократски избори. Тие не се надвор од одлуките кои се носат во ДИК и Управен суд. Техничката влада е договор на најголемите политички партии“.
За тоа како Европскиот фронт ќе се однесува како опозиција во Собранието, Села вели „треба да се почитува желбата на граѓаните, не на Мицкоски. Ние ќе се однесуваме сразмерно на тоа како ќе биде решено. Не сакам да коментирам желби. Од ДИК се уште не се објавени мандатите, кој колку има. Се уште Мицкоски не е мандатар“.
Македонија
Денес малку сонце, па облачно, попладне нестабилно со пороен дожд и грмежи
Времето денес ќе биде сончево и топло со мала до умерена облачност. Ќе дува слаб до умерен ветер од јужен правец. Попладне наместа, особено во северните делови ќе биде нестабилно со пороен дожд и грмежи, а ќе има и услови за краткотрајно невреме со силен ветер и изолирана појава на град.
Во Скопје сончево и топло со мала до умерена облачност. Попладне во делови од котлината ќе биде нестабилно со пороен дожд и грмежи, а ќе има и услови за краткотрајно невреме. Минималната температура ќе се спушти до 10, а максималната ќе достигне до 27 степени.