Македонија
(Видео) Бочварски: Министерството за транспорт нема пропусти во случајот со „Беса транс“
Министерот за транспорт и врски Благој Бочварски информираше дека опожарениот автобус со регистарски таблици СК 0284 БА кој учествуваше во сообраќајната несреќа во Република Бугарија не е пријавен од сопственикот во единствената електронска база на податоци на Министерството и дека за истиот автобус не поседувал извод од лиценца, а за превозот на патници користел неважечки извод кој се однесувал за друг автобус.
Во врска со шпекулациите во јавноста како превозникот „Беса транс БТБ“ ја минувал границата, министерот Бочварски информираше дека изводот од лиценца со број 22679 што се јавува во електронскиот систем на Царинската управа, а кој бил користен за опожарениот автобус при излез од земјата, е број на извод од лиценца на друго возило со други регистарски таблички, исто така сопственост на превозникот „Беса транс БТБ“. Од тоа станува јасно дека превозникот вршел злоупотреба на извод од лиценца од друго возило, а во друг наврат ја прикажувал и лиценцата од фирмата и со тоа свесно ги прекршувал одредбите од Законот за превоз во патниот сообраќај.
Поради тоа Министерството за транспорт и врски ја одзеде лиценцата за вршење на дејност на превозникот „Беса транс БТБ“, истакна Бочварски и додаде дека на барање на Обвинителството, Министерството за транспорт и врски веќе ја предаде целосната документација за превозникот „Беса транс БТБ“ и дека во наредниот период ќе се постапува според барањата и потребите на Обвинителството.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Законот за високо образование нема да биде повлечен, јавнaта расправа продолжува
Министерката за образование и наука Весна Јаневска на пленарна седница изјави дека нема да го повлече нацрт-законот за високо образование.
Таа посочи дека во моментов се одржуваат јавни расправи на сите универзитети и дека нацрт-текстот е објавен на Единствениот национален електронски регистар на прописи (ЕНЕР), каде што сите засегнати страни можат да достават коментари.
На прашање од пратеничката од СДСМ, Бисера Костадиновска-Стојчевска, која изнесе забелешки, Јаневска одговори дека законот е „за добробит на сите“ и дека реакциите не можат да се генерализираат.
Според министерката, предлог-законот е усогласен со европски и светски стандарди и предвидува подобрување на студентските права, двегодишен мандат за универзитетските тела, можности за ангажман на демонстратори и вработување на студенти на проекти, како и поддршка за најдобрите студенти.
Јаневска нагласи дека членот 13 се однесува на заштита на автономијата на универзитетите и дека во изработката на текстот учествувале над 60 професори.
Македонија
Гаши во Стејт департментот: Верската хармонија во земјава како модел за општеството
Претседателот на Собранието, Африм Гаши, оствари средба со Мајкл Дозлер, раководител на Одделот за европски и евроазиски прашања во Канцеларијата за меѓународни верски слободи, како и со други претставници во Стејт департментот на САД.
За време на средбата, претседателот Гаши нагласи дека нашата земја ужива верска хармонија, која треба да служи како модел за унапредување на другите општествени односи. Беше дискутирано за важноста на толеранцијата и негувањето на верските вредности, а воедно и зачувувањето на секуларниот карактер на државата.
Дозлер изрази благодарност за моделот на хармонија што постои во земјата и нагласи понатамошна поддршка за иницијативите што промовираат мир и соработка.
Меѓу другото, беа дискутирани и искуствата и средбите одржани за време на последната посета на претседателот во Вашингтон (февруари 2026 година), каде што Гаши изрази благодарност за меѓудржавната соработка и партнерство.
Македонија
Гоце Наумовски стана нов уставен судија
Собранието со 63 гласа „за“, седум „против“ и без воздржани го избра професорот Гоце Наумовски за нов уставен судија, по што тој даде свечена изјава дека функцијата ќе ја извршува совесно, одговорно и во согласност со Уставот и законите.
Наумовски е редовен професор по римско право на Правниот факултет „Јустинијан Први“ при Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ – Скопје.
Доаѓа на местото на судијката Јадранка Дабовиќ-Анастасовска, која во декември поднесе оставка од функцијата судија на Уставниот суд, поради здравствени и лични причини.

