Македонија
(Видео) Бочварски: Завршуваме со изградба на 36 социјални станови во Виница
Завршуваме со изградбата на социјалната зграда во Виница за згрижување на 36 социјално ранливи категории на граѓани. Останува да се доработи партерното уредување и потоа да распишеме повик за распределба, истакна министерот за транспорт и врски Благој Бочварски при денешната посета во општина Виница.
Зградата е со инвестиција од 70 милиони денари, средства обезбедени од Владата на Република Северна Македонија.
„ Наскоро овде ќе бидет сместени 36 социјално ранливи категории на граѓани кои ќе добијат можност на подобри услови за живот. Задоволен сум што се работи интензивно, нашите очекување се дека оваа пролет ќе биде завршена за да можеме потоа да извршиме технички прием и да распишеме оглас за распределба. Се работи за инвестиција од 70 милиони денари што како догвороен орган се јавува АД за стопанисување со станбен и деловен простор”, изјави Благој Бочварски, министер за транспорт и врски.
Министерот потенцираше дека само во овој момент се градат преку 660 станови во 9 општини во државата.
„ Уште еден значаен проект кој го работиме е доградба на филтер станицата во општина Виница со кој ќе решиме горлив проблем со водоснабдувањето во населеното место Лески. Инвестицијата е 24 милиони денари, средства преку Министерството за транспорт и врски и очекувам дека во текот на летото ќе биде завршена оваа инвестиција”, истакна министерот Бочварски.
Овие проекти се многу значајни за развој на општината, за водоснабдувањето и згрижување на социјалните семејства, потенцира Ивица Димитров градоначалник на општина Виница.
„ Откако пред едан година оваа зграда започна да се гради, имаме доста заинтересирани наши сограѓани за аплицирање и добивање на стабeн простор се со цел да добијат пристојни услови за живеење. Во однос на проширувањето на филтер станицата тоа е многу значајно бидјеќи се подобрува снабдувањето со вода на жителите на Виница, населените места Јакимово, Лески и Црн Камен. Тоа значи дека сегашниот
капацитет од 110 литри во секунда со оваа инвестиција ќе се зголеми на 150 литри од секунда”, изјави Ивица Димитров градоначалник на општина Виница.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Законот за високо образование нема да биде повлечен, јавнaта расправа продолжува
Министерката за образование и наука Весна Јаневска на пленарна седница изјави дека нема да го повлече нацрт-законот за високо образование.
Таа посочи дека во моментов се одржуваат јавни расправи на сите универзитети и дека нацрт-текстот е објавен на Единствениот национален електронски регистар на прописи (ЕНЕР), каде што сите засегнати страни можат да достават коментари.
На прашање од пратеничката од СДСМ, Бисера Костадиновска-Стојчевска, која изнесе забелешки, Јаневска одговори дека законот е „за добробит на сите“ и дека реакциите не можат да се генерализираат.
Според министерката, предлог-законот е усогласен со европски и светски стандарди и предвидува подобрување на студентските права, двегодишен мандат за универзитетските тела, можности за ангажман на демонстратори и вработување на студенти на проекти, како и поддршка за најдобрите студенти.
Јаневска нагласи дека членот 13 се однесува на заштита на автономијата на универзитетите и дека во изработката на текстот учествувале над 60 професори.
Македонија
Гаши во Стејт департментот: Верската хармонија во земјава како модел за општеството
Претседателот на Собранието, Африм Гаши, оствари средба со Мајкл Дозлер, раководител на Одделот за европски и евроазиски прашања во Канцеларијата за меѓународни верски слободи, како и со други претставници во Стејт департментот на САД.
За време на средбата, претседателот Гаши нагласи дека нашата земја ужива верска хармонија, која треба да служи како модел за унапредување на другите општествени односи. Беше дискутирано за важноста на толеранцијата и негувањето на верските вредности, а воедно и зачувувањето на секуларниот карактер на државата.
Дозлер изрази благодарност за моделот на хармонија што постои во земјата и нагласи понатамошна поддршка за иницијативите што промовираат мир и соработка.
Меѓу другото, беа дискутирани и искуствата и средбите одржани за време на последната посета на претседателот во Вашингтон (февруари 2026 година), каде што Гаши изрази благодарност за меѓудржавната соработка и партнерство.
Македонија
Гоце Наумовски стана нов уставен судија
Собранието со 63 гласа „за“, седум „против“ и без воздржани го избра професорот Гоце Наумовски за нов уставен судија, по што тој даде свечена изјава дека функцијата ќе ја извршува совесно, одговорно и во согласност со Уставот и законите.
Наумовски е редовен професор по римско право на Правниот факултет „Јустинијан Први“ при Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ – Скопје.
Доаѓа на местото на судијката Јадранка Дабовиќ-Анастасовска, која во декември поднесе оставка од функцијата судија на Уставниот суд, поради здравствени и лични причини.

